
Новоотворениот Музеј на миграцијата во Ротердам е дело на прочуеното архитектонско биро МАД архитектс од Кина, за кои ова е прв јавен културен проект во Европа. Нивниот концепт го трансформира некогашниот магацин во простор за современа музејска и изложбена програма, комбинирајќи ја индустриската меморија со футуристички архитектонски акценти. Реставрацијата на објектот започна во 2020 година, а неколку архитектонски елементи привлекоа посебно внимание – како таканареченото „Торнадо“, спирално скалиште со висина од 30 метри, со панорамска платформа поставена во 2023 година.
Според авторите, Феникс не е само музеј, туку и место за социјална интеракција, истражување и визуелно раскажување на глобалната приказна за движење на луѓето низ времето и просторите. На отворањето, музејот претстави три тематски изложби: „Сите правци“, со над 150 дела и предмети од сопствената колекција; „Семејство мигранти“, изложба на фотографот Едвард Стајкен и „Лавиринт од куфери“, импресивна интерактивна инсталација составена од 2.000 куфери донирани од луѓе ширум светот – секој со своја миграциска приказна.
Локацијата е симболична: музејот се наоѓа веднаш до пешачко-велосипедскиот мост кој води кон хотелот Њујорк – поранешно седиште на компанијата Холанд Американ Лајн, преку која илјадници Европејци во минатото го напуштале Стариот континент во потрага по нов живот во Америка. Целото пристаниште е дел од поширок план за урбана преродба.
Освен културната и историографската вредност, музејот претставува и пример за одржлива архитектура. Покривот, со површина од 6.750 квадратни метри, е покриен со растенија што го апсорбираат дождот и го намалуваат оптоварувањето на канализацискиот систем. Објектот користи систем за термално складирање енергија со помош на топлотна пумпа што го стабилизира внатрешниот клима-режим преку подземни извори.
Оттаму, Феникс го надминува концептот на класичен музеј – тој е простор каде што индивидуалните приказни се преплетуваат во колективна меморија, каде што архитектурата и уметноста се мост меѓу минатото и иднината, и каде што секој куфер зборува гласно, дури и кога е затворен.
Oфицијален сајт тука