Читатели и пријатели бираат: што им ја одбележа културната 2014?

Наместо ние да бираме што беше најдобро, замоливме неколкумина да ни кажат што културно ги возбудило, израдувало, допрело во 2014. Не баравме нешто помпезно, во смисла на „настан на годината", туку некое, макар мало, но убаво искуство. Еве што ни рекоа:

Леонид Ристев, адвокат и хедонист

Oваа година запознав две нови другарки-убавици: Тоскана и Прованса. Не е некое конкретно парче уметност, но беше класичен culture shock, културен шамар и бакнеж во исто време. Открив луѓе кои живеат под системски хедонизам, кои се раѓаат со пасија за финото, открив места каде уметноста на живеење се пренесува од колено на колено, каде владее култот кон добрата кујна. Таму естетиката е религија, а романтиката вистинска, од утро до мрак. Тоа е моето културно доживување за 2014.

Марина Костова, новинарка

Концертот на Fire! Orchestra на Скопскиот Џез фестивал. Првпат го имав чувството дека во Скопје слушам музика што допрва ќе дојде. Фантастичен концепт - бука, амелодија и мелодија - перфектна фузија на цела историја на современа музика во едно, експлозивно енергична изведба. Тотална уметност.

Драган Денковски, читач и читател

Боксот кој Трики му го фукна на досадњаковиќот кој не сфаќаше дека треба да се мане од бината. Ист таков ќе им подарев на повеќето од моето опкружување во публиката. Дрдореа и галамеа, се жваќкаа и фаќкаа, а беа застанати во предната половина на салата за да си ги уживаат Трики-евите фестивалски претходници (Лет 3) и следбеници (Бед Копи).

Тупаницата си ја сфатив и кон себе: да преферирам самостојни концерти наспроти коктел-буќкуриш циркуси и панаѓуријади.

Сенка Наумовска, докторка вработена во НУБ

Инсталацијава на која може да и позавидат нашиве концептуалци е дело на работници од Комуналец... срцево е од паднати лисја, но е полно со живот...

... секојдневно поминуваме покрај овие безимени суштества, не забележувајќи ги и не размислувајќи што им се крие во душичките, срценцата...

место: тревник во карпош 4
време: крај на ноември, попладне,
автори: овие креативни работници едвај видливи во заднина, потпрени на своите гребла
случаен модел е ќерката на другарка ми

Илија Упалевски, културолог и битолчанец

Телескопски гледано тоа би бил киевскиот Мајдан – точката од културниот универзум во којашто секој антрополог/истражувач/интерпретатор на културата/народот/етничноста би сакал да се најде. Ако веќе треба да го терам орото „space" метафори, тогаш ќе речам дека киевскиот Мајдан беше/е пример за кулуролошки сингуларитет, центар на една културна/национална црна дупка – максимум симболизам на минимум простор, точка во којашто се пресекуваат множества време-простори, интерпретации, нарации, имагинации, идеологизации, симболизации, аудио-визуелни проекции на националното/етничното. Можеби некому ќе му звучи претерано, ама тоа беше и настанот што предизвика еден гео-политички биг-бенг од помали размери.

Микроскопски гледано, тоа ќе бидат два настани – едно мартовско претпладне кога во декадентниот, криминоген центар на варшавската населба Вола поштарот го донесе последниот роман на Владимир Костов "Дива мисла", и една ноемвриска вечер кога со женската ги изгледавме, еден по друг, The Hunger Games: Mockingjay и Interstellar во киното на Центарот за Култура-Битола, веројатно највредното културно островче во градот на зомби-конзулите.

Андриана Драговиќ, уредничка во „Табернакул"

Локална синестезија:

Планинска чешма.
Го слушам гласот на
оној што молчел.
(Владимир Мартиновски, Чешма)

Постојат празнини за кои жалиме, знаеш, а не би требало. Празнини со кои суштината се храни.
(Дарјан Раденковиќ, Нашата мала шеесет и осма)

Nik Bärtsch's Ronin Rhythm Clan, SJF 2014

Павла над амбисот (реж. Матјаж Пограјц), МОТ 2014

Ане Тунтев, физичар и филмофил

Фала на прашањето, еве го мојот многу краток одговор:

Филмот по кој ќе биде запаметена 2014 година се вика „Boyhood" (Момчештво).

