Се викал Сесил Чаб (Cecil Chubb), бил адвокат и имал натрупано значајно богатство кое сакал да го инвестира во недвижнини. Но и самиот не бил свесен дека во таа 1915-та , кога присуствувал на лицитација во Салсбери, ќе има можност да го купи мистериозниот куп камења во Витшир, Англија, попознато под името Стоунхенџ. Имотот бил во приватни раце уште од времето на владеењето на Хенри Осми, а во тој момент сопственик било семејството Антробас, кое наплаќало билет за посета на местото кое било оградено откако неколку пати се случило да биде вандализирано. Но кога последниот член на фамилијата починал, Стоунхенџ и околното земјиште било понудено на продажба.
Кога Чаб сфатил дека имотот е на списокот, ја исокристил можноста, нудејќи околу 200.000 денешни евра. Некои сметаат дека неговата намера била ова да биде подарок за неговата жена, Мери, иако можеби бил делумно мотивиран и поради гласините дека некој Американец им фрлил мерак на карпите, па дури и сакал да ги пренесува во САД. Што од патриотски, што од семејни причини, тој успеал во наддавањето, а на новинарите им рекол дека планира да продолжи да наплаќа влез пред евентуално да го препродаде.
Во 1918 тој сепак се одлучил да го предаде имотот на британската влада. Инсистирал дека билетот за посета никогаш не смее да биде повеќе од 1 шилинг и дека локалците никогаш не треба да плаќаат за влез. Со инфлацијата денес билетите за ворасни се околу 25 евра.
Чаб бил познат по својата великодушност, но за истото бил награден со титула витез. Го добил и прекарот Виконт Стоунхенџ. Починал во 1934. Што се однесува до жена му, Мери, се раскажувало дека таа не била воопшто импресионирана од ваквата инвестиција, особено затоа што Чаб наводно искористил дел од нејзиното семејно богатство.