Хрватското потекло на краватата

За многумина враќањето на работа по зимските празници значeшe повторно облекување костум и вратоврска. Овој дел од деловната „униформа“ е поедноставена верзија на краватата – луксузен шал околу вратот кој асоцира на раскош, елеганција и аристократски животен стил. Но неa всушност ja популаризирале хрватските платеници кои се бореле во Европа во 17 век. 

Потеклото на зборот „кравата“ не е модно туку воено. Приказната започнува на боиштата на Европа во 17 век, за време на Триесетгодишната војна (1618–1648), последниот голем верски конфликт на континентот. Иако шалови околу вратот постоеле и порано, токму тогаш овој предмет станал широко препознатлив.

Францускиот збор се појавил за да ја опише облеката на хрватските платеници, познати по својата суровост и ефикасност во борба. Овие брзи и смртоносни војници, кои се бореле на страната на Светото Римско Царство, носеле црвени шалови од свила или памук околу вратот, од самите Хрвати наречен „подгутница“. Но француското cravate, германското Krawatte и шанското corbata - сите се со етимологија поврзана со името на Хрватите во овие јазици. 

Шаловите имале практична функција, штителе од студ, чад и служеле како завој за раните, но имале и симболично значење. Според легендите, девојките и сопругите им ги врзувале шаловите на војниците како знак на надеж дека ќе се вратат живи. Оние за војниците биле направени од обично платно, а од поубав муслин или од свила за офицерите. 

Француската војска не само што ја забележала борбената вештина на Хрватите, туку и нивниот впечатлив изглед. Многумина од нив биле регрутирани во елитни коњички единици наречени „Кралски кравати“. Името доаѓа од начинот на врзување – „на хрватски начин“ или на француски, à la Croate.

Кралот Луј 14-ти, познат како Кралот Сонце, ја внел краватата во француската висока мода. Тој бил голем љубител на овој аксесоар, а како моден пример за благородништвото и другите европски владетели, придонел краватата брзо да се прошири низ Европа.

Првиот запис за англискиот збор cravat датира од 1656 година. Со индустриската револуција и подемот на буржоазијата во 19 век, краватата постепено еволуирала во денешната вратоврска – симбол на професионализам, ред и општествена дисциплина, особено во машката облека. Во 20 век таа станала составен дел од деловниот, дипломатскиот и политичкиот свет, но и личниот стил и израз.

Современата форма на вратоврската била патентирана во Њујорк во 1920-тите години од кројачот Џеси Лангсдорф, кој вовел конструкција што ѝ овозможила да ја задржи формата. Оттогаш, се менувале материјалите, боите и дезените – особено по Втората светска војна, кога полиестерот ја направил вратоврската подостапна и пошарена – но начинот на изработка останал речиси ист повеќе од еден век.

Со текот на времето, вратоврската станала симбол на успех, елеганција и статус, но и предмет на критика како знак на моќ, контрола и општествен притисок. На тој начин, таа и денес носи дел од своето борбено и хиерархиско наследство – наследството на краватата од 17 век.

22 јануари 2026 - 18:06