Вака почнува ново домашно стрип издание, опишано како серијал „мегарадиоактивен СФ“, од авторите Владимир Благојевиќ и Ивица Дукоски. Првиот дел, кој беше промовиран на неодамнешната Скопје Креатива во МКЦ, е со наслов „Пушка на надежта“.
Во него Скопје е навистина радиоактивно, загадено, класно поделено и генерално неподносливо. Накратко - не многу поразлично од сегашното, но точно сто години во иднината. Главен лик е Кирил Бета, научник кој би сакал со своето знаење да направи работите да бидат подобри за сите, а не само за неговиот господар. Во еден момент, тој одлучува да замине од него со својата ќерка, која симболично се вика Наде. Таа, и пушката која тој ја има измислено, се единствената надеж за човештвото.
Цртежите се одлични, а приказната интересна. Наспроти малку страшната корица таа е податлива за деца (да речеме над 7-годишна возраст), особено заради хуманата порака. Пушката која ја има измислено Кирил, имено, не убива, туку дарува живот, или претвора еден вид живот во друг. Необичен развој на настаните на Шмалканот, кој во 2118 година се уште постои, кршејќи барем четири њутнови закони. „Скопје, во цела своја слава, најдоброто место за пастрмајлија со мелени шајки на планетава и радиоактивна магла“.
Градот кој го визуелизира Владимир, а вербално го доловува Ивица, ни е некако познат. Познати ни се и такви луѓе кои се обидуваат да ги расчистат различните видови загадувања во него, или барем да не трупаат дополнително физичко и духовно ѓубре. Да вдахнат урбан живот наместо да го загушат. Македонската стрип сцена е една таква донкихотовска градска сила, на која и посакуваме уште изданија.
Првиот број „Неонски ноќи“ може да се најде во книжарницата Бункер. Со нетрпение очекуваме што ќе се случува во второто.