Татјана Б. Ефтимоска, професорка и нормален лектор

Во април дојде Дубравка Угрешиќ. Многу ѝ се израдував, зашто уште од времето кога ги прочитав нејзините есеи „Забрането читање" знаев дека се зезнав што не го послушав насловот на книгата: станав „дубравкистка" . Додека ја слушав, се чувствував како некогаш кога бев студентка на предавањата кај професорите што ги почитував до восхит. За награда добив дури и потпис и посвета на романот „Музеј на безусловното предавање".

Во октомври, на Германскиот филмски фестивал, го гледав филмот „Хана Арент", за авторката на „Ајхман во Ерусалим". Одличен! Таа, бескрајно храбра личност, тврди дека тоталитарното зло не се создава од монструозност, туку од послушност, непреземање ништо и, најмногу, од неспособност за размислување. Сето она што овде, под ова мало македонско небо, си го негуваме 'на ангро'. Се исплашив, вистински.

Aна Голејшка, поетеса 1

10ти декември. Студентски протест, Скопје радост ти ќе бидеш и со срцето напред. Енергија која уште ја чувствувам, наплив на емоции, храброст и отворени прашања. Наспроти цела сомничавост и обиди за саботажа, овие млади луѓе докажаа како слободниот ум создава нов ветер.

Настан за сите, за сите нас. Пролет среде зима.

17ти јуни - дождови до колена, јас го промовирам своето првенче во МКЦ. Збирка поезија за собирани стихови со години. Конечно се роди Љубов на улица. Последица за цел живот, нормално во насмевка.

Љубовта, ми е настан, богами.

Д. А. Лори, поетеса 2

Првиот ден од летото, ми излезе книгата од печат. Радости.
Ден по црн Св.Јован ми беше промоцијата,
со најубавите луѓе на светот, дури и небово ми беше наклонето,не заврна.

Две недели пред истекот на оваа 2014, почина мојот пријател Игор Исаковски, ветрот. Ме пеплоса.
Среќа што годинава исто така ја прочитав Летала, од Такер Цимерман:

KITES

the thing about these kites
swooping and dipping
above the sand-packed beach
is that after you look at them
for an hour or two
you start to see the wind

Адо, познавач

Вадада Лио Смит со Хардеџ - затоа што со минимални звуци ги збришаа времето и просторот. Мајсторија за мир во душата и мир во светот.
Јупитер и Оквес Интернешанал - затоа што постои музика и музика со зовриена коскена срж за буткање вилици и мрдање газови.
Нов албум на Пекинезери - затоа што е возбудлив и оригинален. Не затоа што ми се другари.
"До Балчак" - затоа што има сцени кои што ми направија многу мерак.
Дежуловиќ на македонски - затоа што е многу паметен и вреден заебант што разглаба сериозни теми како тоа да е најлесно на свет.
Гужвите на Синедејс - затоа што народецот треба да се турка за влез во кино, а не пред кладилници и аптеки.
Маските на Вевчанци - затоа што ми ја тресат душичката.
Филмовите на Кирчо Арсовски - затоа што Трачер ибер алес.

Румена Бужаровска, писателка

Годинава заврши последната сезона од серијата Boardwalk Empire. И така му дојде крајот на едно историско, културно, книжевно патешествие со визуелната убавина на врвно уметничко дело и со волшепството на најинтимниот театар, и кога заврши, плачев.

Kaнтар МК, научник од дијаспората

1. Музичките изданија на Шарла Рекордс, затоа што се најсвежиот бран на македонската музичка сцена 2. Љубојна, затоа што секогаш знаат да ми го наполнат срцето на концерт 3. Синедејс, затоа што донесоа во Скопје филмска селекција на која можат да ѝ позавидат и многу поголеми културни метрополи

Илина, Букбокс

Културен настан на годината ми е што низ неа минавме живи и здрави. Во новата со многу сила, и со ум.

Кои беа ваши културни настани на изминатата година? Пишете ни тука. 

25 декември 2014 - 08:36