Има најмалку три повода поради кои ја пишуваме оваа читанка. Денес е некогашниот Ден на младоста, 25 мај, кој ја славеше животната енергија и полетноста на младите генерации, па и на нејзините бунтовници - нужен контрапункт на идеолошката исправност на останатите. Вториот е што денес е и Задушница. Момент да се потсетиме со должна почит на сите умрени и на сето она што е згаснато и погребано два метра под површината на сеќавањето. И трето, што авторот на „Панкот е мртов“, заедно со промотор добро познат на просторите на бивша Југославија, доаѓаат во Кочани на 31 мај, на 55-тиот Драмски аматерски фестивал, за да го претстават нејзиното македонско издание.
„Панкот НЕ е мртов“ секогаш ми звучелo како епитаф, очаен крик на последниот панкер на планетата исправен пред стрелачкиот вод на мејнстрим културата, конзумеризмот, капитализмот и популизмот, како херој од оние црно-бели слики и мермерни статуи од НОВ, само со ирокези фризура наместо со титовка. Ако дошло до тоа со флоскули да се убедуваме дека нешто не е мртво, тогаш тоа сигурно одамна е такво.
Збирката раскази со обратен наслов, „Панкот Е мртов“ на многу реалистичен, но истовремено и меланхоличен, речиси нежен начин, го констатира овој факт. „Нежен“ на оние кои веќе ја прочитале книгава можеби ќе им изгледа како перверзно неточен опис на она што се случува во неа, затоа што тука на прв поглед нема ништо што може да предизвика ваква асоцијација кај „снегулките“ од новите генерации, а богами и кај многумина од постарите.
Па сепак, има нешто многу трогателно во начинот на кој главниот лик - самиот автор - ја живее смртта на панкот, на сопствената отуѓеност и неприлагоденост на она што го подразбира животот како „остварен“, „зрел“ и „возрасен“ човек. Тој нема семејство, сите другари му се багабонти, работи само ако мора, литро „беванда“ му е утрински филџан кафе, спие по подруми, шета наоколу по пижами и се обидува да пишува за она што го живее. За оние различните од него, стабилно вградени во системот како штрафчиња, читајќи ги неговите авантури да доживеат такво ниво на еротска дразба, како кога некогашните „прилагодени“ го читале Робинзон Крусо или Гуливер.
Ова е свет кој Томаж Космач - Космо очигледно добро го познава (а и на преведувачот, Дарко Спасов, не му е туѓ - не може ваква книга да преведува секој), и ако тоа не му користело многу во животот, дефинитивно му користи во делото. Во изјава за „Младина“ тој вели дека три четвртини од напишаното е вистина. „Во нивните умови повеќето луѓе се уште го живеат бунтот, иако се будат секој ден со истите срања, си ја малтретираат фамилијата ако нема ручек на масата, киснат на компјутер ноќе и ги мразат сите оние кои не се панкери како нив“.
Најубавиот расказ е веројатно првиот, „Градинарство“. Космо случајно е ангажиран кај комшија кој на ангро одгледува цвеќиња за продажба - ги стиска во загушливата оранжерија како деца од Бангладеш во шивалница, ги третира цикламите како стока, јагликите како бело робје. Не издава фискални и толку добро заработува што отвара и втор „погон“. Космо едвај го дочекува овој момент, за да остане сам и во тишина да си ги залева цвеќињата, пренасочувајќи ги муштериите на новото место. Ниту една трула капиталистичка придобивка не може да му го смени светогледот, според кој целата среќа на овој свет не вреди доколку само една бегонија страда за вода, а тој за вино. Во моментот кога газдата „се продава“ за голема градинарска корпорација, нивните патишта се разидуваат Космо повторно ужива моткајќи се околу куќа, во животот без пари. Можеби панкот сепак НЕ е мртов?
Книгата ќе биде промовирана со присуство на авторот на овогодинешниот ДАФ - Драмски аматерски фестивал во Кочани, на 31 мај (четврток) во 18 часот. Промотор ќе биде Марко Брецељ, словенечки кантавтор и активист на кого многумина лажно панкерски активисти можат вода да му носат, основач на некогашен „Булдожер“. Неговата „Саме праве ствари“ е една од најчесто бираните песни на Ди-џеите на офф.нет. Дојдете во Кочани, и за дружба, и за претстави. Целата програма тука
Илина, Букбокс
фото горе: Борут Петерлин