+18

Бизарните средовековни судења за импотенција

Меѓу ретките средства кои им стоеле на располагање на жените од „мрачниот“ среден век за развод било да докажат дека нивните сопрузи не се во состојба да ги извршуваат брачните должности. За оваа цел пред црковниот суд биле повикувани сведоци, но и „тестери“ на гениталиите на сиротиот обвинет. 

Во 1370 извесна Тедиа Лембхирд од Англија побарала развод од Џон Сондирсон, тврдејќи дека нејзиниот маж не е во состојба да ги извршува брачните обврски. Истото морала и да го докаже. За среќа имала сведок, кој потврдил пред црковниот суд дека го имал видено парот како неуспешно се обидува да копулира во амбарот на Џон пред 9 часот сабајле едно пролетно утро. Иако Џон и Тедиа „со ентузијазам пристапиле кон плотното дејство“, сведокот изјавил дека видел како „ортомата на Џон била спуштена и немало шанси да се подигне“. Но тоа не е сè. И братот на Џон бил присутен на лице мсто, па сакајќи да му се најде (буквално) при рака, го погалил пенисот на Џон за да види дали тоа ќе има некаков ефект.

Значи да сумираме: Џон Сондирсон не само што се обидел (безуспешно) да има утрински амбарски секс со својата жена пред публика од двајца мажи, туку исто така добил неефикасна рачна стимулација од својот сопствен брат. Кој знае зошто бил индиспониран! Сепак, Тедиа го добила и случајот и посакуваниот развод.

Колку и да изгледа бизарно, овој случај е само еден од бројните слични од доцниот англиски среден век, кој се однесува на докажувањето импотенција. Ова за жените бил важен елемент бидејќи бил еден од ретките врз основа на кои тие можеле успешно да добијат развод, со оглед на тоа што католичката црква верувала дека брачните содружници си должат секс, односно дека тоа спаѓа во нивните обврски. Сепак, бидејќи исказот на жената не бил доволен, биле потребни сведоци, и тоа по можност мажи.

Но понекогаш овие „сведоци“ биле повеќе истражители или „тестери“. Средовековниот историчар Бронах Кејн истражува некои од случаите во својата книга „Импотенција и девственост во доцниот среден век во црковниот суд на Јорк“, наведувајќи дека физичките инспекции на гениталиите од страна на пријатели и соседи на обвинетите биле користени за да се одреди нивна потенцијална импотенција, девственост или бременост.

Сведоци често биле другарки на жената, вдовици или локални сексуални работнички. Од нив (главно од последните) било барано пред самиот суд да ги изложат своите гради и гениталии на наводно импотентниот маж, да му дадат пиво и грицки, да го бакнуваат и да му го галат „алатот“ во топла соба за да видат дали ќе се возбуди. Но понекогаш вакви активни сведоци биле други мажи кои дури и „помагале“ за колегата да доживее ерекција и оттаму да си го зачува и достоинството и бракот. При „инспекциите“ се случувале и комични ситуации, на пример кога одреден маж ќе се изјаснел за органот на обвинетиот со толку ласкави епитети што од нив зрачеле завист и љубомора - на пример за „ракофатот и половина“ колку што изнесувала неговата големина, тогаш стандардна мерка наместо денешните банални сантиметри.

Ваквиот обичај е зачуван во бројни песни од тоа време, во кои групи жени со алкохол во рака се жалат на своите импотентни мажи, споредувајќи ги нивните пениси со полжави или бумбари. Други песни се сочинети од самите мажи, кои жалат за својата импотенција и нудат совети за зачувување на машкоста: зачини, слатко вино, топли масла и (само)надразнување пред оган.

Овие историски базирани приказни се можеби скандалозни и сексуално експлицитни за денешниот политички коректен вкус. Но тие покажуваат колку отворено зборувале луѓето од средниот век за своите сексуални животи - дека членовите на семејството, соседите и пријателите не само што ги дискутирале, си ги гледале и ги споредувале гениталиите, туку и не сметале дека е необично да си ги допираат (и тоа јавно, пред суд). Импотенцијата не била табу тема како денес, и иако сигурно имало „местенки“ во корист на жените, сепак било нешто за што отворено се зборувало.

извор

17 ноември 2020 - 08:47