Букбокс читанка

КОГА ПИСАТЕЛИТЕ ЌЕ ГО ДИГНАТ...ГЛАСОТ, или: дали Јерговиќ по националност е „контроверзен“?

Во Македонија одамна не сум забележала главни актери во некое препукување, карање, преписка или скандал да бидат писатели, а тема на „дешаванките" да биде нивниот лик и книжевно дело.

Не дека нашите писатели се крајно неконфликтни и еснафски сплотени, па немаат за што да си префрлат или да дебатираат. Но дури и кога јавно реагираат на некоја тема таа најчесто нема врска со литературата, а до нивното име не стои „писател", туку некоја друга професија од која го заработуваат лебот.

Отсуство на муабет на некоја тема е симптом или на тоа дека сè е во ред, или дека нешто не е во ред. Македонската литература изгледа како чамец на утописки мирно море, кого не го лулаат ни оние од надвор, ни оние од внатре. Социјалниот контекст на творештвото излегува во прв план само кога се работи за распределбата на ресурси (читај: пари), а книжевните награди одамна се коментираат само кулоарски. Може ли да се случи некој настан кој ја тангира писателската фела да биде на првите страници на сите весници, како знак дека тој е општествено релевантен? Може ли писателите да бидат интересни и кога не се директно вмешани во политиката? Дали „политика" е само оној клаустрофобично тесен простор „Бранко-Грујо"?

Последниов месец српската и хрватската литературна сцена ја тресеа два настани, и двата поврзани со Миљенко Јерговиќ. На оние кои ја следат регионалната книжевна продукција, но и хрватските печатени медиуми во кои редовно пишува критики и колумни, неговото име им е добро познато. Долг на брада и виткан на коса, често остар на перо и јазик, овој роден Сарајлија, кој од 1993. живее во Загреб, на англиската Википедија е опишан како „босанско-хрватски", а на хрватската како „контроверзен" автор. „Контроверзен" излегува дека е некаква посебна национална одредница за автори чија припадност, со оглед на тоа што не е „чиста", е – матна. Нешто како она фејсбуковското it's complicated.

Јерговиќ нема проблем со себеодредувањето, и со „мешаноста", која е дел од неговиот човечко-авторски идентитет. Јазикот на кој пишува тој го нарекува хрватски, иако јазичните пуританци во Хрватска му замераат дека е преполн со српски, босански, и со кој знае уште какви зборови со неодредено, и отаму сомнително потекло. Но ваквата јазична „матност" не само што понекогаш му создава непријатности во Хрватска, таа овој пат го исфрли од конкуренција за НИН-овата награда во – Србија.

Иако пред десет години Васа Павковиќ, тогашниот литературен критичар на НИН, ја вклучил поетската збирка на Јерговиќ „Учи ли некој ноќва во градов јапонски?" (издадена во Сараево) во списокот десет најдобри СРПСКИ поетски книги во таа, 1991. година, истиот тој Васа, сега како претседател на жирито за НИН-овата награда за 2010., го исклучува романот „Татко" на Јерговиќ од конкуренција бидејќи тој не е напишан на - српски. Дали е можно за десет години јазикот на овој автор да се хрватизирал до степен на крајна непрепознатливост за еден просечен српски читател, или пак српскиот јазик стигнал да се издиференцира во засебно јазично семејство, на ниво на баскискиот?

Истата судбина оваа година го снајде и Мухарем Баздуљ, роден во Травник, кој без да биде преведуван пишува за куп весници од регионот – од Ослобоѓење, Ферал Трибјун, па до белградско Време. Но неговиот роман „Сјетва соли", издаден во Белград, никако не можел да биде напишан на јазик кој е (и) српски. „Миљенко, зашто не си Миленко?", гласи насловот на еден од бројните текстови кои се појавија како реакција на овој парадокс, кој тврди дека и романот на Баздуљ лесно би се нашол во конкуренција да не се викал авторот – Мухарем. Неколку автори самите се повлекоа од трката за НИН-овата награда, фрлајќи дрвја и камења по жирито и по весникот, кој според нив дури и во променетата општествена клима во Србија по падот на Милошевиќ се обидува да ја продолжи неговата политика со други, овој пат квази-книжевни средства.

