Букбокс читанка

КОМПЛЕТНИТЕ КАЛВИН И ХОБС од Бил Вотерсон

Крајот на годината на политички потреси, економски колапси и умирачки (што на диктатори, што на битни уметници) сакавме да го одбележиме со нешто поведро, но никако преромантично или неангажирано.

Љубопитниот, интелигентен, дрзок но бескрајно мил лик на Калвин од омилениот ни стрип „Калвин и Хобс" ни се виде како идеален фото робот на некого кого со задоволство би го прогласиле за „Личност на годината 2011 (и која и да е друга година)", да постоеше таква рубрика во Букбокс. Но тој бездруго се вклопува и во постоечкиот избор на списанието Тајм, кој за личност на годината го прогласи демонстрантот и бунтовникот во секој, а особено во детето во нас.

„Калвин е отворен и хиперактивен, нема филтер меѓу неговиот мозок и устата. Веројатно е преинтелигентен за негова возраст. Но она што навистина ме радува во врска со него е што тој нема чувство на ограничување – се уште нема доволно искуство за да ги знае работите кои не би требало да ги прави", вели неговиот креатор, Бил Вотерсон.

Токму тие луцидни, понекогаш цинични, но крајно искрени ставови на шестгодишниот филозоф Калвин (наречен така по Џон Калвин, теологот од 16. век) и неговото замислено пријателче, тигарчето Хобс (наречен така по Томас Хобс, политички филозоф од 17. век), минималистички сведени на нивната суштина без непотребни украси, но и ослободени од гневот и агресијата, толку карактеристични за некои други популарни цртани и анимирани детски ликови, легнуваат како мелем на рана, и некако утешуваат – дека за кое и да е прашање за кое сте биле мамени како дете, или за кое се уште се обидуваат да ве изманипулираат, Калвин има отрезнувачки коментар, кој иако може да здоболи, има вредност на вистина која тешко може да се побие со веќе дотраените алатки на разумот и возрасната логика.

Пораките на „Калвин и Хобс" оттаму и не се толку наменети на децата – на кои и така се им е јасно – туку повеќе на оние возрасни кои ги демне опасност или да заборават дека некогаш биле деца, или да престанат тоа да бидат, макар и со дел од својот дух. Тој е славење на слободната, некорумпирана мисла, во свет во кој е истовремено и тешко, и убаво да се постои.

„Калвин и Хобс" излегувал секој ден од 18 ноември 1985 до 31 декември 1995 година – на врвот на популарноста го имало во 2,400 весници низ светот. Иако имало идеја да се сними и анимиран филм, тоа никогаш не е сторено, делумно заради постојаното противење на Вотерсон на можната комерцијализација на ликот, но најмногу заради тоа што му било „малку страшно да го слушне гласот на Калвин".

И покрај тоа што Вотерсон веќе не го црта, стрипот се уште излегува во повеќе од 50 земји. Една од причините за неговиот успех кај повозрасните читатели е и чувството на носталгија кое тој го предизвикува, кон други стриповски јунаци од детството, како Чарли Браун или палавкото Денис. Но Калвин интелектуално далеку ги надминува обајцата заплиснувајќи нè со вербални огномети. Така, кога учителката, г-ѓа Вормвуд („Црвливодрво") се жали дека тој си го губи времето цртајќи глупости на часот по уметност (Стегосаурус во ракета, на пример) Калвин веднаш уметнички се оправдува, позиционирајќи се на „острицата на авангардата". Кога неговиот проект – скулптура на Снешко – ја доживува тажната судбина да се истопи, тој ова го толкува како дел од сопствената уметничка порака, „престава на ужасот на нашата сопствена смртност, која го поканува гледачот да се задлабочи во прашањето на минливоста". Неговите родители – адвокат за заштита на патенти и домаќинка – главно го нервираат со нивните стереотипни и конзервативни ставови:

Калвин: „Тато, дали се обидуваш преку мене индиректно да се изживееш, надевајќи се дека моите постигнувања ќе го оправдаат твојот малограѓански живот и на некој начин ќе компензираат за сите можности кои си ги пропуштил?"
Татко му: „Ако е така, можеш да се обложиш дека наскоро ќе си ја преиспитам стратегијата".
Калвин на мајка му: „Мамо, тато пак ме навредува!".

Така, единствен кој навистина го подржува и разбира е само тигарчето, кого никој друг освен Калвин и не може да го види, но кој во калвиновите очи е во човечка големина, и со квалитети кои треба да ги има секој (човечки и животински) пријател – пожртвуваност, лојалност и дискретност. Тие двајца го имаат формирано клубот G.R.O.S.S. (Get Rid of Slimy GirlS), и се негови единствени членови и функционери – Калвин е „Доживотен диктатор", а Хобс „Претседател и прв Тигар". Целта на клубот е закачање на Сузи Деркинс, девојче од соседството, со фрлање балони полни со вода или поставување стапици направени од селотејп. Нешто како добра тактичка вежба пред љубовните предизвици кои ги носи животот...

Во 2005. на 1440 страници, тврд повез и во специјална кутија излегоа СИТЕ стрипови „Калвин и Хобс", кои гордо ни стојат на клавирот во дневна. Да не беше Калвин малку чудно име за нашиве простори, детето сигурно ќе ни се викаше така. Но тоа останува корисно code name – сите сме ние Калвин, или барем би можеле да бидеме..

(торта за еден 50–ти роденден)

 

22 декември 2011 - 00:00