„Нашава земја стоела на вол здола, некој голем вол, еднио рог му бил кај што греет Сонцето, едниот кај што сенуват. Голем значи толку. А волот бил стапнат на некоја Риба, и Рибата на вода била. Под водата ветерот бил најјак - водата ја држел. Ете тоа...“
Оваа приказна од македонската народна митологија не е многу поразлична од претставите за структурата на светот на голем број народи, историски и географски многу оддалечени од нас. Според нив Земјата е составена од три нивоа: Горната - небото, достижна само на оние кои умеат да летаат или каде се стигнува по заслуга; Средна или човечка - онаа „нашата“, на обичните смртници и Долната - мрачното подземје населено со опасни суштества, од каде ако еднаш се слезе тешко се излегува.
Границите помеѓу овие светови се порозни, понекогаш - во одредено доба од деноноќието, или дел од годината - „портите“ се отвараат, и демоните се мешаат со луѓето, при што често е тешко да се направи разликата помеѓу едните и другите. Суштествата од тој друг свет се опасни имено токму затоа што често личат на луѓе или на други природни суштества, а имаат моќ да урочат, да повампират, да пророкуваат или да заведат. Средбата пак со оние кои уште на прв поглед се страшни - како триглавите лајми - ги преживуваат само најхрабрите, митските херои.
(Караконџол, караконџула - илустрација: Софија Иванова)
„Оној свет: збирка илустрации“ е дело на 13 автори, двајца веќе искусни стрип цртачи, Давор Драмиќанин и Здравко Гиров, и неколкумина етнолози-консултанти, кои се обидуваат да ги визуелизираат овие митски претстави, во случајов во македонската и албанската народна митологија. Станува збор за проект на Македонското студентско етнолошко друштво со поддршка на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, УКИМ, финансиски поддржан од Град Скопје, кој се одвиваше во тек на четири месеци (април-јуни), а од кој сега произлегува и оваа книга. Таа содржи избор од цртежите на учесниците во проектот, односно 19 илустрации и 5 кратки стрип приказни. Секоја од илустрациите е придружена со краток текст кој го објаснува ликот или митолошката тема и го става во одреден контекст.
(Папокот: центар на човечкиот микрокосмос; илустрација: Филип Пастенаров, Здравко Гиров)
Авторите се од различен профил (студенти по класични јазици, ветерина, информатика, етнологија, средношколци, дури и еден осмоодделенец), но сите талентирани цртачи и со голем ентузијазам да истражуваат и да создадат стрип-ликови поврзани со традицијата на просторот од којшто доаѓаат. Нивните дела покажуваат дека во културното наследство на нашиве простори има се уште, во визуелна смисла, недоволно искористени и истражени митолошки елементи, од кои креативни автори како овие можат да направат приказни кои се многу посложени и помистериозни од комерцијалните стрип-универзуми, кои и самите често „крадат“ од митологиите на различни култури.
(Вампирџијата, стрип на Кристијан Димитровски)
Промоцијата на изданието, со придружна изложба, ќе се одржи во понеделник, 12.11, во просториите на ГЕМ (над „Менада“ во чаршија), во 19 часот (ФБ настан тука). Очекуваме присуство и на некои од необичните суштества, кои можеби ќе дојдат љубопитни да си ги видат своите портрети.
Илина, Букбокс