
Пред триесет години еден од начините да слушаш музика во движење беше преносното ЦД, кое знаеше да потскокне на нерамен пат или да одбива да биде прочитано, особено ако е пиратско. Неколку месеци живеев сама во туѓ град опсесивно купувајќи нова музика, затоа што беше достапна, а и за некој или нешто да ми прави друштво. Звуците на „Дансас“ на Марија Жоао се мешаа со автоматските најави на метро станиците и ритамот на дождот. Нејзината траекторија подоцна водеше низ различни музички жанрови. Мојата ме врати дома.
На 6 јуни во НОБ, во рамки на овогодинешниот ОффФест, таа ќе го претстави својот нов (ако добро броиме) 25-ти албум, „Изобилие“ или Абудансија. Ова е импресивна бројка за некој којшто сфатил дека знае да пее дури на 20-годишна возраст. До тогаш, ќерката на татко Португалец и мајка од Мозамбик, таа била исфрлана од дури пет училишта поради својата бунтовна природа, а дисциплината ја пронашла во занимавањето со спорт и давање часови по пливање на деца со пречки во развојот. Откако пријател ја наговорил да се пријави во џез училиштето Хот клуб во Лисабон, нејзината кариера станува исклучиво музичка. Големо влијание врз нејзиниот стил и израз имаат соработките со двајца пијанисти - Јапонката Таки Акасе и нејзиниот долгогодишен партнер Марио Лагиња, кој често се јавува и како композитор на нејзините албуми.
Во 2009 со клавијатуристот Жоао Фариња го формираат проектот ОГРЕ кој комбинира џез со електронска музика. Од оваа соработка во 2022 произлегува албумот „Песни за Шекспир“, експериментален проект кој комбинира говор и музика. Притоа, не станува збор за преточување во музика на конкретни дела, туку правење колаж од познати стихови од различни драми и сонети така за низ гласот на Жоао да добијат нов контекст и смисла.
Таква е „Љубовта не гледа со очите“, реплика од првиот чин на „Сонот на летната ноќ“ (или „Сон во ноќта спроти Иванден“) во која се вели:
Не со очи, туку со срце љубовта гледа,
затоа Купидон крилестиот, во слепечка е беда;
срцето на љубовта воопшто за правдина не знае,
во крилјата, а не во очите, брзо лудилото си го тае;
затоа љубовта, се вели, чедна е ко дете,
во изборот е лажена и зиме и лете.
Илина, Букбокс