Во 2002 излегува книгата „Стрип-запис со човечки лик“ на писателот и стрип-хроничар Томислав Османли. Во него е наведена информација дека автор на најстариот стрип на територија на тогашна Вардарска Македонија е Жељко (Желимир) Книвалд, кој во учебната 1937-38 година, на една од осумте страници на ѕидниот весник на Втората машка гимназија во Скопје, кадешто самиот учи, објавува два стрип панела. На нив се прикажани ситуации типични за средношколци од сите времиња, едниот со наслов „После писмената задача“, а вториот „После петтиот час - потера по капути“.
Ова за Александар Стеванов, за чии историографски потраги по податоци за стрипот во Македонија пишувавме и претходно (во осврт за „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“), претставува фрлена ракавица. Но не за двобој, туку за откривање повеќе детали за тоа кој точно бил Желимир, кое е потеклото на презимето Книвалд, како течел неговиот живот после таа 1938-ма, и дали можеби и по средношколските денови се занимавал со цртање.
Начинот на кој е опишана потрагата и самата може да добие форма на стрип или на возбудлив документарец. Стеванов, како оние ретки индивидуи кои безусловно ја следат својата страст, не штеди време и енергија да ги контактира (дури - колку необично! - и преку рачно пишувани писма) потенцијалните роднини на Желимир, кои ги лоцира според необичното презиме кое денес се среќава во неколку поранешни југословенски републики, да копа по онлајн и по физички архиви и со талент и упорност на приватен детектив да ја состави сложувалката на животот и делото на овој човек.
Иако сме во искушение да го сториме тоа, сепак во овој осврт ќе ги прескокнеме деталите за резултатите на потрагата, а за да не им го расипеме уживањето на оние кои допрва ќе ги читаат белешките за авторот на првиот стрип создаден во Македонија. Книгата е двојазична (македонски и англиски), богато опремена со референци, фусноти и индекс на поими, а содржи и дел со фотографии од (да, пронајдениот) Желимир кој - ќе си дозволиме само еден спојлер - својот возрасен живот го поминал како аптекар во Пула.
Сепак, изданието не е само приказна за еден единствен човек и неговото заслужено место во историјата на стрипот. Никој, па ни Желимир, не дејствувал во вакуум, па книгата го опишува и контекстот во кој е создаван тој негов по обем скромен, но по стил мошне современ стрип за годините во кој е создаван. Имено, како тогашен ученик во 7-ми клас (денешна втора средно), тој имал можност да биде во контакт со светските текови на тогашната стрип-индустрија, бидејќи издаваштвото во Југославија од триесеттите години на минатиот век не заостанувало премногу зад него.
Во поддршка на ова тврдење Стеванов го наведува примерот на „Детектив Икс-9“ кој на страниците на белградска Политика излегувал од октомври 1934, неполна година по неговата премиера во САД. Иако тоа е време кога супер хероите полека го заземаат главното стриповско место, ликовите на панелите на Книвалд не се ни Супермен ни Бетмен, туку обични ученици, сега поставени во прв план, во еден општ калабалак на тела и движења, како во своевидна „комична Герника“. Бидејќи станува збор за машка гимназија, на нив логично има и само машки ликови, а тие се претставени како длабоко загрижени (на панелот каде ги очекуваат резултатите од писмената), но и видно „раздрагани“, бунтовни, како на втората слика, под која иронично пишува: „На учениците им е забрането по училниците и ходниците да трчаат, скокаат и да викаат и воопшто да го пореметуваат редот“. Точно она што тие го прават на цртежот.
Стеванов ни откри и уште еден куриозитет поврзан со неговиот потфат: „Во периодот кога книгата се објави се навршуваа 100 години од раѓањето на Книвалд (се погоди и месецот). При нејзиното пишување не беше планирано да биде јубилејна, се погоди случајно. Друга интересна тривија со годишнини е дека името на Книвалд за првпат пред јавноста е објавено од Томислав Османли во 1987 година на 50-годишнината од создавањето на стрипот со кој Книвалд влегува во историјата на македонскиот стрип. Го немам прашано Османли, но веројатно и кај него се погодило непланирано.“
Случајно или не, духот на Книвалд чекал цел век неговата приказна да стигне до нас и до денешните млади стрип-цртачи, за кои таа можеби ќе биде инспирација.
* Книгата може да се купи во стрип-книжарницата Бункер и во книжарницата „Арт кафе“ во Штип.
Илина, Букбокс