Напишана за Годината на детето на УНИЦЕФ, 1979, „Чикитита“ што значи „девојче“ на шпански, долго време беше голем хит на шведската супергрупа АББА. Таа е и нивна прва песна снимена и на шпански, со што станала многу популарна и низ Латинска Америка. Од самиот почеток бендот имал јасна идеја што сака да направи со заработката. Според Бјорн Улвеус, композиторот и еден од основачите, сите членови биле за тоа надоместоците за изведување и авторски права да одат за програми наменети за млади жени и девојки.
Иако во помал обем, песната се емитува и се слуша и денес, а парите се уште се користат за целта за којашто се наменети. Така, во местото Ла Тинта во најсиромашниот регион на Гватемала, група домородни девојчиња изведуваат своја верзија на „Чикитита“, преведена на нивниот мајчин јазик. Децата од основно се вклучени во работилници организирани од Асоцијација на пријатели на развојот и морот, една од најстарите владини организации во Гватемала, кои користат фондови токму од песната на АББА. Недостатокот на сексуално здравствено образование во овие краишта минатата година довеле до тоа 346 девојчина на возраст од 14 па и помалку години да забременат и прерано да станат мајки. На женските деца генерално не им се овозможува да се образуваат, а и покривањето со интернет и телевизија е многу ограничено. Затоа спомнатата асоцијација се обидува до своите целни групи да допре преку програми на домородните јазици за локалното радио.
Во 43-те години од објавувањето, авторските права за „Чикитита“ се употребени за некои од најсложените прашања кои ја погодуваат Централна Америка - од екстремна сиромаштија до домашно насилство. Членовите на бендот се горди на ова постигнување и велат дека тоа е најдоброто наследство на кое што некој може да се надева.