Само што се слегна прашината во Србија, пустиот Миљенко пак се најде во центар на препукувања, овој пат во Хрватска. Велимир Висковиќ, претседателот на Хрватското друштво на писатели, во интервју за литературното списание „Венец" (кое многумина го опишуваат како крајно десничарско, и не многу книжевно), го нарекува Јерговиќ реафирматор на српското четништво во Хрватска. Веројатниот повод е изјавата на Јерговиќ во интервју за белградско Време, додуше од мај 2009., во кое тој, образложувајќи го сопствениот однос кон историските личности како книжевни инспирации, изјавува: „Морам да признаам дека јас не би знаел да пишувам проза за Туѓман или за Милошевиќ. Не дека тие не ме интересираат, се занимавам со нив половина живот, туку јас до нивните причини, ум и концепција не допирам. Но за концепцијата на таканаречените обични луѓе, кои се наоѓаат во центрифугата на историјата, и големите и масовни злостори, за тоа можам да мислам, и тука наоѓам причини и мотивација. За Дража на пример можев да пишувам бидејќи ги разбрав неговите мотиви. Секако, тоа не значи дека за него мислам ни позитивно ни негативно. Едноставно, тој е тродимензионална личност, која имала и своја трагика и свои мотиви и биографија, сето она што Милошевиќ и Туѓман не го имале".

Што би рекол еден мој пријател - „Ела бате, влезете". Додека едни во контекст на обвинувањата на Висковиќ излегоа со уште посилни зборови, укажувајќи на тродимензионалноста и биографиите на илјадниците жртви на четништвото, кои очигледно не се доволно книжевно мотивирачки за генијален ум како Јерговиќ, други се ставија на страната на не-Србинот од првото полувреме, кој излезе дека може да биде прогласен за четник дури и ако не пишува на српски. Дежуловиќ, Ловреновиќ, Томиќ и уште неколку хрватски автори, во знак на протест излегоа од Друштвото на писатели на Хрватска, јавно образложувајќи ги своите мотиви. „Мислењето на Висковиќ може физички да му наштети на Јерговиќ, го исклучувам ХДП од себе" напиша Дежуловиќ во Јутарњи лист, превенирајќи ја можноста започнатиот медиумски линч на неговиот колега да се претвори во вистински, и барајќи од Висковиќ да се извини. Очигледна жртва на синдромот „Запад не го запишува, исток не го отпишуе", Јерговиќ само излезе со изјава дека се чувствува како девојка која додека оди по улица сите и' викаат дека е курва, и дека најлошото што би можел да го направи во таква ситуација е да се обиде да докаже дека не е.

Целава приказна не е само интересна заради опасната и ненијансирана опозиција четник/усташ, туку и како илустрација на разликата помеѓу начинот на кој им се придава важност на таквите, и на други зборови во одреден општествен контекст. Уште никој не му мавнал ни чврга на Јерговиќ, а најважните хрватски пера рипаат како да е тој во шок соба со скршеници и потрес на мозок, свесни за можните последици на нечие етикетирање како „неподобен". Па колку тешки, навредливи и опасни зборови се изнакажаа, и се уште се кажуваат во нашиот медиумски простор, често пати упатени и кон луѓе кои се (и) писатели, па никој не наоѓа за сходно заради тоа да крева џева. Демократијата се сфаќа „олако", нешто што подразбира слобода ослободена од одговорност. Јазикот коски нема, но коски крши – хрватските писатели добро ја сфатиле оваа македонска поговорка и дејствуваат во согласност со неа. Кој е моментот кога „обичниот" говор станува говор на омраза, и дали е тоа само естетска финеса? Зборовите како „фашист", „диктатор", „тоталитарен" од преголема и некритичка употреба почнуваат да се излитуваат како стара метла, која сега пропушта да го собере и крупното ѓубре. Хрватските писатели, оние чиј човечки и професионален идентитет почива токму врз зборовите, покажаа како треба да се брани достоинството на пишаниот и изговорениот збор. Пред тој да скрши некоја коска.

