Жените со сјај во очите се радуваа што конечно некои мажи се осмелиле да признаат дека можат да бидат трогнати од уметност. Мажите со резервиран, накај одбивен став, сублимиран во остриот поглед и изјавата: „Нема такво нешто!" (нема маж што плаче на поезија). Сто мажи кои учествувале со свои фаворити во правењето на оваа книга сепак изјавиле дека одбраните песни во најмала рака им прават кнедла во грло, а богами има и такви кои посочуваат дури и конкретен стих што ги крши на парчиња.
Познати мажи, писатели, филмаџии, политичари или политички активисти - меѓу кои Џон Ле Каре, Кристофер Хиченс, Стенли Тучи, Џереми Ајронс, Ник Кејв, Стивен Фрај - одбрале по една песна, објаснувајќи во краткиот вовед зошто таа ги погодува. Понекогаш самите објаснувања се потрогателни од избраните песни. Има тука и тага по умрените родители, сеќавања на некоја неуспешна врска, песни врзани со спомени за децата кога биле мали, жал за младоста, гнев кон насилствата и војните. Од изборот на песните се гледа кого што најмногу го боли, а и тоа дека дури и вакви „вистински" мажи (што и да значи тоа) не се срамат да покажат слабост, која стереотипно им се припишува на жените - да цмиздрат на филмови и на тажни песни. Уште повеќе, десетина од одбраните песни се токму од жени, а поговорот е на нобеловката Надин Гордимер, која вели: „Секој што ќе ја прочита оваа збирка ќе биде погоден: вознемирен од болката, восхитен од жестокоста на емоциите".
И навистина е така. Иако се работи за релативно кратки песни, книгата ја читав речиси два месеца, дегустирајќи го секое поединечно искуство и одбрана песна како посебна, понекогаш горчлива чоколадна бонбона. Редоследот на песните е хронолошки, според времето кога е напишана песната, а првата е од 16. век. Интересна е ситуацијата која една иста песна е одбрана од повеќе луѓе - нивните различни воведи покажуваат колку шаренолики можат да бидат мотивите зошто некоја песна, и воопшто некое уметничко дело, може да ни прирасне за срце. Истовремено, некои поети се почесто застапени од други, а убедлив „победник" е Винстон Хју Одн (патем, струшки венценосец) со дури пет песни.
Целта на книгата е да собере пари за Amnesty International, но истовремено да се обиде да ги разбие традиционалните идеи за „мажественоста" како сфера ослободена од емоции, стереотип кој е исто без врска колку и оној дека сите жени плачат на „Дневникот на Бриџит Џоунс" или на песните на Адел. Уредници на изданието се новинарот и биограф Ентони Холден и неговиот син, продуцентот Бен Холден, кои со провокативната идеја успеаа да ја донесат поезијата на листата бестселери и да ги наполнат промоциите. „Можеби ќе прочитате една песна за само 30 секунди, но тоа ќе бидат долги и густи 30 секунди од вашиот живот, како да сте биле на емоционален фитнес", велат тие. Во време кога јазикот стана главна алатка за медиумска манипулација, добрата поезија, со сиот нејзин багаж на „елитност" и изолираност, или токму заради него, се уште успева да ја зграпчи суштината на истовремената мака и радост на тоа да се биде жив, и да се бара смислата во тој навидум банален факт.
Иако никогаш не сум престанала да читам поезија, оваа книга направи после долго време да и пристапам со зголемена концентрација и внимание. Ја отпечатив „Итака" на Кавафис на грчки, и збор по збор ја споредував со онаа на англиски во книгата. Ги позајмив македонските преводи на Одн, и повторно го открив. Вордсворт некогаш ми беше лигав, а сега никогаш подраг. Емили Дикинсон, душо напатена. И сите вие чувствителни мажи, кои никогаш нема да признаете колку ви се стега срцето на песна, без оглед дали таа е од Тагоре или од Тома Здравковиќ. Ако, ве сакаме и такви.
Збиркава ме поттикна да си направам своја, нешто од типот „Песни кои ме оставаат без здив", што вклучува и плачење, и смеење, и просто долго ќутење. Меѓу нив сигурно ќе има такви од Коен, Борхес, Буковски, Шимборска. Но ќе ја има и оваа:
ЗАБОРАВЕНИ НЕШТА
Онаа баричка вода во песокот -
тоа е трага,
одлевајќи се, морето што ја остави.
Над далечните врвови
осамено облаче плови -
одминатиот ветер го заборави.
И на земјата едно крилце
од птица - паднато лежи,
а таа кој знае каде сега пее.
Заборавени од младоста се
во нашето срце нешта две:
потребата да плачеме,
и да копнееме.
Руико Каваги