Проститутка која пишувала романи во затвор? Книга која ѝ била омилена на Пети Смит? Неодоливо. Add to Chart, Proceed to Checkout, и книгата пристигна за помалку од две недели.
„Астрагал" прв пат е објавена, на француски, во 1965, а е преведена на англиски две години подоцна (интересно, ама многу брзо потоа, во 1972, е преведена и на српски). Насловот на книгата произлегува од латинското име за зглобот на ногата (astragalus), кого Ана, 19-годишната нараторка во романот, го крши на самиот почеток од книгата кога скока од десетметарскиот ѕид на женскиот затвор каде е притворена. Успева да се довлечка до најблискиот пат, каде по некое чудо од мракот и од неиздржливите болки ја спасува моторџијата Џулиен. Тие дури и во темното некако се препознаваат, како животинки со ист мирис - и тој покажува знаци на човек кој „лежел": зборува без да ги мрда усните додека очите му изразуваат индиферентност или пак без прекин шараат по околината, ја држи цигарата стисната во дланката наместо со прстите, и чека да падне ноќта за да прави што и да е, па дури и да зборува. Ана до тогаш во затворот имала сексуални и љубовни искуства само со жени, но како што вели самата „Џулиен ја повикал назад кон машкиот род". Да, таа има само 19.
Како што се вели во една критика за книгата, ова е приказна за криминалци, но не е криминалистички роман. Знаејќи ја позадината на авторката, очекувате/потајно се надевате дека ќе се изначитате за убиства, валкан секс, предавства и сплетки. Но стилот на Саразен е толку суптилен, а фокусот толку многу на нејзината интроспекција и на љубовта со Џулиен, што понекогаш морате да се потсетите што подразбира под метафорите кои ги користи, кога на пример вели дека нејзиниот сакан е отсутен затоа што се занимава „со други прашања".
Долгите отсуства на Џулиен, и престојот на Ана со неговото семејство, во страв од полицијата која може да чукне на врата секој момент, се всушност замена на еден затвор со друг. Наскоро ситуацијата со нејзината нога станува толку лоша што мора во болница. Таму минува низ неколку операции, кои по некое време и овозможуваат конечно да прооди. Тоа е моментот кога таа се враќа во Париз, живее со пријателка на Џулиен и нејзината ќерка, но истовремено се оддава на проститутција, и тоа само за да собере пари кои би му биле потребни на Џулиен, кој во меѓувреме е уапсен. Кога тие конечно ќе се спојат и ќе почнат да го живеат својот долгоочекуван сон, на две реченици до крајот за кој сте убедени дека ќе биде среќен, Ана е препознаена од еден полицаец, и се враќа во затвор. „Не се секирај, ќе се најдеме повторно, сега барем можам да одам", му вели таа сосема спокојно на Џулиен, и навистина ви остава добро чувство. Дека со неа ќе биде се во ред.
Со „вистинската" Ана, односно со Албертина, сепак не било така. Речиси сите клучни моменти во книгата се автобиографски - од описите на тешкото детство, престојот во казнено-поправен дом, бегството од затворот, кршењето на зглобот и Џулиен. Во реалниот живот таа се мажи за него, истовремено станувајќи славна со двата романа (Астрагал и Коњот). Почнуваат да живеат на море, во Монпелје, иако не престануваат да се бават и со ситен криминал. За жал, Албертина наскоро умира, на 29 години, од компликации по операција на бубрегот.
„Астрагал" е многу повеќе од исповед на една проститутка - таа е истовремено болна но и оптимистичка книга за борбата да се остане жив и обидот да се биде приврзан кон друго човечко суштество, дури и во околности кога ни животот ни таквата приврзаност не изгледаат како нешта кои имаат смисла. Повредата на ногата е реална, но и симболична - зглобот е она што ги држи коските заедно и ги прави подвижни. А другите луѓе се оние на кои мораме да се потпреме кога тие се скршени.
Тука целиот предговор на Пети Смит, која откако случајно наишла на примерок од „Астрагал" на старо за 99 центи во 1968, секаде одела со неа со децении. Во овој текст објаснува зошто.