Букбокс читанка: „Уништување“ од Мишел Уелбек

Нeкаде среде најновиот, а според најавите можеби и последен роман на Уелбек, ви доаѓа да извикате, макар и на лош француски - „Мишел, ти ли си?“. Затоа што книгата може да се толкува како реално збогување, но и обратно, како отворање ново поглавје. 

Во ретките мирни моменти во годината, кога постпразничната депресија и еколошката загаденост отвораат дупка која можат да ја пополнат само негледана а добра серија во шест сезони или книга од над 500 страници (оригиналот е над 700, веројатно мал формат), се одлучивме за второто. Самиот наслов - „уништување“, со мали букви во насловот како што инсистирал самиот автор (нешто што дизајнерот на македонското издание не го знаел или не го испочитувал) - ветуваше големи нешта. Најавен како последен роман на 68-годишниот Уелбек, го замисливме како негова земјотресна одјава од суровиот, морално корумпиран, отуѓен и по сè гаден свет, во кој не те спасува ни да си пророчки писател кој на него гледа од презрива висина, додека светот му возвраќа - „Ти па, поарен да не си?“. 

И не е дека и овој роман не почнува со стандардните геополитички проблеми, овој пат на Франција во блиската 2027. На интернет се појавуваат мистериозни, кодирани пораки, придружени со видеа за кои не се знае дали се лажни или вистински. Разликата не можат да ја проценат ни искусните разузнавачи. Моментот е сензитивен, воочи претседателските избори, во земја која има висока стапка на невработеност и сиромаштија, а претседателот во заминување го завршува својот втор мандат „напуштајќи ги фантазиите за старт-ап нација“ со која победил на првите избори (референца на реалните ветувања на Емануел Макрон). 

Главниот лик, Пол Резон, работи за Министерот за финансии кој се подготвува за идна улога на премиер, како кандидат на позицијата. Татко му, Едуард, е пензиониран „безбедњак“, кој доживува мозочен удар, токму во моментот кога е најпотребна неговата помош во дешифрирањето на мистериозните пораки, за кои тој се интересирал пред да му биде одземена способноста за говор. 

Семејството на Пол - сестрата, зетот, братот, снаата и нивните деца, како и партнерката на Едуард, се собираат на селскиот имот, каде тој е префрлен откако со помош на радикално десничарска група успеваат да го извлечат од болницата, бидејќи таму не ја добива потребната нега. Нивните ликови се пресек на француското општество - поддржувачи на опозицискиот Национален фронт, радикална верничка, невработен нотар, реставратор на средовековни таписерии, припадничка на некаков „њу ејџ“ култ, одлична студентка која претендира на академска кариера, но во моментот заработува како проститутка. Додека тие поради новонастанатата ситуација мораат да ги испеглаат своите разлики, светот се распаѓа. Терористите - испраќачи на пораките, за кои не се знае дали се „десни“ или „леви“, почнуваат со конкретни акции, кои кулминираат со 500 мртви на намерно потонат брод со мигранти во Средоземното море. Планот кој конечно се открива вклучува и уништување на истражувачки центар за невротехнологија во Ирска и напад на локација на технолошка конференција во Хрватска. Сето ова во тек на претседателската кампања, во која Пол е ангажиран како советник на спомнатиот министер. Се до моментот кога му е дијагностициран рак, од оние најмачните, на вилица. 

Вака сумирано, романот не делува како многу различен од претходните, барем според главните елементи. Но стилот е како делото да го пишувал друг автор, а не Уелбек. Ова е и добра и лоша вест, во зависност од тоа колку сте навикнати на него од претходно и што очекувате. Дејството тече пребавно, а иако настаните по својата природа би требало да се хаотични и тензични чувството е само меланхолично, на моменти дури и романтично и навистина трогателно. „Уелбек, ти ли си?“, ви доаѓа да викнете, сфаќајќи дека ова е (веројатно) прв негов роман во кој во фокусот е на една длабоко интимна катастрофа, која се одвива на позадина на политички настани кои во споредба со неа делуваат како банални сцени од реално шоу.

Дали има некаква симболика што ракот на Пол го зафаќа токму органот за говор - јазикот, заканувајќи се и тој да остане безгласен како и неговиот татко? Деталните описи на болеста, како и благодарностите кон различни доктори-специјалисти на крајот на книгата, укажуваат дека Уелбек навистина внимавал на овој аспект, кој може да се толкува и на следниов начин - метастазираниот „рак“ на заболеното општество ја одзема способноста дури и да се говори за него. Ако ова навистина биде негова последна книга, тогаш метафората сигурно била намерна. Ако не, тогаш е отворање на ново поглавје. 

Илина, Букбокс

8 јануари 2025 - 10:23