Неодамна ми беше укажано на постоење на негов блог на англиски, каде еден од постовите беше посветен на „Говорената музика" или ако повеќе сакате, свирената поезија. Го замолив да го преведе и прилагоди. Еве го, придружен со збирно аудио пакетче, за вистинско доживување на некои познати, но и сосема нови светови на тој еротски, јин-јанг спој на музиката и зборот.
In my medicine cabinet
the winter fly
has died of old age
и саксофоните...
* * *
Музиката го изразува тоа што не можеме да го кажеме,а е невозможно да го преќутиме. Но што се случува кога некој зборува музика? Кога нечии неотпеани зборови инспирираат создавање музика? Поврзуваат нечие музичарство со слика?
Тогаш се создава нешто налик на синестезија во која наместо трансформација од музички тонови во бои, слушателот гледа цели ситуации проследени од емоциите и атмосферата што ја носат преку музика.
Jack Kerouac w/ Al Cohn& Zoot Sims – American Haikus
После секое хаику на Џек Керуак, Ал Коун или Зут Симс свират по една импровизирана фраза. Тие ја одразуваат правата слика, го одредуваат темпото и емоцијата на моментите што тој ги опишува. Поради тоа ова музичко парче поседува моќ врз слушателот, каде што тој слуша поетска строфа, но моментот кога ќе слушне музичка фраза си ја визуелизира. Вистинско ремек-дело!
Ken Nordine – Reaching Into In
Кен Нордин опишува секојдневна ситуација, но во оние моменти кога сè наоколу станува мистериозно и потсетува на епизода од сон. Музиката го има правиот интензитет. Го има лаунџ звукот што нè потсетува на комфор, а и оној момент на мистерија што се повторува како да си заглавил на некое морничаво место. Сè е навидум нормално, ама мислите не ти дозволуваат да мислиш така. Слушај...
Charlie Mingus – Scenes in The City
Генијално музичко парче од "A Modern Jazz Symposium of music and poetry with Charlie Mingus". Музиката е на Мингус, а за говорниот дел му помогнал познатиот поет Лангстон Хјуз кој го адаптирал да звучи како кратка театарска претстава. Лесно е да се забележи менувањето темпо со цел да се прикаже промената на расположенија кај главниот јунак. Неговите носталгичарски мечтаења со нежно темпо за балада и неговите јадови и маки да преживее во Големиот Град со пребрзо темпо и развриштени саксофони. Затоа според мене оваа композиција е пример за телепатска интеракција помеѓу зборот и музичка импровизација.
Nat King Cole – The Three Trees
За разлика од претходните композиции кои го презентираат зборот во комбинација со спонтани музички фрази, во оваа зборовите имаат јасно определена мелодиска фраза. Извор, три дрва, таму, таму и таму, убаво мало зајаче, пие, ловџија, шума, пука, убаво мало зајаче, извор, три дрва, таму, таму и таму.
Raymond Scott – Limbo: The Organized Mind
Џим Хенсон и Рејмонд Скот не водат на патување низ човечкиот мозок. Музиката е толку мрачна и морничава што за момент може да почувствувате дека сте под хипноза. Добро е што има голема доза хумор во оваа говорна музика, затоа што многу луѓе можат да се здобијат со мозочни оштетувања доколку не беше така. А можеби и се здобиле? Којзнае?
Babs Gonzales – The Be-Bop Santa Claus
Во најавата за оваа песна Бабс Гонзалес посочува еден проблем што постојано ѝ наштетува на уметноста. Еден метод станува популарен во моментот кога сите ќе почнат да го копираат и применуваат, но во исто време истиот ги оддалечува уметниците од нивниот инстинкт кој претставува најискрениот дел од нивниот карактер. "Сите зборуваат за џез и поезија. Тоа е големата работа во моментов. Но во 1955 година јас направив нешто што беше голема работа за мене, а не знам ништо за џез и поезија, се што знам е забава".
Louis Armstrong – Lonesome
Стариот мајстор рецитира во рубато темпо. Песнава звучи точно како што си ги замислувам древните мајстори поети како рецитираат во придружба на музика. Зборовите паѓаат на времето заедно со мелодијата, но остануваат неотпеани. Кога и да го чујам Сачмо во оваа песна ја чувствувам неговата желба да ги отпее, но не! Пеењето е убаво! Ова е нешто друго! Тој е заглавен во своето минато. Песната е тука. Тој ја слуша но никако не може да ја отпее. Слатко и болно искуство!
Slim Gailard – Avocado Seed Simphony Soup
Харизмата што ја поседува Слим Гејлард му дозволува да прави што ќе посака и луѓето ќе бидат вчудоневидени. Вистински пример за уметник чија лојалност кон својот инстинкт го издвојува помеѓу другите уметници. Ја обожавам оваа "песна"поради тоа што е снимена во живо и може да се чуе публиката и нивната возбуденост. Надреална атмосфера. Нешто помеѓу stand-up комедија и проба на бенд. Сигурен сум дека нема да најдете нешто слично на ова.