Нова студија на Универзитетот во Кембриџ покажува дека луѓето се многу помоногамни отколку што често се претпоставува и дека, според начинот на парење, сме поблиску до животни како меркатите отколку до нашите најблиски роднини-примати, како шимпанзата и горилата.
Истражувањето нуди компаративна ранг-листа на моногамија кај цицачи, вклучувајќи ги и луѓето, и укажува дека долгорочните партнерски врски се невообичаено чести кај нашиот вид. Дури и во општества каде што е дозволена полигамија, моногамијата е многу пораспространета отколку кај повеќето други цицачи.
Наместо да се потпира само на набљудување на однесувањето, истражувачот д-р Марк Дајбл, професор по археологија на Кембриџ, користел поинаков пристап: го анализирал односот меѓу тн. целосни браќа и сестри (со исти двајца родители) и полубраќа/полусестри (со еден заеднички родител). Колку е поголем уделот на асли браќа и сестри, толку е поголема веројатноста дека видот или општеството практикува долгорочни, ексклузивни партнерства. Врз основа на генетски и археолошки податоци, како и современи етнографски истражувања, Дајбл развил модел што овозможува споредба меѓу различни животински видови и човечки култури.
Резултатите покажуваат дека кај луѓето околу 66% од браќата и сестрите се целосни, што нè става цврсто во групата на социјално моногамни видови. Со тоа, луѓето се поблиску до меркатите (60%) и дабарите (73%), отколку до шимпанзата (4%) или горилата (6%).
Според Дајбл, ова е силен доказ дека моногамијата е доминантниот образец кај луѓето, и покрај културните разлики и фактот дека многу општества историски дозволувале полигинија (еден маж со повеќе жени). За да ги процени човечките обрасци, истражувачот анализирал генетски податоци од археолошки локалитети, како гробишта во Европа од бронзено доба и неолитски населби во Анадолија. Овие податоци ги комбинирал со информации од 94 современи општества ширум светот – од ловци-собирачи во Танзанија до земјоделски заедници во Индонезија.
И покрај големата разновидност во брачните и партнерските практики, дури и најекстремните човечки примери сè уште покажуваат повисоко ниво на моногамија отколку кај повеќето немоногамни цицачи. Меѓу видовите што се блиски до луѓето по овој критериум се и белоракиот гибон, како и мустачестиот тамарин. На врвот на листата се наоѓаат некои видови волци и диви кучиња, како и еленскиот глушец од Калифорнија, кој практикува доживотни парови и има 100% удел на целосни браќа и сестри. На спротивниот крај се наоѓаат овците од островот Сој во Шкотска, каде што само 0,6% од потомството се целосни браќа и сестри, поради честото парење со повеќе партнери.
Истражувањето сугерира дека човечката моногамија е невообичаен еволутивен развој. Нашите најблиски роднини живеат во групи со немоногамни односи, што значи дека луѓето веројатно преминале од таков систем кон стабилни парови – редок пресврт кај цицачите. За разлика од повеќето моногамни животни, кои живеат во мали семејни единици или со само една репродуктивна женка, луѓето живеат во сложени општества со повеќе парови и повеќе деца, но со силна тенденција кон долгорочно партнерство и родителска грижа.
Истражувачите нагласуваат дека студијата се фокусира на репродуктивната моногамија, а не нужно на сексуалното однесување. Кај луѓето, културните норми и контрацепцијата овозможуваат поголема раздвоеност меѓу сексуалните врски и раѓањето деца, но резултатите сепак покажуваат дека стабилните парови имаат централна улога во човечката еволуција и општествен успех.