Тој сака да ги разглоби нештата (и идеите) на нивните составни делови, да ги објасни, и причинско-последично да ги поврзе. За романтичниот најважни се непосредните, сетилни впечатоци – тој „работи" на инспирација, фантазија и интуиција, или во превод, на сè што не е разум. Иако никој не е исклучиво „класичен" или „романтичен", повеќето луѓе сепак спаѓаат во една од овие категории.
Голем дел од човечките недоразбирања произлегуваат токму од ваквата разлика во погледот на свет. За „романтичарот" класичниот начин на размислување изгледа досадно и грдо. Обратно, за „класичарот" романтичниот поглед на свет е ориентиран само кон задоволства, прележерен е и непрагматичен. Класичните типови се компјутерски гикови, романтичните занесени поети. Тоа е стереотипот.
Тој (стереотипот) својата најдобра потврда ја наоѓа во односот кон новата технологија. Иако истиот муабет може да се води за сите изуми кои „за живота" ни ги потиснале старите (добри?) навики – од разните носачи на слика и звук, до оние машинки кои без ниту еден замав на сукалото прават колачи и „домашен" леб - копјата најмногу се кршат кај мешањето на технологијата во области кои се типично уметнички (читај: романтични). Дигиталната фотографија, на пример, внесе раздор во редовите на самите фотографи - само најтврдокорните се уште инсистираат на предностите на класичните фотографии. Истото веќе се случува и со книгите, а трендот го зафати и регионот. На почетокот на април хрватскиот Телеком ја претстави платформата преку која на тамошните издавачи ќе им биде овозможен пласман и продажба на електронски книги, а на читателите купување и читање книги на компјутер, ајфон, ајпад и на посебни читачи (Киндл, на пример). Сите се као нешто ентузијастични и хепи што ќе се вклучат во „современите текови". Хм...вели романтичарот во мене.
Да се разбереме, ова го пишува човек кој печати, и потоа на хартија потцртува и чита дури и статии од неделно списание. Секоја чест на мноштвото бесплатни книги (на пример на Гутенберг), па и на нам милите скрибдови и торенти, ама тие повеќе служат за потсетување, референца или пребарување отколку за реално читање. Тука дури и не се работи за некаква идеологија – не можат сечии очи, врат и кичма да издржат толку седење пред компјутер. Малкумината мои пријатели кои се обиделе да читаат на падови и ридери велат дека било супер, и дека таквото консумирање книги имало бројни предности: оние во електронски формат се поефтини од печатените, а има и бесплатни; можете да си пишувате белешки поголеми од оние на „обичните" маргини, да го менувате фонтот и големината на буквите; не мора да се секирате дали тиражот на книгата што сакате да ја купите е исцрпен, и да му мислите колку кила ќе ви тежат куферите при следното селење.
Романтичните мрчатори нормално веднаш наоѓаат маани – апаратите работат на струја (која може да ја нема) или батерија (која се празни); можни се грешки во хардвер или софтвер; резолуцијата на екранот обично е пониска отколку онаа на хартија; генерално е тешко да се чита на сонце, а електронските читачи (како што вели старата македонска поговорка) во споредба со книгите и мотиките, се крадат повеќе. Како и секогаш одлучувачки за вторите се сепак аргументи кои немаат врска ни со цена, ни со екологија, ни со бутур. Книгите на хартија за нив се едноставно – поубави! Сетилноста кое е дел од традиционалното читачко искуство, допирот на пластификатот, рељефноста на хартијата, мирисот на печатарска боја и шушкањето на страниците за некои луѓе се вистинска интелектуална гозба. И така по цел ден штракаме по некои типки, зјапаме во монитори и зависиме од машини, можеме барем на читањето да му пристапиме „органски". Како инаку ќе се чудиш каде ти е книгата, ако не можеш некому да ја позајмиш? А на старо книга како ќе купиш?
Сепак, мислам дека во основата на романтичарската реакција на електронските книги стои нешто многу подлабоко од едноставната одбивност кон новите технологии. Поучени од она што интернет го прави од кажаното и напишаното, ослободувајќи го од смисла и одговорност, нам ни е страв, дека таква вулгаризација и оповршнување може да им се случи и на нам омилените книги, кои „качени" на некакви електронски платформи, бесконечно мултиплицирани и физички обезличени, само ќе придонесат кон космичката галама на бајти и пискели. Познатиот расказ на Борхес, „Вавилонската библиотека", зборува за еден таков, хаотичен универзум, составен од бесконечен број шестоаголни простории – библиотеки, со огромно количество книги чиј редослед и содржина се случајни и бесмислени. Иако тоа е очигледно, неговите жители веруваат дека некаде во библиотеката сепак мора да се скриени и сите „вистински" книги, кои некогаш ќе се напишат или кои се веќе напишани, биографии на секој човек или преводи на секоја од книгите на сите јазици. И покрај поплавата од информации, достапните книги се целосно бескорисни, па библиотекарите често се разболуваат или се самоубиваат во потрага по совршениот Каталог, кој би ја направил разликата помеѓу оние книги кои треба да се елиминираат, и оние кои заслужуваат да бидат чувани и читани.
Многумина сметаат дека Борхес во овој расказ не само што дијагностицирал постоечка состојба на „обесмислување" на зборовите преку нивното трупање, туку бил и визионер, кој предупредил од опасноста човек да се загуби во мноштвото опции кои не само што не му го олеснуваат, туку напротив го усложнуваат и заматуваат неговиот пристап до вистинското знаење. Да знаел Борхес за електронските книги дали би сакал неговите да бидат и такви? Кој знае. Според статистиките само 15% од луѓето кои имаат е-ридери целосно престанале да купуваат обични книги. Тој веројатно би типувал на аудио форматите.