Во прилог превод на есеј од новата одлична збирка „Загребски хроники" на Миљенко Јерговиќ (издание на XX век, Белград, 2010), посветен токму на јазикот и обидите тој да се вкалапи, бирократизира, и вештачки да се огради од сродните јазици.

КАКО БИТИСУВАЈЌИ НА КРАЈ И ПРОПАДНАВМЕ

Миљенко Јерговиќ

Повторно еден наш јазичар, овој пат академик Далибор Брозовиќ, се прошета по главната градска улица и многу се вознемири заради написите на крчмите и дуќаните, па побрза тоа да го обзнани во разговор за весници. Таа чудна навика на јужнословенските јазичари да шетаат по главните улици и да губат нерви пред неонските натписи трае веќе, еве, колку и нашите животи. А стари сме таман колку и англоамериканската јазична офанзива во Европа, пред која на колена падна армија германски, турски и унгарски изрази и, како во гроб, влегоа во хрватскиот јазик за засекогаш во него да останат. Малкумина уште се возбудуваат заради нив, затоа што хрватските јазичари добија нов и пострашен непријател во англискиот. Освен тоа, што се гледа и од последниот настап на Брозовиќ, уште трае лутата битка со Србите, кои заедно со Англичаните и Американците претставуваат најголеми непријатели на здравиот хрватски јазик. Толку здрав што го надживеал и својот последен говорник. Денес со тој јазик никој не зборува. А дали воопшто некогаш и зборувал?

Она поради што Брозовиќ ги губи нервите, што го растажува, и заради што слабо спијат и апетит губат хрватските јазички пуританци, е таа непремостлива разлика помеѓу јазичната норма и говорната пракса. Додека во животот јазикот е поподложен на инфекции од човек заразен со вирус на ХИВ, фанатиците на неговото нормирање прават се' да создадат асептична лингвистичка комора до која нема да допираат живи клетки. Последицата на таквите јазичко-говорни двојности е тоа што Хрватите се плашат да говорат хрватски – затоа што можат да згрешат. Ќе забележите и кај најпримитивните луѓе од најниските општествени слоеви, да речеме меѓу бездомниците на железничка, дека штом јавно проговорат, пред вклучен микрофон и камера, се обидуваат да не ги користат своите секојдневни зборови, туку бараат некои други. Колку што е поголем нивниот труд, толку е помала способноста нешто навистина да кажат. Подеднакво се трудат новинарите и писателите, телевизиските водители и докторите, се труди цела нација, а сето тоа за да се задоволи противприродната потреба за чистота на нешто што не може и не смеее да биде чисто ако сакаме да биде функционално. Моќта на говорот е содржана во фасцинантната интегративна моќ на самиот јазик, во непрекинатото создавање на синоними, превземање туѓи фрази и изрази, и говорното нијансирање кое произлегува од тоа. Кул е да се користат англицизми, мерак е што поточно да се погоди битот на турцизмите, гушт е убаво да се раскажува, не водејќи сметка за јазичната полиција.

Во Загреб постои јадење кое се вика краут флекице, кое мојата сараевска баба го нарекуваше купус флекице. Но јазичниот бирократ без фантазија таа работа ја вика крпице са зељем. Рајчица по смисла и по звук е убав збор, приемчив и драг, но заради нешто ниту еден нормален келнер нема да ви донесе салата од рајчица: секаде се служи парадајз салата. Имаме ли причина да се вознемируваме? Да, ама само под услов во секојдневниот живот на сопругата да и' го поставуваме следново прашање: „Драга, јеси ли погонила перилицу?" Што некој дома ја спомене вешмашината или машината за перење (строј за рубље), тој е дисквалификуван по прашањето на парадајз салатата. Или, зошто русизмот „тисуча" би го сметале за хрватски, а грцизмот „илјада" за нехрватски? Пуританците ќе одговорат: затоа што тисуча е дел од хрватската јазична традиција! Но зошто некој веќе еднаш не објасни кога почнува односната традиција, кои делови на Хрватска се исклучени од неа, и кои историски периоди (и од кои причини) се исклучуваат од традицијата? Зарем двеста години активно, литературно, говорно и секое друго мешање на хрватското со српското јазично и говорно искуство не е дел од традицијата, ако веќе се повикуваме на неа како на вреден аргумент?

