Другаров чудно го погледнал, ама не рекол ништо, сè додека овој повторно не направил муабет, овој пат на работници на едно градилиште, честитајќи им на одлично завршената работа. „Што ти е на тебе денес?", не издржал тогаш другаров. „Ако бидеш љубезен со барем еден човек во текот на денот, тој ќе се чувствува убаво, па ќе се однесува фино со луѓето со кои доаѓа во допир. Тие по истата логика ќе го шират доброто расположение понатаму. Ако на пример сега ѝ се насмеам на оваа учителка, веројатно целиот клас ќе има убав ден", образложил пријателот.
Во овој момент редовните читатели на Букбокс веројатно помислуваат дека неговата авторка, традиционално склона кон иронија, забегала. „Пилешка супа за душата", серијата книги – збирки на кратки инспиративни приказни, кои излегуваат од 1993, со продадени над 100 милиони копии на 54 јазици низ целиот свет, плаче за пародизирање. Има епизода Бивис и Батхед под наслов "Chicken soup for the Butt", книга со наслов „Мали сипаници за душата", сајтови со цинични верзии на теми од книгата (пример: вистинското значење на љубовта од гледна точка на еден сталкер ). И јас како и споменатите би уживала да се зафркавам со стилот, а богами и со содржината на овие често наивни дидактички етиди, кои звучат како современа замена за библиски алегории, а се применливи евентуално кај рековалесценти од тешки дроги, или жители на казнено-поправни домови. Вeлам, веројатно би било така, да немам работено во - Црвен крст.
Мислам беше 1999, на многу начини најлошото, но истовремено и најдоброто време да почне да се работи во оваа организација. До тогаш Црвен крст за мене беа само крводарителски акции, прва помош што полагаш за возачки, и место каде носиш стара облека ако не дај боже некој во фамилија ти умрел, а сега одеднаш стана бегалски кампови, исчезнати лица и делење сува храна на гранични премини. Во еден таков тензичен момент колегите ме поканија на работилница со средношколци од цела Македонија, нешто промоција..нешто хумани вредности...нешто толеранција...нешто дијалог. Да се соберат на едно место тинејџери од различна вера и националност, сосе нивните професори, во момент кога повеќето од нас веќе имаа направено залихи на брашно и вода, и да се проповедаат некакви универзални вредности, звучеше како лудост. Бев речиси сигурна дека никој нема да се појави, или дека ќе се случи инцидент.
Наместо тоа во салата ме пречека неверојатна глетка – возрасните се фрлаа едни на други во прегратка, во онаа вежба за тестирање на довербата во која почнуваш да паѓаш верувајќи дека партнерот нема да дозволи да треснеш на земја, а децата се подготвуваа за претстава, „Погоди кој доаѓа на вечера", за девојка која треба да го претстави своето „неподобно" момче пред родителите, но без притисок дека приказната треба да заврши среќно. Пред заминување секој требаше да каже како си поминал, и со што заминува дома. Многумина плачеа, велејќи дека никогаш нема да го заборават ова искуство. Некои од нив и денес се држат до зборот.
Речиси петнаесет години откако е започнат, проектот Промоција на хумани вредности (ПХВ) стана најзначајната алатка на Црвениот крст за придобивање и задржување на волонтерите, кои не се обучуваат само за тоа кој бил Швајцарецот Анри Динан, и за тоа дека неговиот роденден, 8. мај, е меѓународен ден на оваа организација, не прават само некакви „вежбички", туку се инспирираат и за конкретни проекти кои ги осмислуваат и изведуваат самите, а кои – исто како и љубезниот збор од горната приказна – можат да направат мала, но значајна разлика во животот на еден човек, или на многумина.
За илустрација, само неколку од стотината, од минатата, и од оваа година: За да му помогнат на музички талентираниот Денис, дете со оштетен вид без родители, младинците на Црвениот крст на Скопје, заедно со школувани масери физиотерапевти кои се исто така со оштетен вид, организирале хуманитарни масажи. Во тек на неколку недели се собрани доволно пари, и на Денис му е подарен долго посакуваниот синтисајзер.
Младите од Чаир подготвиле хумористична претстава „Модерните девојки", собрале пари, и самите помогнале во градење детско игралиште во село Љуботен.
Направени се 30 театарски претстави на тема Погодете кој доѓа на вечера, проследени од 10.000 гледачи низ целата земја.
4 девојчиња на возраст од само 15 години изградиле дом, за семејство кое живеело во трошна куќарка која се распаѓала. Лепеле плакати на кој пишувало „И јас сум Дебар", барале донации од градежни фирми. Се вклучиле пријатели, роднини, непознати луѓе, комшии: некој мешал малтер, други ределе тули, трети носеле материјали...Имале и средби со градоначалникот кој дал дозвола за рушење на старата и градење на новата куќа. После неколку месеци, куќата била завршена. Жената добила и нова покуќнина, а од младите за вселување добила и нова облека.
И ај сега, биди циничен.
Тешко да се раскаже во сите детали нешто што траело толку долго, низ кое поминале толку многу луѓе, и кое се менувало и се прилагодувало на околностите. Црвениот крст на Македонија со текот на времето стана модерна организација на која може, и треба да ѝ се верува. Голем дел од помладите, вработени и волонтери, се токму од ПХВ, а се познаваат по некоја посебна енергија и сјај во очите, кои прават сите ваши изговори да станат мали и беспомошни. Тие навистина веруваат во принципите кои се вградени во сите големи религии, а се и принципи на Црвениот крст: дека без оглед на различните вредности во културата, сепак во сите нив најважен е – човекот. А кога тој не се чувствува добро, убаво е да му се даде нешто да го стопли. Како пилешка супа, за душата.
Доколку сакате да станете волонтер на Црвениот крст кликнете тука. Доколку на кој било друг начин придонесувате да ни биде подобро, или барем помалку лошо, ви благодариме.