Во соопштение од Универзитетот во Саутхемптон, Британија, се вели дека неговите истражувачи успеале да складираат цел човечки геном на една единствена кружна плочка - мемориски кристал кој според проценките може да трае вечно.
Тимот се надева дека ова може да послужи како шема за „воскреснување“ на човештвото, доколку се случи, како во сегашните научно-фантастични филмови, тоа да биде збришано од лицето на земјата, милиони па дури и милијарди години во иднината.
Технологијата може да биде искористена и за создавање траен запис на геномите на загрозени растителни и животински видови на кои им се заканува исчезнување (тип: вечен јабучар?).
5Д меморискиот кристал е развиен од Центарот за оптоелектроника на Универзитетот Саутхемптон. За разлика од другите формати за складирање, кои деградираат со текот на времето, овој може да собере 360 терабајти информации (во максималната опција) без загуби, дури и на највисоки температури. Тој го држи Гинисовиот светски рекорд (доделен во 2014) за најтраен дата складишен материјал.
Кристалот е еквивалентен на фузиран кварц, еден од хемиски и термално најтрајните материјали на Земјата. Може да издржи и екстремно високи и екстремно ниски температури, на пример до 1000 степени Целзиусови. Исто така е отпорен на удари (до 10 тони на квадратен сантиментар).
За нанесување на податоците се коритат ултра-брзи ласери, а тие се со големина од 20 нанометри. Терминот 5Д се однесува на две оптички димензии и три просторни координати кои се користат за впишување на материјалот. Кристалот ќе се чува во Архивата на меморијата на човештвото - специјална временска капсула во рудник на сол во Халштат, Австрија. Визуелните назнаки би му дале насоки на оној што ќе го пронајде кристалот на што се однесува истиот и како би можел да се искористи.
Да се надеваме дека нема да има потреба да се реставрира човештвото од него?