Букбокс гледаше: „Жената во песочните дини“ (1964)

Koга ќе се спомнат непрегледни песочни простори во книжевноста и филмот првата асоцијација е на „Дина“ на Френк Херберт - негостољубивата пустинска планета Аракис, која во себе крие огромни предизвици, но и моќ за оние кои ќе научат да живеат во и со мистериозниот песок. Но еден јапонски писател уште во 1960-тите го искористил истиот симбол за да направи врвно егзистенцијалистичко дело, преточено во исто толку моќен филм.

„Жената во песочните дини“ (во оригинал: Песочната жена) е роман на јапонскиот писател Кобо Абе, објавен во 1962. Длабоко повлијаен од Кафка и Бекет, тој ги прикажува своите протагонисти во екстремни околности, што ја нагласува нивната отуѓеност и апсурдноста на обидите да најдат смисла во свет во кој ја нема.

Ваквата екстремност понекогаш подразбира и елементи кои се на граница на фантастика - доволно веројатни за во нив да се поверува, а сепак со доза претераност и искривоколченост за да бидат алегориски. 

Taков е и спомнатиот роман, преточен во филм на Хироши Тешигара, кој во 1964 ја доби специјалната награда на Канското жири и беше номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Кога наставник чие хоби е истражување инсекти по песочните дини близу големиот град ќе го пропушти последниот автобус, мештаните ќе го однесат во преноќувалиште на дно на јама, во која се симнува по скалила на јаже. Тука живее жена на која ѝ е доделена задача (или казна?) по цела ноќ да копа песок кој селаните потоа препродаваат „под рака“ на црниот градежен пазар.

Љубезна и тивко возбудена од неговата појава, таа на неочекуваниот посетител му ги исцртува правилата за живот во засолништето - врз масата за јадење мора да стои чадор бидејќи покривот постојано пушта песок; водата и храната мора да се штедат бидејќи се доставува еднаш неделно; треба да се спие гол затоа што песокот ја прима ноќната влага и држи студено ако влезе под облеката. И, најважно, никако не смее да се престане со копање песок, бидејќи во спротивно тој ќе се струполи врз куќичката, како што тоа го сторил некогаш убивајќи ја нејзината ќерка и сопругот. 

Сето ова на гостинот отпрвин му звучи како вишок информација, бидејќи тој, нели, мисли да остане само една вечер. Но кога ќе се разбуди и ќе сфати дека јажето со скалите веќе ги нема, му станува јасно дека е вовлечен во ситуација од која нема излез. Секој обид да се искачи по песочната дина е залуден и сизифовски. Не се исплати ни протестот, кога тој ќе ја врзе жената и нема да копа неколку денови, мислејќи дека на тој начин ќе го привлече вниманието на неговите експлоататори - селаните. Тие ги оставаат без вода до момент кога играта мора да продолжи. 

Моментите на помиреност со ситуацијата кај мажот се сменуваат со обиди за бегство, но дури и кога еднаш успева во тоа опасностите „надвор“ или поточно „горе“ излегуваат поголеми од оние „внатре“ односно „долу“, во дупката, каде барем има храна, вода и жена која страстно му се подава. Животот е сведен на основното и на инстинктот, а грижливо составуваната колекција инсекти во епрувети со формалдехид и примероци закачени со шпенагли во специјални кутии набргу завршуваат во домашното огниште. 

Сепак, истражувачкиот дух на наставникот доведува до едно мало, но значајно откритие кое ветува дека би можело да ја промени и неговата и судбината на заедницата. Дека би ја обезбедило потребната еманципација на малиот човек среде пустината и дека би била доказ за неговата победа над неумоливата природа. Крајот на филмот укажува на тоа дека тој и по седум години, се уште е во дупката, каде можеби ја нашол смислата, или пак својата смрт. 

Ова е една од оние алегории кои не се снебиваат да бидат премногу очигледни, а се сепак толку моќни, како ретко кое егзистенцијалистичко дело од западната уметност. Визуелните приказни на бесконечните песочни дини во црно-бела техника, вознемирувани само од повремениот ветер, се истовремено и прекрасни и застрашувачки. Исто како и животот.

Илина, Букбокс

9 декември 2024 - 11:35