„Влакнеста нога“ - урбаната бразилска легенда оживеана во филмот „Тајниот агент“

Во Бразил со години кружела приказна дека ако излезеш навечер, особено во некои „сомнителни“ маала, може да те нападне грозна, исечена, влакнеста нога. Колку и да звучи апсурдно, токму ова е една од највпечатливите сцени во најновиот наградуван филм „Тајниот агент“, неодамна номиниран и за Оскар во четири категории. 

Во 1977, среде политичките превирања поврзани со воената диктатура во Бразил, научникот Армандо (кој мора да користи тајно име, Марсел) се обидува да избега од земјата и со себе да го земе и својот син. Премиерата се случи во рамките на Канскиот фестивал, каде стана еден од најнаградуваните филмови, добивајќи признание за најдобар режисер и најдобар актер. Потоа доби и Златен глобус за најдобра драма и најдобар странски филм, за потоа да биде номиниран и во 4 категории за овогодинешните Оскари. 

Паралелно со реалистичната приказна за репресивниот авторитарен режим, во незаборавна сцена се појавува и еден необичен „лик“ - човечка нога пронајдена во труп од ајкула. Се сугерира дека таа припаѓала на некој(а) убиен(а) од режимот и фрлен на ајкулите – практика што диктатурата навистина ја користела за да ги сокрие телата на противниците. Ресифе и во реалноста има проблем со ајкули, а режисерот Мендонса Фиљо има изјавено дека е голем обожавател на „Ајкула“, кој излегол токму во тоа време. Ногата во филмот подоцна „оживува“ и талка низ градот Ресифе, казнувајќи ги со силни клоци сите оние што се впуштаат во „неморал“. Иако симболиката е прилично јасна, многумина не знаат дека „влакнестата нога“ (Perna cabeluda) е инспирирана од вистински сведоштва од времето во кое е сместено дејството, што ја прави една од најпознатите и најмоќни фолклорни легенди на Ресифе.

Приказната започнала кон крајот на 1975 година, на периферијата на Ресифе, кога жителите тврделе дека виделе отсечена човечка нога како малтретира жители на населбата. Во текот на дваесетина дена, приказната се ширела, вклучувајќи соседи, верски лица и локални власти, сè додека на необичен начин не стигнала и до медиумите.

Набргу, влакнестата нога станала тема на новински написи, а потоа се пренела и на радиото. Според радио прилози од тоа време, влакнеста нога нападнала жена во пристанишниот дел на Ресифе – проститутка што шетала доцна ноќе. Писателот Раимундо Кареро, кој имал неделна колумна во читано списание, пишувал за наводни напади во населбата Боа Виажем – приказни што ги слушнал во редакцијата. Така, влакнестата нога станала вистинска урбана легенда: родителите се плашеле за децата што остануваат надвор доцна, а ноќниот живот замрел. 

Фолклорот и урбаните легенди често го одразуваат времето и местото во кое настануваат. Доцните 1970-ти биле тежок период за Бразил поради воената диктатура, а за Ресифе особено. Во јули 1975 година, градот бил погоден од катастрофална поплава – најголемата природна катастрофа во неговата историја. Заедно со другите локални проблеми, тоа создало плодна почва за легенди како влакнестата нога, која, според тогашните верски водачи, ја отелотворувала целата таа негативна енергија.

Со текот на времето, се верувало дека влакнестата нога напаѓа само одредени групи – проститутки, малцинства и млади луѓе – и тоа исклучиво ноќе, кога луѓето се чувствувале послободни да бидат свои, без постојан страв од репресија од режимот. Така, легендата добила и силна социјална димензија и станала креативен начин да се зборува за табу-теми, без да се привлече несакано внимание.

Денес, иако легендата сè уште живее, влакнестата нога е прифатена како локален фолклорен симбол. Од 1976 година наваму, таа се појавува во карневалски песни и поворки, во музиката и стриповите. Сето ова сведочи за нејзиното трајно влијание, а „Тајниот агент“ само додава уште едно поглавје во нејзината приказна.

26 јануари 2026 - 10:02