Тешко би нашле кај нас познавач на јазикот кој би се согласил дека во описот на неговата работа стои дека тој е и негов создавач. Обично, во помалку елегантен исказ, се вели дека јазикот го создаваат сите негови активни говорници, а во поубава и посвечена варијанта се вели дека него низ креативен чин го пораѓаат писателите и поетите. Ако тоа е така, а би требало да биде, бидејќи е така во сите книжевни јазици, зошто тогаш на пример Тин Ујевиќ, при споредбата со стандардот, почесто ни изгледа како лута Србенда, а не како хрватски поет и еден од принцовите на мајчиниот јазик? Зар секој збор на Тин не е во исто време и збор на хрватскиот јазик? Мене ми изгледа дека би морал да биде. Ете, да речеме – хартија! Зборот хартија ќе го најдете во барем пет-шест песни на Ујевиќ, затоа што зборот „папир" поради нешто не му одговарал. Му требало нешто позвучно и пошушкаво, нешто со што ќе го обои стихот со боја на сепија. Но, наместо после Тин тој збор да биде сосема интегриран во хрватскиот јазик, и од него еднаш да исчезне по природен пат (па така да стане хрватски архаизам), зборот хартија, како и илјадници други корисни и во литературата оверени хрватски зборови е жртвуван од причини кои немаат врска со јазикот и говорот, но се поврзани со јазичката и дневна политика. На сличен начин во раните децении минуваа германизмите кои ни ги наметна нашата хабзбуршка мајчица. Збришан е аграмерскиот говор и говорите на јужнословенските континентални градови, а зад нив остана само пустош. Преку насилни интервенции во јазикот и говорот не се протежираат постоечките, па макар и запоставени вредности, туку се уништува живото ткиво на јазикот. Глупост е дека по 1945. се ширела српска јазична инфекција. Подеднаква глупост е дека денес зборуваме похрватски отколку пред 1990. Се работеше за уништување и само за уништување.

Или таа мудра замисла за хрватската компјутерска терминологија! Па никако да се согласиме околу тоа дали хардверот е „очврсје", или би било поточно да кажеме „склоповље". Хардверот меѓутоа е само хардвер, како што и софтверот е само софтвер, па така и ќе остане. Освен во случај да прегорат сите компјутери на Хрватите. Тогаш јазичарите слободно ќе можат да говорат за очврсје и за склоповље, бидејќи тие зборови, лишени од содржина, на таков начин и се создаваат. Вистина, тоа е работа на лудистички настроените поети, а не на јазичарите, ама добро.

Додека јазичките пуританци се занимаваат со национализација и требење на зборовите, хрватскиот телевизиски, новински, јавен, па на крај и приватниот говор, доживува вистинско касапење на својата синтакса, но не на сметка на Србите или Американците, туку затоа што во синтаксата ја добивме битката против туѓинците, па за неа го загубивме медиумското интересирање. Таков интерес нема ни во приказната за зборовите кои не се од странско потекло, па така беше можно да ги укинеме „новините"и да почнеме да пишуваме и да говориме за „новина" (во еднина). Таа невозможна и непостоечка еднина ми асоцира на отпечатена страница која се користи во недостаток на тоалет хартија.

И на крај една поучна анегдота: во осумдесетите во политичкиот жаргон на југословенските раководители необично активен и присутен беше зборот „битисување". Поетски занесено се сведочеше за битисувањето во времето и просторот, за битисувањето во блоковски поделениот свет. Се подразбираше, секако, дека зборот битисување значи исто што и постоење. Но, авај! Да битисуваш е всушност исто што и да погинеш, да умреш, да пропаднеш или да исчезнеш. Зборот настанал од турскиот корен битмек. Додека го славеа постоењето, комунистите всушност цело време зборувале за пропаѓањето. Јазикот е силно мудро суштество, а на говорниците им останува да бидат што подостојни на неговата слободна природа. Инаку не им гине – битисување!

(превод И.Ј.).

9 февруари 2011 - 00:00