И тоа толку познат, што и покрај тоа што книгата не беше воопшто лоша, за многумина тој доби некаква „коељовска" аура. Затоа и помина некое време пред да ја отворам „Мистер Гвин", за на крај дури и да си ја потпишам, што се случува само ако книгата навистина ми се допаднала и ако мислам да ја зачувам во домашната библиотека.
Џаспер Гвин е славен писател, растргнат од обврски за јавни читања, промоции на неговите книги и интервјуа, кои не само што му одземаат многу време и енергија, туку и го оддалечуваат од себеси. Тој почнува да доживува епизоди на исчезнување, не метафорично туку буквално, моменти кога не знае ниту кој е, ниту каде се наоѓа. Одлучува дека веќе нема да пишува, туку дека ќе се занимава со нешто друго, кое е блиску до занаетот што го познава, но кое нема да ги содржи неговите стандардни стапици. На ужас на својот книжевен агент, тој одлучува да се занимава со дотогаш непостоечка професија - препишувач на портрети. Разликата со сликарскиот портрет е што овој не се црта туку се пишува, или поточно пре-пишува, бидејќи неговата содржина веќе постои во самите личности кои се портретираат.
Гвин изнајмува простор, го опремува минимално но со неверојатно прецизна идеја за тоа каква атмосфера треба да биде постигната, од тоа дека по ѕидовите треба да има по некоја флека од влага, преку специјално нарачаната звучна позадина која се состои од мешавина на тишини, врева и природни звуци, па до најинтересното - светлосната инсталација која се состои од рачно изработени светилки кои треба да емитираат „детска", синкава светлина, и кои при крајот на сесијата, која трае цели триесет и два дена по четири часа дневно, ќе почнат една по една да се гасат, означувајќи го крајот на портретирањето.
Откако сета инфраструктура е подготвена, Гвин сепак не е сосема сигурен во тоа како би изгледало едно портретирање низ текст, а тоа да не личи ниту на верска исповед, ниту на психоанализа. Затоа ја замолува Ребека, асистентката на неговиот книжевен агент, да му позира прва, за проба. Да „позира" е вистинскиот збор, затоа што услов за сите портретирани е да бидат голи, и да не зборуваат во текот на „портретирањето", освен еднаш во текот на сите 32 дена.
Ребека прифаќа, на почетокот неволно затоа што не е во мир со своето полничко тело, но наскоро толку се опушта што станува јасно дека таа радо би имала и нешто повеќе со нејзиниот „препишувач". Тој не возвраќа на овие чувства, но сепак успева да и направи убав портрет, кој дава надеж дека и идните би биле успешни. Објавува оглас, и така почнува серија портретирања на различни, интересни карактери, кои дисциплинирано ги следат упатствата на Гвин. Тие се особено трогнати од резултатот - портретот кој не секогаш ги опишува во нивната актуелна, реална состојба, туку во замислени времиња и улоги, кои за нив би биле автентични. Ребека останува да му биде секретарка, и понатаму тивко да го сака.
Но наскоро се случува инцидент - една млада и палава девојка, чиј татко ја пријавува за портретирање надевајќи се дека тоа ќе ја смири, успева да го заведе Гвин, но и делумно да ја разоткрие неговата тајна во медиумите. Тој се повлекува засекогаш, оставајќи и само една трага на Ребека, која успева да ја дознае неговата тајна - дека тој портретите ги вградил во книги напишани под псевдоним, но и дека направил и свој, персонифицирајќи се во едно хотелско лоби. Откривајќи го ова Ребека чувствува дека конечно успеала да допре до Гвин, а оставените траги и патокази, разбирливи само за неа, ги сфаќа како негова задоцнета изјава на љубов:
„Во меѓувреме размислуваше за задоцнетата нежност на Џаспер Гвин, вртејќи си ја во мислите, уживајќи во тоа да ја набљудува од сите страни. Го правеше тоа на светлината на една чудна среќа, што никогаш не ја почувствувала, а која сепак и се чинеше ја носела со себе со години, чекајќи ја. На што сè не сме способни, помисли. Да растеме, да сакаме, да правиме деца, да остареме - и сето тоа додека сме на друго место, во долго очекување на еден одговор што не пристигнал, или на еден гест што не завршил. Колку патишта, и со колку различни чекори се качуваме по нив, низ она што ни личи на едно единствено патување".
Ова е всушност мета-роман, книга за пишувањето, за односот на писателот кон неговите ликови, и за тоа дека никој не напишал ништо во коешто самиот не се вградил, дури и тогаш кога ги вложил сите напори да се затскрие. Но многу повеќе, ова е книга за природата на меѓучовечките односи, кои обременети од вулгарноста на секојдневието, од баналноста на зборовите и од стравот од отворање кон другите стануваат такви - вулгарни, банални и воздржани. Претпазливоста со која Гвин пристапува кон секое поединечно портретирање и обредноста на неговите постапки се знак, дека комуникацијата со друго човечко суштество е, или треба да биде, нешто скапоцено и свето, неизвалкано од калта на профаното и рутинското. Луѓето кои Гвин ги портретира барем еднаш во животот се чувствуваат забележани и некому важни, сфаќаат дека се приказна која вреди да биде раскажана. Сè додека свети и последната сијаличка, и се слуша и последниот звук. И сè додека има луѓе на кои таа приказна нешто им значи.