Во Кочани почнува ДАФ, им доаѓа Марко Брецељ

 Со словенската претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, во понеделник на 28ми мај, со почеток во 19 ч., стартува официјалната програма на 55от Драмски Аматерски Фестивал во Кочани. Фестивалот годинава носи 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална, скопската хит комедија „Чао Пријатно“ која ќе го затвори ДАФ на 02 јуни во сабота.

55тото издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформански, театар на сенки...

Посебна гордост годинава ни е гостувањето на словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како поранешен фронтмен на сега веќе култниот Југословенски рок бенд од 70тите и 80тите „Булдужер“. Брецељ доаѓа во четврток на 31ви мај, заедно со словенскиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е Мртов“ (Punk is Dead).

Уште еден настан кој епосебен за кочанската публика, е премиерната промоција во родниот град на Тошо Филиповски на капиталното дело „Македонска Рок Енциклопедија“. Настанот ќе се случи во сабота, на 01 јуни со почеток во 21:30 ч.

ДАФ годинава од НУЦК „Бели Мугри“ се шири во прекрасното предворје на домот на културата, градскиот парк или „Паркот на Револуцијата“. Таму, тридневен ликовен перформанс насловен „Планеризам“ ќе има уметникот Орхан Ќамилов, Марија Манева ќе има работилница за смола и глина, професорката Зоја Бузалковска заедно со Степанулески Александар ќе водат три дневна актерска работилница.

Музичкиот дел ќе биде обединет под наслов „Револушн Фест“ и ќе настапат скопскиот џез состав „Летечки Пекинезери“ (понеделник, 28. Мај), во среда на 30 мај диџеј сет ќе има Гоце САФ, а концертниот дел во четврток ќе го затворат битолчаните „Брас Брадрс“ (Brass Brothers).

Организаторите искрено се надеваат дека годинешната програма ќе мотивира некој кој не е од Кочани да го посети малиот град на исток, со големо срце, во време на фестивал. Го имаме прекрасниот Споменик на Слободата на Григор Чемерски, вештачко езеро кое е како природно, река која го дели градот на два еднакви дела, еклер 5 денара и 6 дневен културен настан на почеток на лето. Совршен опис за годинешното мото на фестивалот: Ars Longa, Vita Bravis или Уметноста е долга, животот е краток. Ако тоа не е доволно, влезниците се 50 денари.

Карел Чепек вели: Фантазијата не е да ги видиш нештата какви не се, туку какви можат да бидат.

Затоа, се гледаме во Кочани

Повеќе информации на http://dafkocani.com/

 

 

21 мај 2018 - 18:06