Букбокс читанка

„Нашиот пат“ од GP и Steffonator

„Најголема промоција до сега“, велеше најавата за настан одржан на 26 јануари во МКЦ, кој со својата масовност ги затече дури и своите амбициозни промотори. „Стампедо на промоција“, „Редици и навалици за потпишување книга“, гласеа некои од насловите по него, придружени со куп коментари од родители гневни на организацијата и од „сериозни“ литерати згрозени од гужва за книга, a не нивна. Сигнал дека првите локални ѕвезди на дигиталното доба (и можеби на новата книжевност) се тука.

„АБЕ ЕЈ, ВО КНИГА СМЕ, АЛОО!!! БЛАГОДАРЕНИЕ НА ВАС, НÈ ИМА НА ХАРТИЈА ШТО ВИЕ ЈА ДРЖИТЕ ВО РАКА!“

Вака, со капс лок и три извичници, почнува книгата на Марко и Стефан, едниот на 19, другиот на 21 година. Онлајн познати како Џи-пи и Стефонатор, тие во јутјуберска валута во моментов „тежат“ 142.425, односно 59.113 следачи - бројки кои во глобални рамки се можеби безначајни, но кои локално нудат одлична можност за „кеширање“ на популарноста, меѓу другото и со издавање книга. Иако звучи крајно контраинтуитивно, објавувањето на хартија на содржини поврзани со друг, технолошки супериорен медиум, сè уште се покажува како одличен деловен потег - јутјуберите сакаат да го материјализираат нивното онлајн присуство во нешто што нивната публика „го држи во рака“ и кое ги издигнува на ранг на „автори“, а пак таа книгата ја третира како артефакт што - особено потпишан - поинтимно ја поврзува со омилените ликови отколку пиксели на екран. И не е ни чудо што првиот тираж беше распродаден на промоцијата, па моравме стрпливо да чекаме на вториот, отпечатен во за наши услови неверојатни 3000 примероци. 

Станува збор за производ кој е технички коректен, визуелно богат, со QR кодови кои носат до соодветните видеа, текстот е корегиран, и колку што е можно со оглед на сленгот и терминологијата, лекториран. Марко и Стефан се насмеани млади момци кои делуваат воспитано, не ја користат својата популарност за да поттикнуваат национална, расна или друга омраза, до нив како се уште да не стигнале непристојни понуди за сублиминално рекламирање, ниту пак делуваат како членови на некаков верски култ. Нивните видеа се за игрици, квизови, анкети со познати личности, музика, а темите во книгата опфаќаат совети за тоа како се станува јутјубер, дневните рутини на авторите и нивните омилени нешта (меѓу кои и прошетки во природа и спортување).  

Ако има нешто што сепак боде очи, тоа е нападното инсистирање на дисклејмери, присутни на секое место кое тие (авторите и уредниците) го оцениле како потенцијално контроверзно и непедагошко. Иако ова е логично имајќи го предвид терминот „просветно“ во името на издавачот, ако авторите на книгата велат дека не спијат до раните утрински часови заради играње онлајн, тогаш додавки од типот „ама вие немојте да бидете како нас, спијте, затоа што спиењето е здраво“, или „да не бидам сфатен грешно, не охрабрувам никого да се тетовира“ во текст за видео во кое јутјуберот во детали го прикажува процесот на сопствено тетовирање, звучат како излишни идеолошки крилатици. Можеби ова е само симптом на едно пошироко општествено фејкерство (како кога стендап комичари мора однапред да се оградат од своите потенцијално сексистички или расистички вицови), но повеќе делува како интеревенција на издавачот, кого реалноста го натерала да води поголема сметка за формалните, отколку за психолошките ефекти на една книга - да се огради, притоа добро знаејќи дека тинејџерите сакаат да бидат како нивните идоли, поради што и им нуди книга која дополнително им ги приближува нивните ставови и начин на живот.

Од аспект пак на авторската содржина, интересно е тоа што момците за своето хоби во книгата зборуваат како за „обврска“ и, иако под наводници, како за своја „работа“. Масовноста на промоцијата веројатно уште повеќе ќе ја зацврсти нивната увереност дека прават нешто важно, но се надеваме дека заедно со поголемата моќ тие ќе стекнуваат и поголема одговорност, особено за работа (без наводници) на себе. Има едно видео кое не е вклучено во книгата, а кое е добра илустрација на она што се обидуваме да го доловиме. Насловот е „Мое мислење за Оскарите!!“ на Стефан, објавено на 24 јануари, по соопштувањето на номинациите за овогодинешните награди. Иако на почетокот тој се претставува како „голем фанатик“ кога станува збор за нивно следење, набргу дознаваме дека BlackKlansman „не му е познат“, Favorite и Green Book „исто така не му се гледани, ама знае дека ги збореле“, дека Roma за него е „италијански филм“, а и Vice „не го гледал“. По ова го прекинавме видеото, кое е или на промашена тема, или покажува дека дури и немање мислење за негледан филм може да биде тема.

Книгата започнува со „ја посветуваме на сите што веруваа во нас“, а завршува со неколку страници благодарности, токму како на Оскари. За некој со многу повеќе години од авторите, ова, а особено френк-синатровскиот наслов „Нашиот пат“, ни звучи пресериозно и презаокружено. Затоа што патот на овие момци допрва се отвара, а она што можеме да им го посакаме на него е да го искористат она што им го овозможува онлајн комуникацијата за да го направат подобар светот оффлајн. На нивните фанови пак им посакуваме да продолжат да читат книги (и такви за јутјуб), па макар заглавувале со читањето до доцна.

Илина, Букбокс

4 февруари 2019 - 11:42