Во мај 2010-та Либан го постави рекордот за најголема порција хумус, чија тежина беше нешто над 10 тона. Тие веќе имаа искуство со овој рекорд - во октомври 2009 прв пат добија признание во оваа категорија, иако тогаш хумусот тежеше само два тона.
Но Израел многу бргу го возврати ударот со уште поголема порција, од цели 11,5 тони.
Ова натегање стана познато како „Војна на хумусот“ и симбол на сета тензија на Блискиот исток. Истовремено со гастрономскиот дел од битката, Либан се обидуваше да го регистрира терминот „хумус“ во ЕУ како производ со заштитено потекло, потег кој би ги спречил другите блискоисточни земји од тоа да го користат (инцијативата додуша не им успеа). Либанскиот министер за туризам дури се послужи со етимолошки аргументи - дека зборот за наут во арапскиот е хумус, па оттаму е повеќе од јасно дека тоа не може да биде израелски производ.
Но Израел има поинаква приказна - кога се формирала младата држава, нејзините граѓани доаѓале од сите страни на светот. Недостасувала унифицирачка гастрономска традиција. Така хумусот станал прехранбен НЗС за нив, со уште еден битен симболички елемент, овој пат во однос на Палестинците, на кои на овој начин не само што им ја зеле земјата, туку симболички и храната. Така хумусот станал храна на новиот „сабра“ - термин за Евреин роден на израелска територија, особено за маж, бидејќи колективното јадење во „хумусарници“, со отсечни кружни движења на мацање во намазот, се смета за „машки“ ритуал.
Хумусот денес е глобален феномен, особено згоден за диеталци и вегетаријанци. Сепак, на неговите љубители блискоисточните дилеми им се далечни и повеќе ги интересираат трикови кои ќе го направат помазен (за тоа видете кај Кирил).