Букбокс читанка

„ШТО ЗБОРУВАМ КОГА ЗБОРУВАМ ЗА ТРЧАЊЕТО“ од Харуки Мураками

Кога во книжарницата Лјевак на плоштадот бан Јелачиќ во Загреб ја забележав новата книга на Мураками, со веќе преполна торба други, за момент се замислив. Да, „Норвешка шума", „Спутник", прекрасната „Јужно од границата, западно од сонцето", новата трилогија...ама, книга за трчање? Јас, што не можам да потрчам ни по автобус без болки во листовите? Сепак, книгата ја земав, и без трчање се упатив кон касата.

Помина некое време пред да ја отворам, и на сопствено изненадување бргу да ја истрчам, со сета тежина која зборот „трчање" ја има во овој случај, како спротивен на „протрчување" или „тркнување". Отсекогаш сум се восхитувала на луѓе кои паралелно со духовното, работат на сопственото телесно дисциплинирање и обликување, какво и да е, од навидум просто воздржување од јадење на вториот ред чоколадо, до алпинизам или кајак на диви води. Ако до сега Мураками сте го ценеле како автор, сега ќе почнете да му се восхитувате и како на човек – од 1982 кога го продал својот инаку многу успешен џез бар за да се занимава со пишување тој почнал да трча, најпрвин само заради одржување кондиција, за до денес да има истрчано 26 маратони (!), еден од нив од сто километри во еден ден.

Оваа книга (чиј наслов е омаж на „Што зборуваме кога зборуваме за љубовта" на Рејмонд Карвер) е и негов дневник, и интроспекција во однос на мотивите, чувствата и телесните сензации кои ги предизвикува трчањето, кога со него се бавиш толку долго и толку интензивно за да почнеш низ него да го следиш сопственото стареење и снемоштување. Таа ги следи подготовките на Мураками за Њујоршкиот маратон од 2005, и речиси воопшто не зборува за неговиот паралелен живот на писател на бестселери, преведувач на славни европски и американски дела на јапонски или предавач на странски универзитети. Низ призмата на трчањето овие активности како да му се второстепени, животно врзани за способноста за трчање – како ако престане да трча да ќе престане и да пишува, но и да живее.

Но вистинскиот шок при читањето на книгата се случи при нејзиниот крај.

„Во април 2006 учествував во Бостонскиот маратон. По правило, трчам само еден маратон годишно, но со оглед на тоа што мојот резултат на Њујоршкиот ми предизвика непријатно чувство, одлучив да пробам уште еднаш...Тоа беше седми пат да сум на Бостонскиот маратон, па многу добро ја познавав стазата – каде се качувањата и спуштањата, а каде се врти."

Го читам ова лежерно седната во дневна, со вообичаените звуци наоколу кои одземаат внимание – коли, игрица на таблет, машина за перење – кога низ сите нив допира возбуден глас од телевизорот, нешто Си-ен-ен, нешто бомби, нешто Бостон, нешто Бостонски маратон! Вакво прелевање на книжевното со реалното одамна ми се немаше случено...кој знае пак како му било нему во исто време кога и јас да ги гледа овие сцени, знаејќи дека можел да биде меѓу тркачите, кои тука дошле да се натрчаат себеси и другите, на кои тоа им е начин да бидат подобри луѓе.

Има една епизода кога Мураками раскажува за трчањето маратон од сто километри некаде во Јапонија во еден ден, кога опишува мистичко искуство кое му се случило некаде по пеесетиот километар, километража која до тогаш му била позната. Телото како да му станало автомат, а ментално како да минал низ нешто, завеса или виртуелна порта, некаков вид тркачко просветлување – состојба на „јас сум јас, а истовремено не сум јас", чудно иако и смирувачко чувство, кое сепак го направило помеланхоличен и помалку ентузијастичен во однос на трчањето.

Именувајќи го како „тркачки блуз", Мураками го поврзува со физичкиот умор, но и со достигнувањето на некаква телесна и ментална граница, после која веќе ништо не е исто. Можеби пишувањето на оваа книга му е токму таков обид, да се врати на корените на сопствената страст, онаа која го водела од Атина до Маратон сосема сам, со екипа фоторепортери кои правеле прилог за него за едно јапонско списание за мажи, и кои не можеле да сфатат дека тој навистина има намера да трча, а не само да позира неколку стотини метри. Кога по 42 километри по жежок асфалт среде пеколно лето конечно стигнал на бензинската станица во Маратон, со крлушки сол од пот по телото и изгореници по грбот, и кога газдата на бензинската дознал што направил типов, му скинал неколку цветови од кантите со олеандри наоколу и му честитал. „Сте направиле супер работа", му рекол тој на преморениот Мураками, на кого му била доволна насмевката од непознатиот за да си дојде на себе.

Книгата Мураками ја посветува на сите тркачи на светот, па оттаму веројатно и на оние во Македонија, кои се уште само од далеку, но со почит, ќе ги гледам како се рекреираат на кеј. Можеби некој од нив исто така кога ќе дојде времето ќе посака епитаф како оној кој си го планира Мураками – „Харуки Мураками, 1949-20**, писател и тркач, барем никогаш не чекореше наместо да трча". Секоја чест.

Илина, Букбокс.

26 април 2013 - 00:00