Веројатно најдобриот хумус

Хумусот до пред некое време беше плодна почва. Но хипстерскиот тренд полека го претвори во веганска паштета. Јас искрено за хумусот како намаз не бев чул до пред 2010 година. Потоа со експанзијата на интернетот кога почнав да буричкам по интервјуа со музичари коишто ги слушам, а којшто се генерално дел од хардкорпанк сцената и се вегани уште пред веганите да станат вегани, кога и да се начнеше тема храна, сите го наведуваа хумусот како еден од омилените храни.

Пат под нозе, тастатура под раце и шпринт правец на Википедија. Кога има шо да видам: сос од таан, лук и наут. Од овие состојки во тоа време бев фан само на лук. Наутот или леблебија јадев само по потреба кога имав раритетна столица, а таанот ме асоцираше на алва од парастоси и задушници и имав некаква необјаснива аверзија кон него. Но со тек на време работите се сменија. Како и сè друго по обичај, пробав да направам сам. Првите неколку години сите обиди ми беа полу-успешни затоа што крајната текстура никако не ми излегуваше мазна туку остануваа мали груткички. Но, земав малце да копам подлабоко во сајбер археолошките терени на интернетот и најдов кулинарски трик којшто во последните неколку години станаа познат и циркулираше по сите социјални медиуми кога станува збор за овој рецепт. Затоа денес правиме ултра кремаст хумус кој споредбено со грамажата и цената од маркет ќе ви биде крајно поисплатлив.

Успат со него ќе припремаме еден облак карфиол на блиско-источен начин.

Идеме Аладини и Аладинки: За хумусот ни е потребно едно пакување од варен наут, околу 350 до 400гр, 2,5 супени лажици таан а.к.а тахини, чешниња лук по желба на крвниот притисок, сок од половина лимон, сол и бибер. И маслиново масло. Сето ова оди во блендер и блендаме околу дваесетина секунди. И овде на ред е трикот којшто ќе го кремира хумусот со супер мазна текстура: 3 коцки мраз.

Блендираме крволочно уште минута до две нашиот хумус е готов.

За карфиолот: ја премачкуваме целата топка карфиол со маслиново масло. Потоа ја зачинуваме со сол, кари и црвен пипер. Добро ги премачкуваме зачините на површината на целата топка. Печеме во рерна загреана на 200 степени 40 до 45 минути. Кога карфиолот ни е спремен го сечеме на четири дела и послужуваме заедно со хумусот.

Ова е еден од ретките хардкор вегански рецепти во нашата рубрика. Хумусот е доста богат со протеин, карфиолот исто така е низок на јаглехидрати, така да ова е еден од ретките здрави вегански рецепти. Генерално нивните замени за месни или млечни производи се супер штетни затоа што се процесирани до мали души.

Уживајте!

Кирил Стоименов - кари Мата кари

25 мај 2024 - 22:26