Во македонското издаваштво речиси и да не сме слушнале за пример во кој уредникот одиграл клучна или барем важна улога во конечниот облик и содржина на дело од домашен автор. Според доминантното разбирање на работите, тој или таа имаат повеќе организациска и техничка улога, но ретко се замешуваат во самата содржина на книгата сугерирајќи стилски, дури и порадикални промени. Дури и да имало вакви случаи, за нив не се зборува отворено, со тоа потенцирајќи ја, и за добро и за лошо, одговорноста на авторот, но истовремено потценувајќи го потенцијалното позитивно влијание кое може да го има начитан уредник „со осет“.
„Она што го прават уредниците за писателите е мистериозно и не се состои, како што обично се мисли, на ставање наслови и на 'измени'. Врската помеѓу уредникот и писателот е многу посуптилна и подлабока, истовремено и толку неодредена и толку радикална што е речиси родителска“. Ова се зборови на Џоан Дидион од некролог за Хенри Робинс, нејзиниот прв и долгогодишен уредник. Таа дополнително ја објаснува дефиницијата - за неа уредникот му дава на авторот „идеја за самиот себе, сликата која му овозможува на писателот да седне самиот и да го стори тоа. Ова е ризичен потфат и од уредникот бара не само да има малку поголема верба во авторот отколку што во себе ја има самиот автор, туку и тоа писателот да му се допаѓа, што е многу тешко остварливо“.
Во светските издавачки кругови кружат имиња на уредници за кои легендите велат дека се заслужни за подемот на голем број славни автори. Секако, исто толку голем број, ако не и повеќе, се заслужни за нечиј стрмоглав пад. Уредникот во идеален случај би требало да биде концентриран на деталите, граматиката и тонот; да биде во интимна емоционална врска со авторот и пошироката читателска публика; да има осет за поширокиот општествен и политички контекст; да биде чувствителен кога се во прашање културолошките текови и промени но истовремено да му биде лојален на текстот; да биде по малку манијак за книжевност, а не канцелариски службеник. Со еден збор, да биде еден вид ренесансен полимат.
Но корпоративната култура, која има навлезено со две нозе и во издаваштвото, веќе не промовира и поддржува вакви луѓе, што значи дека добриот уредник е редок и многу вреден. Токму на ваквите примери, додуша поврзани со славното минато на оваа професија, е посветена нова книга „Уредничката“ од Сара Френклин. Станува збор за биографија на Џудит Џоунс, легенда во издаваштвото со шестдецениска кариера во големи издавачки куќи, особено во областа на книгите за храна и рецепти од втората половина на 20 век - од Џулија Чајлдс до личната готвачка на Опра, Рози Дејли. Но таа имала и многу посериозни „клиенти“ - Силвија Пат, Џон Апдајк, Ленгстон Хјуџис. Најважна анегдота поврзана со неа е тоа што како асистент во париското претставништво на издавачот Даблдеј во 1949 таа го издвоила од купот „Дневникот на Ана Франк“, кој претходно бил одбиен од голем број издавачи.
Да се биде уредник на книги значи да се прифати повеќе или помалку „благородна анонимност“. Затоа што во крајна линија, неговата работа е сепак сервисна - тој не е автор на книгата што ја уредува. Па сепак, советите на уредниците можат навистина да придонесат нештата да се „стегнат“, подмачкаат, префарбаат, подобро да се заковаат, за делото да биде навистина силна градба направена стамено и без брзање, наместо колиба која ќе ја однесе првиот ветер.