Брилијантниот лингвист кој ја наведувал својата мачка како ко-автор

Јуриј Кнорозов бил советски лингвист, кој имал огромен удел во својата област - разоткривање на тајните на писмото на древните средноамерикански цивилизации. Денес сепак е најпознат по приказната дека својата сијамска мачка Асја ја ставал како ко-автор на неговите дела.

Една од најголемите цивилизации на западната хемисфера, онаа на Маите, е позната по достигнувањата во областа на астрономијата, земјоделието и архитектурата. И покрај тоа што е проучувана со генерации, имало големи „дупки“ во знаењето за нивната историја, кои не биле пополнети сè до дешифрирањето на необичните написи на овој народ. Тоа го сторил советски истражувач по потекло од Харкив, Украина, роден пред 102 години. Се викал Јуриј Кнорозов.

Родителите му биле руски интелектуалци, а баба му театарска актерка со национална репутација. На школо, младиот Јуриј бил тежок и ексцентричен ученик, кој без трошка труд добивал одлични оценки, но со постојани укори за лошо поведение. Сепак, никој не можел да одрече дека бил бистар и талентиран на повеќе полиња - свирел виолина, пишувал романтична поезија и практично бил добар во сето она за што реално ќе се заинтересирал.

Во 1940, на возраст од 17 години, заминал за Москва каде ги започнал студиите на новоформираниот оддел за етнологија. На почетокот сакал да специјализира египетологија. Ова било прекинато од Втората светска војна, во која најпрвин успевал да го одбегне служењето на воен рок, но на крај морал да се придружи на армијата, со врски поставен на позицијата телефонски оператор во артилеријата.

Легендата вели дека кога неговата единица влегла во Берлин тој случајно наишол на книга која подоцна ќе го поттикне неговиот интерес за писмото на Маите. Ја спасил од тамошната Национална библиотека која била запалена, со што од пламените јазици било извлечено ретко издание кое содржело репродукции на три „кодекси“ - пресвиткани кори од дрво (најчесто смоква) на кои професионални писари оставиле записи за актуелни настани. 

По војната, врз основа на овие наоди, тој го објавил својот револуционерен текст „Древното писмо на Централна Америка“, во кој исчекорил од претходните широко прифатени тврдења дека Маите користеле (исто како и Еѓипјаните) хиероглифски систем на енигматски симболи и знаци. Докажал дека симболите се всушност слогови, односно дека претставуваат звуци, а не идеи. 

Биле потребни многу години за да се надмине суетата на академските ривали и достигнувањата на Кнорозов да бидат признаени, особено зад Железната завеса. Она што му го замерале, меѓу другото, било што никогаш не ги имал посетено земјите за коишто зборувал и немал пристап до никаков материјал од прва рака. Но затоа пак имал увид во долгата историја на писмата низ светот и силен интелект кој можел да ги согледа истите во компаративно светло. Ги посетил спомениците на Маите дури 40 години по објавувањето на текстот во кој ги обелоденува тајните на нивните написи. 

Неговата популарност на интернет пак се должи на една навидум споредна приказна - многу сакал животни, особено мачки, и постојано се сликал со својата сијамка, Асја (со намуртен лик на сериски убиец). Неа ја ставал и како ко-автор на стручните написи, и многу се лутел кога уредниците ќе му ја избришеле соработничката (или ќе ја изваделе од фотографијата). Во истата поза, држејќи мачка, е прикажан и на својот надгробен споменик. 

извор

13 септември 2024 - 11:43