Зошто баш така, а не „обично", не ни е баш јасно, ама ако тоа им е ќеф, и нам ни е. Особено кога за тоа на нивниот блог објавуваат повеќе фотографии отколку книжевни рецензии.
Topless Pulp Fiction Appreciation Society ги користи либералните законски одредби на градот Њујорк, кој дозволува шетање без прслук по парковите и улиците, и за да не испадне дека егзибиционизмот на нивните членови (читај: членки) е безидеен и индивидуален, одлучиле да формираат здружение кое ќе ја обедини љубовта кон сопственото (и туѓото) тело, и читањето „лесна" литература.
Додуша, не е баш сè палп фикшн од нивниот читачки репертоар: „Стаклено ѕвоно" од Силвија Плат, „Возљубен" од Тони Морисон, „Бескраен виц" на Дејвид Фостер Валас..Колку што успеавме да забележиме сите се млади и финки, а единствениот член на клубот-маж чиј долен дел од телото беше фатен на фотографија делуваше како навистина да е задлабочен во читањето. Ако сакате да си ја челичите читачката концентрација, ова е вистинскиот клуб за вас. Тоа што мора да се појде дури до Њујорк во отсуство на слично здружение во Скопје, Македонски Брод или Радовиш сепак мислиме дека се исплати.