Букбокс читанка: „Кога престануваме да го разбираме светот“ од Бенџамин Лабатут

Ретко се случува да сме толку воодушевени од некоја книга што го одложуваме пишувањето за неа за да не си го расипеме чувството, кое во процесот на прераскажување и интерпретирање се рационализира и разводнува. Оваа е една од нив. 

Приказната за тоа како стигнавме до оваа книга е речиси исто толку интересна колку и самата таа. Следејќи го Џон Лури на Твитер (да, тој Џон, oд Лаунџ Лизардс, од Down By Law, од Painting With John, од нашиот расказ Tom Waits meets Goce Arnaudov), наидовме на негов пост во кој тој од своите следачи бара препораки за добри книги. Следеше лавина сугестии, во која некој му го возврати прашањето - а што читаше ти последно? Лури одговори само со: „Кога престануваме да го разбираме светот на Лабaтут“.

Кој?

Бенџамин Лабатут (1980), холандско-чилеански автор, прв пат преведен на англиски токму со оваа книга. На фотографиите - презгоден. Критиките главно фокусирани на „збунката“ околу жанровската определба на делото. Не е многу чест случај нешто да се опише како „нефиктивен роман“ или збир на „есеј, две приказни кои се обидуваат да не бидат тоа, кратка новела и полубиографска проза“.

Всушност, како и за квантните објекти на субатомско ниво, и за оваа книга не може баш да се одреди дали е „бран“ или „честичка“, документаристичка реконструкција или измислица, риба или жена. Таа ги опишува обидите на некои од најголемите умови од областа на природните науки да го објаснат универзумот, кој како јагула им се измолкнува секогаш кога ќе помислат дека го имаат в рака. Претставува идеи кои веднаш се повлекуваат во своето дувло откако ќе ги заслепи дневната светлина, за да си дозволат да излезат само ноќе, во најтемната темница, кога низ шумата на знаењето шетаат само оние најхрабрите или оние најлудите. И притоа со слободна (за некого пре-слободна) рака ги доловува историските и животните околности на овие интелектуални џинови, кои често имале навистина намачени души, дополнително оптоварени од помислата - какви потенцијални демони се кријат во нивните равенки, кои е можеби подобро воопшто да не се будат?

Помеѓу имињата за кои станува збор се Вернер Хајзенберг, Нилс Бор и Ервин Шредингер. Но има и такви кои не се толку извикани на полето на популарната култура, преку финти од „Биг бенг тиори“ или мемиња кои сигнализираат упатеност во сложени теории само затоа што на нив има мачка во кутија. 

Eве еден таков пример, пренесен онака како што е тоа сторено во романот, кој ги почитува историските факти, но им додава и сетилна и крајно човечка димензија. 

22 април 1915, Ипр, Белгија. Кога тоа утро француските трупи се будат во своите ровови пред себе здогледуваат огромен зеленикав облак кој се приближува кон нив, преминувајќи преку ничијата земја. Два пати повисок од машка снага, густ како зимска магла, тој ништи сè пред себе. Како што минува, лисјата на дрвјата нагло свенуваат, како во библиско пророштво птиците паѓаат мртви од небото, а зелените ливади добиваат метална боја. Мирис на ананас и хлор ги гребе грлата на војниците кога тој им влегува во белите дробови, формирајќи хидрохлорна киселина. Стотици од нив паѓаат на земја гушејќи се од сопствениот шлаем, со жолта пена која им бабри од устите, а кожата им помодрува од недостаток на кислород. 

Сето ова е резултат на научни експерименти кои Германците ги вршеле претходно со различни хемиски оружја, испитувајќи ја нивната ефикасност. Хемичарот Валтер Нернст, кој служел во германската војска како возач-волонтер, предложил изненадувачки напад на француските трупи со солзавец. Но откако бил присутен на теренски тест на оваа идеја, неговиот колега Фриц Хабер предложил подобро решение - гас хлорин. 

