„Буквално“ - непотребниот потребен збор во повеќе јазици

„Значи како се начукав, буквално не знаев кај сум празнициве“ - ова можеби ќе биде наскоро нечија реплика, која ќе ја сфатиме метафорично или...буквално.

Јазичните „пуристи“ во повеќе јазици имаат проблем со зборот „буквално“ кога тој се користи во фигуративна смисла, како на пример „везенката беше толку лута што ми отвори трето око“.

Но истите тие мораат да признаат дека колку и да звучи како гребење со нокти по табла, користењето на небуквалното „буквално“ се развило како резултат на многу човечката желба да се пренесе чувство и да му се додаде на интензитет. 

Зборот „буквално“ (literal) во англискиот се јавил во доцниот 14 век, позајмен од Французите. Таму пак дошол од латинското littera со оригинално значење „нешто што се однесува на буквите од абецедата“. Од истиот корен е и „литература“ и англиското literate (писмен), обете поврзани со идејата на тоа да си ги познаваш буквите. 

На почетокот „литерал“ се однесувало на буквалните значења на религиските текстови, наспроти нивната алегорична, морална и метафорична природа. Но до доцниот 16 век почнува да се користи не само за вид читање, без толкувања, туку и како начин да се нагласи нечија желба зборовите да му бидат сфатени буквално.

Овој развој веќе претставува нешто што се нарекува „семантички скок“ и тоа поради следново. Ако кажеме „Трајче буквално умре од жед“, зборот буквално не придонесува кон значењето, освен што нагласува дека говорителот го мисли точно она што го кажал. Под претпоставка дека Трајче навистина умрел од жед, то ест од дехидратација, тогаш дали ќе кажеме едноставно „Тој умре од жед“ или „Тој БУКВАЛНО умре од жед“, не прави разлика. Но ако Трајче не умрел, туку само му било лошо од што МНОГУ му се пиело вода, тогаш скокот е од факт кон стилска фигура. Тоа значи дека „буквално“ буквално се претворило во својата спротивност - наместо да сигнализира реалност и факт, да ја користи таа моќ за да нагласи метафора.

Предноста во тоа сепак да се искористи овој збор е што сигнализира дека она што е кажано е необично, неверојатно или на друг начин забележително. Во областа на тн. „контроними“ - зборови со две спротивни значења, тој не е осамен. „Јанус“ зборовите (оние како митолошкиот лик, со две лица) ги има во повеќе јазици и тие ја негираат квази-еволутивната јазична логика, дека оние кои не се корисни и само создаваат збунки би требало да отпаднат од јазикот. За Величе и Ратомир и за куп контроними меѓу кои некои и опасни во англискиот види претходно тука.

24 декември 2024 - 10:29