Музејот „Леонардо 3 - Светот на Леонардо“ е лоциран на Пјаца дела Скала, во непосредна близина на славната оперска куќа и на еден од влезовите во Галерија Виторија Емануеле Втори, најстариот активен „шопинг мол“ во Италија, која го добила името по првиот крал на оваа земја. Сепак, најважно е што спроти музејот се извишува споменикот на полиматот кој својата кариера ја започнал во Фиренца, но подоцна поминал многу време во служба на Лудовико Сфорца, војводата од Милано, па оттаму овој град го смета за „свој човек“.
Поставката која прерасна од привремена во постојана во 2021 година можеби по обем не е голема, но е прва во светот која содржи толкав број на физички модели на замислените машини на Да Винчи, како и дигитализирани реставрации на неговите најзначајни слики.
Еден од првите артефакти е нацрт и макетна изведба на тајно оружје, кое најверојатно никогаш не било физички изведено. Станува збор за механичка подморница, придвижувана од легнат човек со пераи, кој без да биде забележан влегува во неа, ја откачува од главниот брод и кога ќе му се приближи на непријателскиот брод го саботира „знаете со што“. Така барем пишува во текстот кој го придружува нацртот на Да Винчи, кој очигледно не сакал да оди во детали, за изумот да не му биде ископиран или од друг пронаоѓач или од непријателите.
Моделот на подморницата, како и на другите направи, е детално прикажан на придружните интерактивни дисплеи. Два од нив предизвикуваат најголем интерес: механичкиот лав, како и самовозечкиот автомобил.
Првиот бил нарачан од папата Лео Десетти (кој знае дали лавот има врска името на папата) за францускиот крал Франсоа Први на почетокот на 16 век. Идејата била францускиот монарх да биде забавуван со тоа што лавот полека би чекорел до него и би му оставил букети кринови крај нозете. Направен е од дрво и е долг три метри, а замислен е да се движи со помош на систем на запчаници и јажиња. На градите има мала кутија која се отвора за од внатре да паѓаат цвеќињата. Сето ова е реконструирано според логиката на денешните истражувачи, бидејќи фолијата на Да Винчи најверојатно намерно не содржат детални објаснувања.
Што се однесува до самодвижечкиот автомобил, тој се смета за првиот замислен робот на светот. Нови сознанија укажуваат дека како и други пронајдоци (на пример голема подвижна птица која се движи по жица) и овој имал театарска намена. Но без оглед на првичната цел, тој ги содржел сите делови кои би му овозможувале да се движи или право или согласно претходно утврдени агли на движење. Овој дизајн бил толку пред своето време, што точниот начин на функционирање ги збунувал истражувачите до доцниот 20 век. Во 2006 италијанскиот Институт и музеј на историја на науката во Фиренца изградил работен модел базиран на нацртите и на изненадување на многумина, количката работела.
Од останатите изуми впечатливи се музичките инструменти, кои се оригинална замисла на Леонардо. Меѓу нив се изложени модели на „виола органиста“ која дава звук кој е мешавина на органа и виола да гамба. „Пива континуа“ е воздушен инструмент во форма на лепеза (или „дувало“ за разгорување оган) кој постојано се полни и се празни со воздух и притоа создава звук, како и „лизгачките“ флејти кои немаат дупчиња туку вертикални изрези.
По излегувањето од изложбата некако не ви е јасно како е можно сето ова, и многу повеќе, да го има замислено еден единствен човек. Mногу малку се знае за неговото детство, но некако би се обложиле дека не бил „петкаш“.