Успехот на неговата мисија му донела унапредување во Раководител на секцијата за хемија во Министерството за војна и вечера со самиот цар Вилхелм Втори. Но сета слава била засенета, како од густ облак, од начинот на кој го пречекала неговата сопруга. Клара Имервар била првата жена со докторат по хемија на германски универзитет. Таа не само што добро ги познавала ефектите на гасот врз лабораториските животни туку и речиси го загубила мажот кога ветерот одеднаш го сменил правецот во текот на еден од теренски тестови и почнал да дува кон ридот каде Хабер ги надгледувал своите трупи качен на коњ. Тој на чудесен начин се спасил, но еден од неговите студенти не успеал да го одбегне токсичниот облак - Клара, која била присутна, посведочила како тој се препелка на земјата, како да е нападнат од војска крвожедни мравки и умира во ужасни маки. 

Кога Хабер победнички се вратил од Ипр, Клара го обвинила дека ја первертира науката со тоа што воспоставил метод за индустриско убивање човечки суштества. Тој ја игнорирал - за него војната била војна, смртта - смрт. Ги искористил своите наградни два дена отсуство да ги покани пријателите на забава која траела до мугрите. Тогаш неговата жена излегла во градината, ги собула чевлите и се застрелала во градите со неговиот војнички револвер. Искрварила до смрт во рацете на нивниот 13-годишен син. 

Ова не го сопрело Хабер да продолжи да ги рафинира техниките за поефикасно испуштање на гасот. Но духот на неговата жена го прогонувал . „Во моето срце често ги слушам зборовите на сиротата жена, а во моите визии ја гледам нејзината глава како искрснува среде купот наредби и телеграми, и страдам“. 

Во 1918 Фриц Хабер бил прогласен за воен злосторник од Сојузниците, иако и тие не биле цвеќиња за мирисање кога станува збор за користење на хемиско оружје. Заминал од Германија и се населил во Швајцарија каде пристигнало известување дека ја добил Нобеловата за хемија за откритие од пред војната, кое ќе ја промени судбината на човештвото. Тоа е азотот, главна храна на растенијата, кој Хабер го добил директно од воздухот. Да не бил тој, стотици милиони луѓе кои до тогаш зависеле од природни ѓубрива (Англичаните оделе дури до Египет за да ги копаат коските на фараоните и робовите кои содржеле азот) би умреле од потхранетост. Она што тој го постигнал во лабораторијата, Карл Бош, главниот инженер на гигантот БАСФ, го преточил во индустриски процес кој овозможил стотици тони азот да се произведуваат во фабрика со големина на мал град, во која работеле повеќе од 50.000 работници. Иронично, Хабер на овој начин го спасил истиот оној свет кој претходно го уништувал.

Лабатут нè запознава со низа други полу-замислени, сечени/лепени/монтирани биографии и на други научници, чудаци, лудаци. Французинот принц Луј-Виктор Пјер Рејмонд, jaпонскиот математичар Шиничи Мочизуки, Германецот Александер Гротендик. Последниов почина во 2014 по години живот поминати како самоизгнаник, јадејќи само супа од глуварчиња, начин на живот кој го прифатил откако сфатил дека „атомите кои ги уништија Хирошима и Нагасаки не биле расцепени од мрсните прсти на некој генерал, туку од група физичари вооружени со ракатка равенки“. Сите тие, со својата брилијантна интелигенција, но и неверојатен сензибилитет, успеале да погледнат „од другата страна“ на човечкото - во сферите каде сето она што е утврдено и дефинирано се топи како снег. Во визија која ја има Хајзенберг при една од своите кризи, тој среќава мистериозен лик во крчма каде се собираат копенхашките боеми. Овој му раскажува за своето прво искуство со зборувањето по телефон:

„Професоре, денес сите сме жртви. Премногу сте интелигентни за да не го разбирате тоа. Се уште се сеќавам кога прв пат некој ми се јави по телефон. Тоа беше во куќата на дедо ми, мајка ми се јави од хотел каде сакаше да ги минува своите годишни одмори за да избега од мене. Кога го слушнав ѕвонењето, ја кренав слушалката и ја допрев главата до неа подавајќи се на гласот кој доаѓаше од неа и не постоеше нешто што можеше да го намали ова насилство. Омалаксан, страдав кога видов како мојата свест за времето, за обврска и пропорција е уништена. А кому му го должиме овој сјаен пекол, ако не вам, на луѓето како вас? Кажете ми, Професоре, кога започна сето ова лудило? КОГА ПРЕСТАНАВМЕ ДА ГО РАЗБИРАМЕ СВЕТОТ?“

Илина, Букбокс 

18 мај 2024 - 13:03