Со Кобо Абе се сретнавме кога го гледавме прекрасниот „Жената во песочните дини“ (Букбокс осврт тука), базиран на негов роман. Иако содржи и фантастични елементи, ова дело повеќе се поврзува со европската книжевност на отуѓувањето и апсурдот, со Кафка и Бекет, а не со машини, генетски мутирани фетуси и генерална апокалиптична визија за иднината.
Токму овие елементи се во фокусот на „Четврто меѓуледено доба“, роман кој во Јапонија излегувал како серија текстови во периодот 1958-1959, а е преведен на англиски во 1970. Само неколку години подоцна е издаден во познатата едиција на научна фантастика „Кентаур“ која од 1967-1989 излегуваше во Југославија, а чии 88 (можеби и повеќе) наслови во одреден број за среќа се уште се достапни во скопските библиотеки.
Авторот има многу интересна биографија, која дава основа за разбирање на неговите книжевни идеи. Во текот на Втората светска војна едвај одбегнал да биде регрутиран само затоа што студирал медицина. По неа зазел став на интелектуален пацифист и ѝ се придружил на Јапонската комунистичка партија за да им помага на работниците во сиромашните предградија на Токио. Но Советската инвазија на Унгарија го згрозила и предизвикала негово раскинување со партијата. Во меѓувреме станал поет и драматург и напишал неколку високо оценети романи, кои по нивното преведување на англиски го промовирале и во светот.
„Четвртото меѓуледено доба“ се одвива во (тогаш, а и сега) блиска иднина, во која јапонските научници имаат развиено нов вид компјутер кој може да ја предвиди, доколку биде „нахранет“ со доволно податоци од сегашноста. Истовремено со Јапонија, ваква машина прави и СССР, но Русите се главно заинтересирани за конкретна тема, политичките промени поврзани со Студената војна. Раководителот на јапонскиот тим, доктор Кацуми, не го интересираат социјални, економски или политички предвидувања. Наместо тоа, тој и неговите колеги тајно одлучуваат машината да го предвиди и на некој начин да го испланира животот на една единствена индивидуа. Кога идеалниот кандидат ќе биде конечно пронајден, тој под мистериозни околности ќе биде убиен.
Од тука романот станува мешавина на трилер, спекулативна фантастика и апокалиптична приказна која денес, 75 години подоцна, е неверојатно свежа и препознатлива. Кои се политичките последици на можноста технологијата да ја предвиди иднината? Дали јасновидството во оваа смисла може да се одвои од влијанието машините и да ја создадат предвидената иднина? Какви жртви бара ова од човештвото - дали тоа треба да се откаже од она што е карактеристично само за овој вид цицачи, дури и на најбазично биолошко ниво, како локацијата на живеење и телесната физиологија?
Сите овие прашања се одговорени на прилично мрачен и суров начин. Ова особено важи за описот на фармата на абортирани фетуси, кои се генетски мутирани за да развијат шкрги, како вовед во нова генерација луѓе кои ќе можат да живеат во вода, откако поради климатските промени ќе бидат приморани да го напуштат копното. Овие „водени битија“ ќе мора да развијат и свој јазик, но бидејќи не можат да зборуваат во вода тие ќе разговараат чкрипејќи со забите, користејќи некој вид Морзеова азбука. За да не им се оштетуваат забите, комуникацијата би можела да се одвива и со меѓусебно тапкање по прсти, а научниците ангажирани на проектот развиваат и писмо за „водениот јазик“ на кој се образуваат новите генерации. Сето ова е овозможено со користење електронски преведувач, за кој во иднина и не би имало потреба, бидејќи човечкиот јазик би отпаднал како што отпаѓаат особините кои еволутивно веќе не се потребни.
Во текот на сите овие експерименти, Кацуми изгледа дека е единствениот што пружа отпор и предупредува на можните опасности од ваквиот развој. Оние над него не се задоволни и најпрвин се обидуваат да го предомислат, но подоцна насетуваме дека имаат и полоши намери.
„Вие очигледно не ја земате предвид можност иднината да се разликува од сегашноста. Како да ви го објаснам тоа? Ако на машината за предвидување не и се постави прашање, таа не е во состојба да одговори. Сакам да кажам дека таа не може самата да измисли прашање. Оттаму, за машината навистина да работи, потребен е комплетен испитувач. Ние, меѓутоа, сметаме дека вашите способности се прилично оскудни во тој поглед“, му вели еден од колегите. Кога Кацуми ќе реагира дека предвидувањето не е исто што и обично раскажување, туку дека за него е потребно логичко заклучување врз основа на факти, колегата вели: „Се сомневам дека машината може да се потпира само на факти. Зарем не треба тие факти да ги преобликуваме во прашања?“. На овој начин Кобо Абе го најавува времето кога на програми како Четџипити ќе им поставуваме прашања кои не секогаш имаат врска со факти, туку со она што сакаме да го прочитаме, или со други зборови, кога машината ќе стане огледало на нашите (не)знаења, желби и стравови. Во таа смисла, Големата поплава која од сите нас ќе направи безгласни риби можеби и не е визионерство за реална климатска катастрофа, туку силна метафора.
Илина, Букбокс