Букбокс читанка

„ПРЕД И ПО ТАНЦОТ“ од Владимир Мартиновски

Одамна се спремам да му се одолжам на Влатко. Не, не ми направил некаква посебна услуга. Просто за некои луѓе, иако не ги познавате баш добро, и не ви се најблиски пријатели, имате чувство дека му додаваат вредност на вашиот живот, со самото тоа што постојат и создаваат во исто време и на исто место со вас.

А Влатко навистина постои, и навистина создава. Со „Баклава" свири на народни инструменти (ни гостуваше на час на Институтот за етнологија, па свиреше заедно со студентите, на крај јадевме и баклава), ги сака Мадредеуш и Меклафин, додека го спремал докторатот на Сорбона го слушал Жак Брел, а за по планини му се Баланеску квартет. Предава на катедрата по компаративна книжевност, но тоа не му се гледа. И ова го велам намерно - оние кои завршиле или предаваат книжевност често имаат тенденција теориите со кои се задоени да ги пресликуваат во она што го пишуваат, создавајќи на тој начин вештачки конструкции на кои им фали крв и месо, живот.
Владимир, веројатно токму заради неговите бројни вонфакултетски интереси и хобија, успева да постави брана меѓу теоријата и неговата поезија, за која и од Мусица се гледа дека е животна, евентуално инспирирана од друга, иста таква поезија. Борхес, Хименес, Бретон, јапонската хаику традиција, Кавафис, Лорка, сите тие втопени во гореспоменатата музика и во светли сликарски бои.

Насловот на збирката - Пред и по танцот - е вовед во тој свет на танцување танго во пар (зошто да не и ситно пајдушко, по три чашки ракија, кисели краставички и калап сирење), на потпевнување, потсвирнување, потскокнување, како радост за секојдневните ситни но суштински животни мераци (цреши, шоља чај, нечие топло тело), со сосема блага меланхолија, но никогаш со патос. Некои од песните и графички се направени така да асоцираат на нивната тема - песната за Големата габа има форма на печурка, стиховите на онаа за двете мориња буквално се движат како плима и осека, а Tempo di Tango тече во тој музички ритам. Ова е со еден збор поезија која би му се допаднала и на оној кој на секое спомнување на зборот (поезија) реагира со „не ти се разбирам јас во тоа". Затоа што во поезија, исто како и во музика, ич не мора да се разбираш. Ако таа погоди некоја струна во твојата душа, тоа те прави и тебе, и оној кој ја напишал, врвен експерт.

Три песни, за да се уверите во она што ви го зборувам. А на Влатко оваа книга сигурно не му е последно танго во Скопје.

НА БОЛЕДУВАЊЕ
„Здравиот човек има илјада желби. Болниот - само една."
Чехов

Не мора да
трчам како пантер
да пливам како делфин
да скокам како зајак -

доволно ми е да одам без да ме боли коленото

Не морам да
чрчорам како славеј
да викам како гепард
да ги придвижувам камењата како Орфеј

доволно ми е да говорам без да ме боли грлото

Не морам ни да пијам скапи пијалаци
чувани во дабови буриња со векови
ни еликсири од билки со долги имиња на латински -
доволна ми е оваа шолја чај заедно со твојата насмевка.

НОЌНА СТРАЖА

Што ако никогаш не сум држел пушка
в рака: вечерва решив да стражарам!

Што дека се плашам кога нешто шушка,
со стравот веќе нема да се пазарам.

Иако клепките ми се ко од олово тешки
решив цврсто: ноќва нема да задремам!

Иако ми се папсани сите мускули и клетки,
сега морам стоички став да заземам.

Што ако еднаш и Гилгамеш го совладал -
ќе продолжам да се борам со сонот!

Што ако досега би го спружил и слонот -
ќе продолжам да бдеам, да му пркосам

на заморот, сè дури не се разбудиш
и на моите милувања не им возвратиш.

ПО ТАНЦОТ

По танцот
погледнуваме кон
небото:

тоа не се траги
од авиони, туку од нашите
брзи движења.

И новите бранови
во езерото не ги направи ветрот ами
силата што цела ноќ

танцуваше низ нас
и сега полека се шири низ соседните галаксии.

7 јули 2012 - 12:13