Има нешто во читањето на овој роман, кој веднаш по излегувањето во 2019 се најде на првото место на Њујорк Тајмс (а наскоро според него ќе се прави и Нетфликс серија), што е слично и кај повеќето современи бестселери, популарни серии и филмови: чувството дека е правен по алгоритам, „рамковно“, така за во него да се препознаат повеќе целни групи - потенцијални читатели и, и покрај вознемирувачката премиса и по некој трагичен детал, пораката да биде оптимистичка и инспиративна, како говор на лајф-коуч или мотивациски постер со водопади и планински пејзаж во тазе варосан стан, подготвен за издавање.
Сепак, ваквиот метод во рацете на вистински талентиран писател, луциден и со брзопотезен смисол за хумор, станува само рамка за топла човечка приказна, во која ќе се препознаат не „целни групи“, туку реални луѓе, дезориентирани и вознемирени од мали и големи секојдневни проблеми и предизвици.
Родител кој има еден таков мал а огромен проблем - да ја плати месечната кирија за социјалните служби да не му ги одземат децата - става фантомка и решава да ограби банка. Но наместо тоа завршува во стан со агентка за недвижнини и неколкумина потенцијални купувачи на кои, исто како и нему, од тој момент денот им тргнува во поинаков правец.
Двајцата полицајци кои добиваат задача да испреговараат со „киднаперот“ се татко и син, Џим и Џек, кои се до толку неискусни во вакви ситуации што мораат да Гуглаат што да прават. Бавноста на нивните реакции на оние во станот им дава можност подобро да се запознаат. Ана-Лена и Роџер се пензиониран пар кој купува, реновира и потоа продава станови за да си го исполни животот. Џулија и Ро се лезбејски пар кој очекува дете, што е извор на нивната анксиозност. Зара има одлична позиција на директор во банка, но е осамена, трауматизирана од случка во минатото. 87-годишната Естел е бабичка која до пред крајот не сфаќаме како се нашла во целата таа ситуација, а дополнителна збрка прави и самата агентка за недвижнини, чија агенција има прекрасно име - „Положба“.
Има тука и уште по некој лик чие именување и опис би претставувале спојлер за приказната. Накратко, принципот е дека никој и ништо не е баш онакво какво што изгледа, и дека зад сечија фасада има човечка приказна која ги објаснува па можеби дури и ги оправдува нивните однесувања. Низ нив Бакман ни претставува цела палета на често тотално контрадикторни но, парадоксално, истовремено вистинити ставови во врска со бракот, родителството, љубовта, животот. А најчестиот заклучок по испробувањето на различни рецепти за излегување на крај со сите овие тешки теми е - „Не требаше вака да излезе“.
Книгата ни асоцираше и на две други нешта. Прво - тн. „Стокхолмски синдром“ на зближување на заложниците со нивниот киднапер, во случајов не метафорично туку буквално. Втората асоцијација е на „Долг пат кон дното“ на Ник Хорнби (за којашто пишувавме тука), во која неколкумина кои планираат самоубиство на Нова година со фрлање од највисоката зграда во Лондон е зачеток на необично „здружение“, што на сите четворица им дава мотив за живот. Сличен катарзичен момент е искористен и во „Вознемирени луѓе“ за да ги соочи ликовите со нивните најдлабоки желби и стравови и од дното да ги извлече на површината, малку помалку вознемирени, и малку помалку сами.
Илина, Букбокс
издавач: Антолог
превод од шведски: Ивица Челиковиќ