„Фортунатус“ („К’сметлијата“) е краток роман од 1509, објавен анонимно во Аугсбург, дом на за тоа време неверојатно богатата династија Фугер. Приказната, која најверојатно се базира на народна сказна, го следи животот на млад маж со истото име, кој успева од никој и ништо да стане неверојатно богат и славен.
Со потекло од Фамагуста, на источниот брег на Кипар, тој на почетокот од книгата во шума се среќава со божицата на среќата, Фортуна, и од неа добива паричник кој се полни секогаш кога од него ќе зе извадат златници. Фортунатус почнува да патува низ голем број земји - во Каиро е гостин на султанот, кој му покажува шапка која може да го пренесе (телепортира) оној кој ја носи на кое било место. Фортунатус му ја краде и се враќа на Кипар каде води луксузен живот. На смртната постела им го остава ќесето на своите синови Ампедо и Анделосија, но тие се толку завидливи еден на друг, што на крај нивната алчност им ја уништува наследената среќа.
Толкувања на оваа приказна, која во времето на нејзиното настанување била бестселер, а доживеала и повеќе преводи и адаптации, се различни. Но преовладуваат оние кои велат дека таа го означува преминот од феудализам во нов вид економија, со сите нејзини добри страни, но и ризици, особено по личноста на нагло збогатените. Фортунатус, сосема спротивно и иронично од своето „среќно“ име, е подложен на алчност, егоизам, самодоволност, дури и криминална социопатија, слично како и истражувањата на современите милијардери од почетокот на овој текст.
Во следните три векови „Фортунатус“ е еден од најпреведуваните и најадаптираните книжевни текстови во Европа, и тој служи како алатка за трасирање на трансформациите на политичката економија - од човек со празен џеб до човек со торбиче (читај: банкарска сметка) која постојано се полни без оглед колку од неа се троши. А притоа самиот човек е повторно несреќен, исто како и на почетокот.