Клаудио Гати, клозет-дописник на италијански весник од Њујорк, се дрзна да ги шпиунира трансакциите на двајца, за црната хроника сосема неинтересни луѓе, за да развие претпоставка дека тие две личности се - Елена Феранте. Од она што го направил поодвратно е само тоа што резултатот на своето цревно празнење на мозочните бразди го објавил во - New York Review of Books.
Историјата на книжевните псевдоними е долга речиси исто колку и историјата на книжевноста. Штом почнал да пишува, и штом почнал да измислува, човекот почуствувал потреба да го прикрива своето авторство или да му го припишува на некој друг. Таков е случајот, како што веруваат атеистите, и со Библијата и со Куранот, две величествени, многу интересни книги, чие авторство, во делови или во целост, му се припишува на - Бог. Под псевдоним отсекогаш се пишувани песни-подбивки, еретички списи, субверзивни романи, коишто авторите, доколку овие би се осудиле да ги потпишат, би ги однеле на клада или под бесилка. Псевдонимот е истовремен симбол и симптом на репресија и на слобода. Бираме друго име затоа што ни се заканува опасност, или го бираме и затоа што сме слободни тоа да го направиме. Во модерната културна историја, во последните 200 години, псевдонимот во многу случаи станал факт на авторскиот стил и на авторската особеност. Постојат, имено, уметници кои наоѓаат причина својата граѓанска личност да ја раздвојат од онаа креативната. Конечно, постојат и случаи кога личноста на креаторот не може да се сведе на една граѓанска личност (Можеби е таков случајот и со Елена Феранте)
Псевдонимите понекогаш ги разоткривале и полициски инспектори, доушници и платени иследници. Потоа писателите оделе во затвор и во логори. Но Клаудио Гати не ја презема таа одговорност Елена Феранте да ја испрати во Сибир или во Аушвиц. Тој само ја разголи и ја остави среде пат, очекувајќи признание од планетарната јавност. Дури и гневните критики и гадењето на кои наиде за него се признание. Тоа, впрочем, и беше целта. За награда би требало да го напикаат во гепек, да го однесат во некое неаполско предградие, да го соблечат гол и да го пуштат надвор, па нека се снаоѓа. Ви изгледа дека тоа е насилство над човек на какво не би требало да се повикува по весници? Да, секако сте во право. Но тој се послужил со исто такво насилство. Освен што ја разголи Елена Феранте, на луѓето им ги објави податоците од таканаречениот имотен лист, а воопшто немаше право на тоа.
Човекот кого малку ќе го провозите во гепек, а потоа гол ќе го исфрлите некаде во предградие, најверојатно ќе го преживее вашиот суров третман. Почеток е на октомври, можеби малку ќе се смрзне, машката гордост на очи на случајните минувачи ќе му се собере до подприродни димензии, но сè друго ќе излезе ок. Конечно, откако ќе преживеете нешто такво, животот ќе ви изгледа поубав. Таквите работи се добри и за имагинацијата. Така од новинар специјализиран за бројки и дијаграми може да стане и романсиер. Што во Америка и во Италија уште повеќе се цени.
Но може ли Елена Феранте да го преживее чинот на насилното разголување кој го изврши над неа Клаудио Гати? Тоа е прашање за писател, а може да го разбере и на него да одговори и добар читател (секако на книжевност, а не на прирачник за самопомош или на таблоид), секој оној кој е во состојба да замисли како изгледа тоа кога ќе те изместат од твојата личност и од твојот авторски лик. Над Елена Феранте е извршен, имено, најтешкиот чин на насилство кој може да се замисли, кој најверојатно нема да биде казнет. Не е само разоткриен еден псевдоним, туку е убиен еден важен писател. Труп, навистина, не постои, ниту пак злосторството кое произлегува од ваквото убиство е опишано во учебниците по кривично право. До толку повеќе, ова е случај за книжевност и за весници. И тоа за добри весници.
Еве, веќе слушам дрдорења дека имало јавен интерес за разоткривање на Елена Феранте. Е, немало! Евентуално постоела јавна љубопитност, и тоа меѓу челад која, навистина, не ја читала Елена Феранте, ама ете, ја интересира која е таа жена. Да не е Нивес Целзиус можеби пречесната Симоница? Каков би бил, ве молам, јавниот интерес од тоа кој тупаџија или која тупаџијка е скриена зад една интересна авторка? Разоткривањето на нејзиниот псевдоним е еднакво секси колку и тоа кога во весниците ќе прочитате кој е убиецот во најновиот холивудски филм. Или како завршил натпреварот чија снимка се подготвувате да ја погледнете.
Автор: Миљенко Јерговиќ