Мојот најдалечен спомен на оваа книга е едно потемнето, речиси антиквитетно издание на српски, со тврди корици и лузни од селења и поплави, кое го чуваше баба ми во домашната библиотека. Потоа дојдоа скратените, лектирни изданија на македонски. Но за овој 'нескратен' превод на Илија Корубин дознав дури сега.
Како што многумина го употребуваат изразот „платонска љубов" без воопшто да ја читале Платоновата „Гозба", така веројатно се уште побројни оние кои ја користат придавката „донкихотовски" само врз основа на некаква прекажана, од втора рака конструирана идеја за овој лик. Најчесто за таков, донкихотовски, се смета секој залуден напор да се излезе на крај со сили кои се непропорционално помоќни од еден самопрогласен витез, кој со маки успева да се одржи дури и во седлото на неговиот коњ. Ако некогаш сте се обидувале да му објасните на строгиот шалтерски работник, таа персонификација на „системот", дека сметката за вода со месеци ви е нереално голема, тогаш точно знаете на што мислам. Ваквото толкување на ликот и делото на Дон Кихот сепак содржи јасна наклоност и симпатија кон неговите апсурдни, но во основа благородни мотиви. Но од друга страна „Дон Кихоти" можат да бидат и крајно наивните, заблудени интелектуалци, кои сметаат дека се единствените кои светот, за кој знаат само преку книгите, можат да го изведат на „вистинскиот пат".
Не дека и едното и другото не е точно - од седумнаесетиот век кога било напишано па до денес неговите аналитичари, критичари и читатели не можат да се договорат околу само едно толкување на ова дело. Во времето на неговото објавување тоа било читано како комедија. По Француската револуција било популарно заради наравоучението дека поединци можат да бидат во право дури и тогаш кога целото општество не е. Во 19-тиот век било читано како општествен коментар, сатира и фарса, иако не било сосема јасно за која страна „навива" Сервантес. Денес тоа е е едно од делата кое се смета за темел на модерната (некои велат дури и постмодерната) светска литература, а неодамна од страна на Нобеловиот институт беше прогласено за најзначајното книжевно дело на сите времиња.
Историјата на самиот роман е речиси исто толку интересна колку и неговата содржина. Поголемиот дел од тиражот на првиот дел, објавен 1605., бил испратен во шпанските колонии во Новиот свет, каде издавачот сметал дека ќе постигне подобра цена, но настрадал во бродолом - само 40 копии пристигнале во Куско, земјата на Инките, каде веројатно и не знаеле што да прават со нив. Набргу по стекнувањето популарност во Шпанија, почнале да се појавуваат пиратирани (да, пиратирани) копии кои се ширеле низ Португалија, Италија, па дури и до Брисел. Во меѓувреме дома, до 1608. книгата доживеала дури седум изданија! Во 1615. се појавува вториот дел - за неговиот комерцијален успех не знаеме многу, но во историјата на книжевноста тој котира повисоко од првиот, и се оценува како филозофски подлабок.
Професионално деформирана во областа на антропологијата, за мене приказната за Дон Кихот меѓу другото е класична, но пародизирана бајка. Главниот лик, на почетокот по малку наивен и неснаодлив (во нашите народни приказни најчесто најмалиот и најсмотаниот од тројца браќа), до крајот на бајката успева да се еманципира, не само да преживее туку и да победи, и со тоа да се иницира, да премине во некаков друг, за него подобар статус - од момок да стане господар, од ќелеш цар. Дон Кихот до крајот на вториот дел излегува од неговиот оклоп на неприлагоденост, која многумина ја нарекуваат лудило, но наместо со победничка насмевка тој од своите авантури се враќа крајно тажен и меланхоличен. Ако романот на Сервантес е сатира и подбишега, тогаш токму во ова лежи неговата најголема иронија - крајот не само што го краси, туку и го коментира делото. Од комичен Дон Кихот станува трагичен лик, бидејќи не успева да го премости јазот меѓу замисленото и реалното. Не сме ли сите тогаш по малку Дон Кихоти? Го оседлувам Росинант, му пуштам СМС на Санчо, и тргнувам во уште еден поход. Пред шалтерот на водовод.