
„Аларм“ од White Beliot (прочитајте го вториот збор на кирилица) е псевдоним на отец Пимен, што е пак свештеничко име на еден „обичен“ човек, роден како Сотир. Зошто било потребно да се користи првичната шифра? Затоа што текстот најпрвин е понуден на конкурс за монодрама, напишан во формат кој го подразбира овој жанр, за потоа да стане нешто друго, па нешто трето. „Другото“ е мешавина на директен говор во прво лице, со описи на дејствата на главниот лик во трето лице, така што текстот повеќе заличува на новела. Е, „третото“ е најинтересно. Авторот ја дал последната верзија на уредничко читање, па по рецептот на Рејмон Кено и неговите „стилски вежби“ и неа ја вклучил во книгата веднаш после оригиналот.
За ваквата одлука во предговорот се цитира извадок од текст објавен на Букбокс - „Што е тоа уредник?“ во кој се вели:
Да се биде уредник на книги значи да се прифати повеќе или помалку „благородна анонимност“. Затоа што во крајна линија, неговата работа е сепак сервисна - тој не е автор на книгата што ја уредува. Па сепак, советите на уредниците можат навистина да придонесат нештата да се „стегнат“, подмачкаат, префарбаат, подобро да се заковаат, за делото да биде навистина силна градба направена стамено и без брзање, наместо колиба која ќе ја однесе првиот ветер.
Почитувајќи ја „благородната анонимност“ на уредничката, нема да го споменеме името (тоа е наведено во книгата), бидејќи на крајот на краиштата тоа и не е толку важно. Поентата е всушност повеќеслојна - секој кому би му била дадена книгата на читање пред нејзиното излегување би можел да има свој уреднички поглед на неа, без оглед дали тоа би било читање на човек кому уредништвото му е професија (како во случајов) или лично толкување. Така, текст од 104 ептен мали странички, во формат на џебен часовник со аларм, станува 204 страници, но тие можат со следно читање да станат 312, па 416, и така до формат на една никогаш недовршена „Војна и мир“, која ќе се пишува сè додека некој ја чита и во себе ја преработува „Аларм“.
Оние од генерацијата на Уајт Beliot се сеќаваат на времиња на будење со тркалезен, метален часовник со рачиња и ѕвонче на врвот, какви што имаше во секое домаќинство. Па на првите дигитални радио-часовници, кои можеа да будат и со музика или вести на одбраната станица. Но сите овие, вклучително и денешните мобилни, го нарушуваа природниот ритам на нештата, одржуван со милениуми од првите петли и зората која во народните песни толку убаво зори. Еден таков ја краси и корицата на оваа книга, гордо исправајќи ја „кикиритката“, небаре е најнов модел на ајфон.
Главниот лик во книгата ја следи оваа историја на нашата комуникација со суштествата и апаратите за будење, коментирајќи и други аспекти на современиот живот. Така, од далеку нè потсети на монодрамата „Последната лента на Крап“ на Бекет, во кој главниот лик (маестрално игран на нашата сцена од Ѓорги Јолевски), „разговара“ со стар модел на магнетофон, преслушувајќи ленти на кои се слуша неговиот глас, соочувајќи се со минатото и неможноста тоа да се промени.
Каква е разликата помеѓу двете верзии? Да, втората е постегната, гредите се добро заковани, фасадата свети. Првата некако по „личи“ на авторот. За да ја одржиме симболиката на бројот 3, нудиме и уште една верзија на реченица од текстот:
Отец Пимен
„Штотуку разбуден од сончевиот зрак, кој на нашето недорасонето лице му се виде како ласер, му разбуди чувство на страв.“
Уредничката
„Нашиов недорасонет човек беше престрашен од помислата дека некој, без да го праша, му прави ласерска операција за корекција на видот“.
Чет Џипити (по побарана подобрена верзија на првата реченица)
„Штотуку разбуден од сончевиот зрак, што на нашето поспано лице изгледаше како ласер, во нас разбуди чувство на страв.“
Имате за бирање.
Илина, Букбокс