Има еден роман на Греам Грин од 1958, „Наш човек во Хавана", во кој продавач на правосмукалки одлучува да ја прифати понудата на британската тајна служба, да биде нејзин агент на Куба. Во недостаток на вистински информации, тој во извештаите испраќа цртежи од делови од правосмукалки, претставувајќи ги како скици на тајни воени инсталации. Неговиот претпоставен ја сфаќа измамата, но бидејќи мора да го оправда вработувањето на човекот кого самиот го препорачал, премолчува, и со тоа станува соучесник во приказна во која границата помеѓу вистината и лагата набргу станува тотално нејасна.
„Наш човек на теренот" не е за продавач на правосмукалки, туку за новинар во угледен хрватски дневен весник, професија која многумина би ја трампале за побезбедната, макар и здодевна трговија со бела техника. Во недостаток на известувач од војната во Ирак, тој за таа одговорна и опасна задача го препорачува својот новинарски неискусен а откачен роднина, кој испраќа живописни но крајно нестандардни извештаи од теренот. Новинарот, сфаќајќи ја грешката, но несакајќи да се обрука пред уредниците, почнува да ги преработува текстовите, практично станувајќи нивен ко-автор. Проблемот настанува кога неговиот роднина исчезнува - тогаш тој не само што престанува да добива информации од прва рака кои колку-толку ја прикриваа неавтентичноста на текстовите, туку почнува да добива и повици од целото потесно и пошироко семејство, кои го обвинуваат за потенцијалната смрт на братучедот. Работата станува голема кога неговите работодавачи, а и целата хрватска јавност, дознава за што станува збор..
Прозата на Перишиќ многумина ја нарекуваат „стварносна", што ќе каже реалистична. Но наспроти значењето кое го имаше придавката „реалистично", при жанровското одредување на францускиот роман од 19. век, денес да пишуваш „стварносно" значи да си накурчен, зајадлив, тажен. Не затоа што ти така сакаш, туку затоа што е таква стварноста. Перишиќ, опишувајќи ја хрватската стварност - новите бизнисмени, политиката, квази-елитниот уметнички свет, корумпираното новинарство, е токму таков. Но она што плени е што тој истовремено успева, кон она што го заслужува таквиот однос, да биде и нежен, хумористичен, спокоен, кул. Не е ни чудо што го споредуваат со Буковски. Двајцата заебани. Ама добри.
„Наш човек на теренот" излезе во 2007 и веднаш ја доби најзначајната книжевна награда во Хрватска - онаа на Јутарњи Лист. Беше најпродаваниот роман на тамошниот пазар за 2008. Во прилог извадок од македонскиот превод на овој роман (на Ленче Тосева, во издание на Македонска реч), излезен пред еден месец, и тоа делот кој се однесува на Македонија. Киро и Тупурко. Познати ви се?:)