Букбокс репортажа од Њујорк: Чекајќи го Годо со Киану Ривс

„Десетина илјади кои се заглавени во човечка меласа не верувам дека знаат зошто се тука. Не дека јас не сум го правел истото, млад и зелен. Ми се чини дека токму тој аспект на човековата природа, да знаеме да заглавиме, е она што му беше на Бекет на ум. Не многу пред да биде напишана Чекајќи го Годо, човештвото беше заглавено во војна. Бекет, преживеан, но не и оптимистичен, не потсетува дека ќе заглавиме пак. И денес, толку години после Втората светска војна, заборавивме на ужасите и се чини дека се движиме кон состојбата на меласа.“

пишува: Илија Дуковски

Многу сакам да се шетам низ Њујорк во зима. Особено околу Божик и Нова Година, градот е мераклиски накитен, со огромни елки, лизгање на отворено и редови за топла чоколада. Оваа година син ми инсистираше да спиеме во Бруклин, за да му се блиску продавниците со стара и носена облека. Не ми е јасно од каде разви вкус за „трифт”, но буричкање по случајно наредни рафтови со износени маици и панталони му е омилена забава. Не дека не тргувал по Менхетен кога беше помал, ама ете сега стилот му стана и политички став. И изборот на ресторан вечерта, пред задолжителната претстава на Бродвеј, беше малце зачинет со неговата политика. Детево кое волонтираше во кампањата на Мамдани, сега градоначалник на Њујорк, нè убеди да одиме во палестинскиот ресторан Ајат во Ист Вилиџ. Бил спомнат во Мишелин водичот. Не дека немаше да одиме и да не беше спомнат.  
 
Пред вечерата аперитиравме во Динг-а-линг преку пат од Ајат, коктел бар кој изгледа како да служат само мартини и јаки работи (добро беше мартинито). Син ми не забавуваше со бескрајни сикс-севен гестови. После вечерата правец Бродвеј, театарот Хадсон, да ја гледаме Чекајќи го Годо, чедо на Киану Ривс. Киану го играше Естрагон, а за Владимир го собра другар му Алекс Винтер. Со Алекс всушност ја започна кариерата со тинејџерската зезанција, „Одличната авантура на Бил и Тед“. Од тогаш се другари. Тоа се гледа и на сцената на Годо. Дијалогот кој не води никаде им тече како песничка. Двајцата се дополнуваат со перфектен тек и синхронизација, рецитираат. Не потсетија на Бил и Тед, дури и буквално. Во еден момент, кога Естрагон и Владимир се сеќаваат на деновите кои поминаа, Киану и Алекс на секунда го изведоа нивниот риф со воздушни гитари од Одличната авантура. Публиката гласно се смееше и аплаудираше. Чекајќи го Годо може да биде и комедија.

Што тип на претстава всушност е Чекајќи го Годо, Господ ќе знае? Семјуел Бекет ја составил веднаш по Втората светска војна. Сето дејствие се одвива кај едно дрво, под кое двајцата ликови го чекаат господин Годо да дојде. Не им е удобно, Естрагон завршил во ендек претходната ноќ, го мачи чевелот, не може да го собуе. Но мораат да седат тука, под дрвото, затоа што господин Годо само што не дошол. Се мислат што да прават. Да одат, да чекаат, мораат ли да чекаат? Не знаат што да прават. Не знаат што прават. Не знаат што да се прави. Да чекаат или да се обесат да си ги скратат маките? Што да се прави? Не можат ни да се обесат, мораат да го дочекаат Годо. 

Истото прашање би можело да им се постави и на гунгулата туристи, недалеку од тука, на Тајм сквер. Десетина илјади кои се заглавени во човечка меласа не верувам дека знаат зошто се тука. Не дека јас не сум го правел истото, млад и зелен. Ми се чини дека токму тој аспект на човековата природа (или егзистенција, ако така ви се допаѓа повеќе), да знаеме да заглавиме, е она што му беше на Бекет на ум. Не многу пред да биде напишана „Чекајќи го Годо“, човештвото беше заглавено во војна. Бекет, преживеан, но не и оптимистичен, не потсетува дека ќе заглавиме пак. И денес, толку години после Втората светска војна, заборавивме на ужасите, и се чини дека се движиме кон состојбата на меласа. Во Македонија се чека за во ЕУ па да се почне, во ЕУ чекаат да заврши ова па да одморат. 

Фаќањето на тој момент веројатно е она што ја прави претставата често да биде прогласувана за најбитна во 20-тиот век. Овие руминации, зошто ли е ова толку значајно уметничко дело, ме потсетија на скулптурата Тркало од точак на Марсел Дишан (во поставката на Музејот на модерна уметност, тука во Њујорк), која ја видов со другар и другарка ми од средно пред десетина години. Скулптурата е тривијална и апсурдна, буквално тркало од точак ставено на столче. Другар ми Шазо ме праша, кој к*р е ова уметност? Како добар домаќин, да не го разочарам, се залетав да објаснувам дека делото е створено околу Првата светска војна. И тогаш истото прашање за интегритетот на оваа уметност секако било поставувано, не ли е ова апсурдно да се смета за нешто. Но не ли е апсурдно она надвор? Сета накитена и култивирана Европа си ги прати децата да гнијат во некој ров накај Дојран и Преспа. Скулптурата си беше на место. Не е неочекувано апсурдни времиња да произведат апсурдна култура. Како она сикс-севен на децата во Америка денеска. 

Чекајќи го Годо во изведбата на современици, Киану и Алекс, изгледа свежо. Сценографијата е само еден светол конус, фишек или корнет со отвор во средина. Ликовите се обидуваат да се качат нагоре кон врвот на големиот фишек, секогаш неуспешно. Дрвото го нема на сцената, туку Естрагон и Владимир го гледаат во нас, во публиката. На сред прв чин се појавуваат Поцо и неговиот роб Лаки. Поцо во мантил, страшен како да е негативец од Матрицата. Лаки немоќен, во инвалидска количка, не држи во неизвесност дали ќе му откажат кочниците и ќе се струполи низ корнетот во публиката.  На крај на чинот детето доаѓа да им каже дека господин Годо нема да дојде денес. Ќе почекаат малку до утре.

Во вториот чин Поцо и Лаки се подруги. Поцо не се сеќава дека ги сретнал Естрагон и Владимир. И детето, облечено во бело, како мало ангелче, пак се појавува. Им вели дека не ги знае. Зарем не беше вчера тука? Не, господине. Ама го знае Господин Годо кој им порачува да причекаат. Што да се прави? Господ знае. 

А не дека не ни беше забавно. Во еден момент, на прашањето колку е стар еден од ликовите, Киану одговори: Six-seven, maybe eleven.  

20 јануари 2026 - 09:05