Сиво, ветровито и брдовито, пешки од Бан Јелачиќ до галеријата Кловиќеви двори над „Успињачата", на големата изложба на Пикасо, со 56 слики и скулптури од Музејот на славниот уметник во Париз, во хронолошка низа која го отсликува развојот на неговото творештво.
Гостувањето на изложбата во Загреб до скоро беше неизвесно заради големите трошоци на организацијата и обезбедувањето. Дел од хрватската јавност се сомневаше дека ако пак се штеди во Загреб ќе пристигне некаква „скратена", сиромашна верзија на истата, што секако би претставувала потценување на традиционално хипстерската загрепска публика. Беше потребна согласност и градот, кој најпрвин изложбата ја нарече „фантомска" затоа што одговорните за култура во градското собрание не знаеле ништо за неа. Врти-сучи на крај таа се отвори, на 23 март, и ќе трае до 7 јули.
Користејќи го згодниот момент, издавачот „Шарен дуќан" од Копривница издаде превод на книгата за Пикасо на Гертруда Стајн, која се продава заедно со каталогот, разгледниците и шољите за кафе во галериската продавница. Стајн, Американка со Еврејско потекло, „пуна ко брод", во 1903 од САД се преселила во Париз, и останала таму следните четириесет години, дружејќи се со кремот де ла крем на тогашните уметнички кругови, во кои спаѓал и Пикасо. Нејзиниот дом секоја сабота попладне се претворал во свратилиште за веќе етаблираните, но и талентите во подем, која таа како некоја Голема, но авторитативна мајка ги земала под своја заштита. Со брат ѝ Лео Стајн создале голема збирка на на модернистички дела, меѓу кои и оние на Сезан, Матис, Тулуз-Лотрек, но најмногу на Пикасо, чие „свртување" кон кубизмот многумина не го одобрувале, но Гертруда го сметала за визионерски и единствено соодветен на духот на дваестиот век, кој допрва ќе се покаже како таков.
Нејзината книга за Пикасо е всушност книшка, на 110 страници џепен формат, лежерно раширен текст, во која се мешаат биографските факти со спомените и коментарите на Стајн за делото на Пикасо. Намерно велам делото, бидејќи таа, и покрај тоа што очигледно добро го познавала, во ниту еден момент не изнесува детали од неговиот приватен живот, туку строго се држи до она што тој го работел и можните мотиви зад промената на неговите стилови. Од една страна ова можеби се должи на отсуство на каква и да е желба книгата да биде сведена на трачеви, анегдоти и оговарања (на што често се сведуваат биографии на славни личности напишани од нивни колеги и пријатели), од друга страна на крајната прагматичност на Стајн, која барем интуитивно ми изгледа како интелигентна, крајно самоуверена, но и студена личност, која повеќе била заинтересирана за уметноста отколку за луѓето.
Има едно нејзино толкување на севкупното дело на Пикасо кое можеби е одраз токму на ваквиот став: зборувајќи за разликите помеѓу него и останатите сликари-современици, таа вели дека Пикасо бил во огромна предност затоа што го согледал она што тие се уште го немале согледано - дека задача на сликарот не е да толкува, туку да го прикаже само она што го гледа, без да претпоставува и фантазира какви се работите, или какви би можеле да бидат. „Што ќе ти е да се занимаваш со човечките души, кога душата и онака е во ликот и фигурата, во формата", го калеми таа таа своето мислење врз неговото дело. Единствен момент кога „душата" му станала наводно важна е по неговиот контакт со Русија, односно со балетската трупа Ballets Russes, за чија претстава „Парада" во 1917 дизајнирал кубистичка сценографија и костими.
Ваквите етно-менталитетни толкувања на поривите и стилот на сликарите, особено на Пикасо, се провлекуваат низ целата книга. Така, фактот што тој е Шпанец, и тоа од сараценската Малага, таа го смета за клучен за неговиот кубизам, кој само навидум е „во конфликт со природата", а всушност сосема соодветствува на реалниот шпански пејсаж. Истовремено, на неколку пати го спомнува влијанието на „источната" калиграфија во орнаментирањето на неговите слики, која претставувале утеха на шпанската страна на неговата личност дури и во крајно натуралистичките фази, „кога линиите се само линии, нешто што постои само по себе без помош на асоцијации и емоции".
Сина, розева, кубистичка, класицистичка, надреалистичка и експресионистичка; акробатите, минотаурите, гулабиците, мандолините и госпоѓиците - Стајн ги минува сите овие фази во спринт, со стил кој потсетува на несопирливо, возбудено детско зборување, кое понекогаш делува симпатично, а понекогаш малку...чудно. Како на пример оваа реченица: „Претставата (се мисли на балетот Парада) постигна голем успех, поставена е и прифатена, секако, од мигот кога се појави на сцената беше, секако, прифатена." Уредникот и преведувачот на изданието биле на мака со еден куп вакви реченици, често пати долги цела страница без запирки на Стајн, позната по експериментирањето во книжевноста, па тие морале да стават и фуснота во која велат: „Со сиот ризик дека начинот на пишување на авторката на неподготвениот читател може да му делува збунувачки или немушто, издавачот речиси без исклучоци го почитуваше". И фала богу за тоа, затоа што токму тој стил а не некои кој знае какви информации и ставови во неа, ја прават оваа книга читлива во еден здив.
Книгата завршува со погледот на Стајн низ авионското стакло - поглед кој ниту Пикасо ниту неговите колеги-кубисти го немале бидејќи никогаш не патувале со авион - а кој според неа е парадигматичен за кубизмот како стил. Нејзе, освен за интересниот книжевен израз, феминизмот, менторството на куп уметници, тогаш авангардниот начин на живот (долги години живеела со девојка и, Алис Б. Токлас), и погледот на жена која и од авион знае да процени добра зделка и квалитет, можеме да и заблагодариме и на овие спомени, кои ни ги приближуваат, не преблиску, но сепак доволно блиску, нејзините современици и пријатели, сликарите и книжевниците од „убавиот Париз" на почетокот на дваесетиот век, кој тогаш бил самиот по себе мал свет. Најфина визуелизација на таа атмосфера и на Стајн како (буквално) горостасен лик, е „Полноќ во Париз" на Вуди Ален, каде неа ја игра Кејти Бејтс - вистинска кучка, со вкус.