„Грешници“ (Sinners) на Рајан Куглер, режисерот што се прослави со франшизата „Црн пантер“, од самиот почеток беше дочекан со скепса. Куглер има отворено признаено дека сценариото го напишал за само два месеца, а Ворнер брос вложиле речиси 100 милиони долари, прифаќајќи исклучително поволни услови за авторот: целосна креативна контрола и права врз филмот по 25 години. Во Холивуд владееше уверување дека ваквиот ризик може да значи и крај на студискиот систем. Но сите воздржани или отворено негативни коментари паднаа во вода оваа недела, кога на списокот номинации за овогодинешните Оскари филмот се појави во рекордни 16 категории.
Најави за ваков успех додуша имаше и претходно. Филмот премиерно беше прикажан за католички Велигден и доживеа вистинско „воскресение“ – заработи 368 милиони долари и стана најуспешниот оригинален филм во последните 15 години, како и десеттиот најгледан филм во американската историја, надминувајќи дури и класици како „Терминатор 2“. Тој отвори широка јавна дебата за историското бришење, културното наследство и политиките на забавната индустрија. Мемињата произлезени од филмот одеа рака под рака со сериозни анализи за нивното значење во американската музичка традиција.
За оние што веќе го гледале, јасно е дека зад брзо напишаното сценарио стојат години истражување на фолклорот од делтата на Мисисипи и историјата на блузот. Куглер црпел инспирација и од фотографии од 1930-тите, домородни митологии, универзитетски историчари, како и од искуствата на кинеските имигранти, често заборавени фигури во историјата на американскиот југ. Со одлична актерска екипа, како и со помош на соодветна костимографија и сценографија, тој успева да ги вгради сите историски и религиски слоеви без да ја оптовари основната хорор-нарација.
Но не сите сметаат дека филмот заслужува толку „ука-бука“. Toj според нив е провокативен, добро снимен, храбар, но не ТОЛКУ добар. Има и толкувања, дека согласно историска шема на номинации за Оскар на филмови кои се фокусираат на црнечки приказни, тие знаат да бидат номинирани но не и да добијат многу Оскари. Со тоа Академијата излегува политички коректна и „ангажирана“, но за филмовите ова е нешто што веќе има и име - само gesture award.
Филмот е достапен на ХБО и одличен за зимскиов викенд блуз.