На сртовите на планината Калафат, во недопрена и непристапна природа недалеку од Сврљиг во Србија се наоѓа три километри долгата пештера Самар, формирана од Копајската река. Оваа понорница се влева во пештера на место каде над влезот се наоѓа тн. „прераст“, специфичен геолошки облик - природен камен мост. Неговиот лак со ширина од 25 метри се надвиснува над влезот на пештерата во висина од 15 метри. Од тука, од влезот води главниот канал на пештерата кој на места изгледа како кањон, со вирови и каскади. Поради ова, но и поради бројните препреки и лавиринти, не се препорачува самостоен влез и разгледување на пештерата.
Таа е позната и по тоа што во неа е пронајден до сега најдобро зачуван череп од пештерски лав во Србија. Целиот пештерски систем на којшто му припаѓа е под заштита на државата.
Сепак, најголема популарност ова место доживеа во 1969, поради подвигот на тогаш младиот српски спелеолог, Милутин Вељковиќ, кој тука го постави светскиот рекорд во непрекинат престој под земја, кој до тогаш го држел Французот Анри Фију со 109 денови.
На денот на влезот во пештерата, во јуни 1969, Милутин имал 34 години, а под земја минал неверојатни 464 денови. На овој чекор се одлучил доброволно, истовремено реализирајќи и научен експеримент. Во пештерата Самар бил заѕидан, а од неа излегол по цели 15 месеци. Тогаш е запишан во Гинисовата книга на рекорди а неговиот подвиг до денес не е соборен.
Излегувањето на Милутин од пештерата го проследиле на лице место неколку илјади луѓе. Селаните пак со него во текот на престојот под земја одржувале контакт со радио-врска. Во текот на долгиот период тој се хранел од конзерви и со двопек и имал минимално осветлување. Имал доволно количества лекови, плинска боца, микроскоп, машина за куцање и инструменти за мерење на температура и влага.
Во текот на престојот во пештерата тој се занимавал и со археолошки ископувања. Пронашол човечка вилица, копје на воин од неутврден историски период, голем број животински коски, некои од сосема непознати животни.
По излегувањето од подземјето напишал и книга под наслов „Под каменото небо“, дневник кој го водел во текот на самувањето. Во неа како во пандан на денешните документарци за преживување, тој опишува секојдневни нешта, како варење кафе или собирање на пештерска фауна, но и некои подраматични настани, на пример како самиот на себе си извадил заб, борба со надојдена вода, повремените халуцинации. Електричарот, спелеолог и студент по физика кој уште како момче се криел по подруми читајќи ги Његош и Максим Горки станал медиумска ѕвезда. Починал во 2011 во САД. Имал четири деца од четири брака.