„Критичко" издание значи дека тоа е целосно опремено со сите неохподни алатки за следење на преводот, од пагинација, детални фусноти во кои се образложуваат најзначајните термини и покажувач на називи (попознат како индекс). Преведувачот, Јеродјаконот Виктор Теодоростудит, или Васко Цветковски, самиот е класичар, но она што го прави оригинален неговиот пристап е што тој се обидува на местото на некои веќе утврдени филозофски термини, кои некогаш сме ги презеле од англискиот или германскиот, да понуди нови решенија, засновани на старословенскиот и воопшто на словенските јазици. Тоа, како и уредничкото читање на текстот на уште еден класичар и филозоф Виктор Илиевски, му дава тежина на изданието, и го прави вистински деликатес за оние кои се занимаваат со класични јазици и филозофија, за македонистите, но и за сите што сè уште веруваат во квалитетни изданија и преводи.
Во прилог осврт кон книгата на самиот преведувач, кој објаснува зошто Аристотел е сè уште актуелен, но и зошто е важно преводот да не се сведе на Google Translate.
***
МАКЕДОНСКИ ПРИРОЧЕНИЈА И ХЕЛЕНСКИ КАТЕГОРИИ
(кон првиот македонски критички превод на Аристотеловите Категории)
Ако за науките, чија цел е со помош на мислата да ги откриваат законите кои владеат помеѓу стварите во стварноста, се тврди дека се од пресудно значење за понатамошниот тек и изглед на нештата, како на пример Физиката со Теоријата на релативноста на Ајнштајн, колку ли тоа повеќе ќе важи за науката која се занимава со САМАТА МИСЛА, т.е. со законите кои владеат со неа - ЛОГИКАТА. Зарем не зависи од НЕА во кој правец ќе одат сите останати науки, оти тие се водени од мислата?
Кога сме пак, кај Логиката, посебно европската, нејзиниот почеток не може да се замисли без Категориите на Аристотел. И навистина, иако малку задоцнето (како што вели народот: „нека биде задоцнето - да не биде заборавено"), нашата јавност доби критички превод на ова дело. Можеби денес постојат и нови теории на човековата мисла, и нови Логики, кои во многу ја исклучуваат Аристотеловата и начелата за кои зборува Аристотел во Категориите, но и овие нови теории, со оглед на тоа што постојат како спротивставени на неа, логично немаше да постојат доколку не постоеше и таа; оти, во најмала мера, немаше да имаат на што да се спротивстават. Сигурно дека современата биологија не може да се замисли без Дарвин, современата хемија без Менделеев, современата физика без Њутн, современата философија без Хегел (иако звучат стари и надминати), но уште посигурно е дека нити една наука во својот почеток, онака како што ние европјаните се занимаваме со нив, не може да се замисли без Аристотел, оти колку тоа и да сакаме денес да го порекнуваме, западниот начин на мислење е аристотеловски. Во врска со содржината на Категориите на Аристотел, сите, ако не друго, во средно училиште на часовите по Философија сме учеле дека тоа е дело за најопштите поими на човековото мислење кои се на број десет, и тоа за овој наш текст нека биде доволно... Да оставиме со нив да се занимаваат логичарите, методолозите и философите- на коишто се надеваме овој превод нема да им биде, во најмала рака, бескорисен; а ние пак, сакаме да позборуваме за самиот превод (во издание на Табахон), како прв нивни македонски критички превод.
Иако по правило македонскиот литературен јазик научните и техничките имиња ги позајмува од "меѓународниот" фонд на термини (кои се латински и грчки), во овој наш превод нема да пронајдете нити еден латинизам или грцизам. Нашата цел е Аристотеловите поими да зборуваат самите за себе (преку разбирливото нивно за нас словенско име што највнимателно сме го одбрале, а не преводов да го читаме со философски речник пред себе, прашувајќи се што значат зборовите за кои единствено чувствуваме дека звучат величествено и некако учено. Така на пример, при преведувањето, на место повообичаените: субјект, објект, предикат, им се дава предност на веќе постоечките, но поретко користени словенски имиња: подмет, предмет, прирок; за некои термини како грчкото logos (преведувајќи го како слово) прибегнавме кон подзаборавените начела на нашето древно славјанско преведувачко предание, а онаму каде што требаше (каде што старите словенски термини не се вклопуваат во системот на правилата на совремеиот наш литературен јазик, се потрудивме да создадеме нови имиња- но словенски и разбирливи, при што овие наши постапки на создавање на нови имиња не ги оставивме да висат во воздух, ами ги објаснивме потврдувајќи ги и докажувајќи ги со примери од преводите на останатите словенски јазици, со давање на посебна важност на старословенскиот и/или црковнословенскиот јазик и преводите направени на него во текот на најмалку илјадогодишното негово постоење и активна улога што ја извршил и врз развитокот и на изразот на современите науки кога зборуваат на нашите современи словенски јазици. На прв поглед, овој начин на преведување, може да ни изгледа чуден, понекогаш и изнасилен, со оглед на тоа што веќе латинизмите и грцизмите ни станаа постварни и позачестени во нашиот говор отколку зборовите кои се суштински поврзани со нашиот јазик; но од каква помош се имињата створени врз сонова на словенски корен при читањето и разбирањето на градивото на книгава, читателот се уверува уште од првата реченица на нашиов превод. Терминот имено, хомоними, освен што неговото значење го учиме по дефиниција на часовите по литература во основно училиште, за нас е нем, а додека неговиот словенски превод истоимени зборува сам по себе.
На крај не би сакале никако да испуштиме да потцртаме дека денес во науката се повеќе и повеќе преовладуваат теориите на превод кои за преводот велат дека тој во извесна смисла е творба па дури и авторско дело на преведувачот. Творба!? Авторско дело!? А што, зарем преводот е просто математички премин од еден систем на знаци на друг? Зарем може да се премине од еден јазик на друг со проста механичка замена на секој збор со нему „буквалниот" или со проста механичка замена на секој израз со нему „соодветниот", а да не ја споменувам реченицата? А што е тоа буквално, што е тоа соодветно? И сто преводи на Категориите да постојат на македонски литературен јазик, нити еден нема да биде идентичен со некој друг - што потврдува дека преведувачот не е само пасивен преносител на пораката од неразбирлив на разбирлив јазик, или Google Translator, ами активен чинител, чијашто активност е во потполна врска со неговата личност и стварноста околу него.
Отец Виктор (Васко Цветковски)