Букбокс читанка

„РОДЕНИ ЗА ТРЧАЊЕ: скриено племе, суператлети и најголемата трка која светот ја нема видено“ од Кристофер МекДугал

„Што зборувам кога зборувам за трчањето" на Мураками, за која веќе пишував, не ме поттикна да почнам да трчам. Но затоа ме потсети на една друга книга на истата тема која подолго ми стоеше во е-ридерот, кого не научив да го засакам. Ја нарачав на хартија, и не зажалив.

Ова е прва книга на МекДугал, новинар и поранешен воен репортер за Associated Press, а сега соработник на списанието Men's Health и Runners World. И самиот тркач, тој во еден момент заради повреда почнува малку повеќе да го истражува очигледниот јаз помеѓу современото трчање на долги стази, со сета обемна технологија и рекламна индустрија која стои зад него, и древните, таканаречени „примитивни" начини - со боси нозе и заради ќеф.

Серија настани, детално опишани во книгата, го носат во „Бакарните кањони" на Мексико, каде живее племето Тарахумара - затворена и мирољубива заедница среде негостољубив предел, кого освен нив го населуваат отровни змии и мафијашки картели кои ги користат недостапните кањони како засолништа. Во овој своевиден „Бермудски триаголник" влегле и никогаш не излегле бројни авантуристи и љубопитници, како на пример Емброуз Бирс, авторот на сатиричниот „Ѓаволов речник", кој во 1913 заминал за овие предели за да известува за мексиканската револуција, и никогаш веќе не бил виден. Тарахумарите (или Рамамури како што исто така се нарекуваат), сепак се посебни и заради нешто друго - тие се легендарни по нивната способност да истрчаат екстремно големи далечини без да се уморат или повредат. Само за споредба: додека стандардните маратони кои се трчаат низ светот се долги 41 километар, Тарахумарите можат, без колено да им трепне, да истрчаат 16 пати по толку, значи 700 километри, за два дена!

Две прашања го мачат МекДугал, но и нас соочени со овие факти: прво, зошто побогу некој би трчал толку, и второ - како? Одговорот на првото прашање е едноставен: трчањето е значаен дел од културата на Тарахумарите, нешто што се учи од дете, ако ти затреба при лов, за пренесување пораки, но и заради забава и начин на јакнење на врските помеѓу членовите на заедницата, кои се дружат трчајќи, како што ние седиме во кафана. Одговорот на второто прашање е комбинација на генетика и начин на исхрана. Тарахумарите јадат пињоли, еден вид лепчиња од ситно мелена пченка со шеќер и зачини, зрна чија и, верувале или не - алкохол! Добро, не е баш и некој алкохол, туку е нешто како пченкарно пиво (пример пивоквас), со низок процент алкохол, до толку низок што треба да испиете 4 литра за да се опиете. Ама Тарахумирате пијат и повеќе, и ич не им чуе. Наполнети со јаглени хидрати ко бомби, со исправен став, како од половина нагоре да седат на училишно столче, а од пола надоле да мрдаат со БОСИТЕ нозе ко луди, тие се подобри од најдобрите, таканаречени елитни ултра-маратонци на светот, и нивните бренд нејм, гелосани дрн дрн перничести супер хипер патики и пауер барчиња.

Начинот на кој МекДугал доаѓа во допир со нив и ја стекнува нивната доверба е преку извесна фантомска фигура, „Белиот коњ" или Кабало Бланко, белец кој заради серија животни разочарувања и потрага по смислата на животот завршува во самонаметнат егзил во соседство на Тарахумарите. Иако на почеток делува ко лудак, тој излегува клучен за остварување на проектот кој е замислен како трка над трките - корпоративно спонзорирани бели американски маратоцни наспроти „Индијанците", во супер ултра-маратон низ Копер кањонс.

Целата замисла ги има сите предуслови за одличен трилер-акција, на моменти и на комедија: живописни и често терсене ликови, егзотични предели, и „гонзо" стилот на МекДугал, кој прави да го почувствувате дури и мирисот на потта на оној кој трча до него, или вкусот на кајганата на локалната готвачка мама Тита, а никогаш да не осетите дека тој – авторот – се става во прв план. Книгата со нејзините бројни дигресии и не е толку едноставна за следење, особено заради тркачкиот сленг и дистанците во милји и стапки, за чиешто пресметување ми требаше постојано вклучен дигитрон во главата. Сепак, таа се чита бргу и со голем интерес, најмногу заради една работа – заразната опседнатост на авторот со својата тема, на која и приоѓа со должна почит и љубов, а не со сензационализам, или не дај боже со белечка супериорност. Напротив, тој постојано инсистира на љубовта и задоволството од чинот на трчање како единствени релевантни мотиви за бавење со истото, нешто кое останало нечепнато уште само кај Тарахумарите и кај мал број нивни следбеници од современиот свет. Еден од нив на пример, кој се придружува на фамозната трка, е Босоногиот Тед, кој после редица тркачки повреди одлучил да трча бос, или во екстремно лоши услови со нешто како ракавица за стапала (види фото).

Следејќи го неговиот случај МекДугал ја следи долгата историја и физиологија на трчањето, посетувајќи и лаборатории во врни научни институции како Харвард, за да сподели мислења со истражувачи од областа на медицината, палеонтологијата или еволутивната биологија, за тоа дали трчањето на начин на кој тоа го прават Тарахумарите е остаток од некогашната загубена вештина, или пак потенцијалот за истото се крие во (речиси) секој од нас, и е потребно само да го поттикнеме и негуваме. Се споменува и феноменот на 'persistence hunting' или ловење со издржливост, метод на изморување на пленот со негово натрчување, кое наводно било својствено за најраните фази на развојот на човештвото, кое знаело за физиолошкиот факт – дека човекот трчајќи преку потта се лади, но животното во фаза на галоп не може да збревта, и по некое време (=некогаш и по осум часа гонење) липсува. Ваквиот начин на ловење се споменува во приказните пренесувани од колено на колено на Тарахумарите но и на други „тркачки" племиња во светот, но според кажувања на еден соговорник на МекДугал во книгата Бушманите од Африка се уште го практикуваат.

Дефинитивен одговор гореспоменатото прашање, за постоењето на 'тркачкиот' ген во секој од нас можеби и нема, но едно е јасно - телото, дури и она кое дреме пред компјутер или на фотеља пред телевизор по цел ден, има своја предисторија и ограничувања, но и неверојатен опсег на можности кои современиот начин на живот ги потиснува, и тоа парадоксално, дури и кога сака да ги развива. Тркачката индустрија и нејзините изуми е само еден од примерите. Трчањето босоног или само во обични сандали направени од еленска кожа или од пукната автомобилска гума е подобро за нозете. Јадењето умерено и природно е подобро за телото. А правењето работи не заради пари или престиж или победа, туку заради желба да се припаѓа на одредена заедница, или заради обичен ќеф е добро за умот. За тоа кој победува во фантастичната трка „која светот никогаш не ја видел" помеѓу Тарахумарите и Американците меѓу кои и една девојка, ќе треба да ја прочитате книгата. Доволно е ако ви кажам дека оној кој го освојува второто место на крајот буквално му се поклонува на првиот.

Илина, Букбокс

5 јули 2013 - 00:00