Ја апселе два пати, а се мажела четири пати. Најпрвин одгледувала свињи, па се приклучила на морнарицата, па дезертирала, па се коцкала, па готвела за архиепископи...Рут Шо самата себеси денес се опишува како „проводаџијка“, таква која соединува луѓе со книги.
По издавањето на нејзиниот мемоар „Продавачката на книги на крајот на светот“ на почетокот на април, на 75-годишната Новозеланѓанка постојано ѝ ѕвони телефонот. Нејзината приказна е необична на повеќе начини, меѓу другото и затоа што иако има книжари кои живеат појужно од неа, никој не е толку далеку како Шо, вгнездена во својот имот во Фјордленд, на бреговите на езерото Манапури.
Книжарницата се вика „Ви“ (Wee), и од надвор изгледа како игротека, со мало капетанско ѕвонче на вратата и знак на кој пишува: „Отворено е, ако не сум тука ѕвонете појако“.
Таа е во пензија и реално нема потреба да продава книги. Но ужива во тоа луѓето што ќе стигнат на ова оддалечено место ќе си ја најдат книгата што ја барале долго време. Всушност, почесто подарува отколку што продава книги.
Во летната сезона тука се собираат голем број кампери, па Рут отворила и детска библиотека каде тие можат да се препелкаат и да читаат на подот. Кога забележала дека жените и децата влегуваат во книжарницата но мажите ги чекаат надвор, одлучила да направи уште еден оддел, нешто како тераса, каде ставила книги за лов, риболов, трактори и возови, мапи, како и стари копии од „Плејбој“. Додуша знае и да одбие купувачи, како некоја жена која сака исклучиво такви кои ќе ѝ одат со мебелот.
Но приказната на Шо не била отсекогаш вака идилична. Била порасната во конзервативно католичко семејство. На 17 била силувана во празен автобус, од локално момче на кое му помагале двајца пријатели. По конфронтацијата помеѓу татко ѝ и тоа момче добила банкнота од 50 фунти. Не било јасно дали е тоа цената на силувањето или на нејзиниот молк. Два месеца подоцна открила дека е бремена, па парите ги употребила за да си ги плати трошоците додека била испратена во друг град за да ја скрие бременоста.
Нејзиниот син се родил во април 1964, и веднаш ѝ бил одземен. Конечно го пронашла дваесет години подоцна.
По ова Шо се пријавила во морнарицата, но не можела да ја издржи дисциплината и начинот на којшто војската се однесувала кон жените во 1960-тите. Дезертирала и била уапсена. Продолжила да работи како готвачка за архиепископот на Велингтон, но не ја држело место. Наскоро повторно се нашла на Пацификот, работејќи како неплатена готвачка на јахта, која се закотвила на Тахити во момент кога таа била без динар. Без да го знае јазикот почнала да води нелегална коцкарница на локалниот пазар. Пак ја упасиле и ѝ наредиле да го напушти островот.
Токму тогаш добила понуда за брак од човек од посадата на јахтата. Се зеле и таа останала бремена. Но пред да се породи мажот починал во сообраќајка, а бебето откако се родило поживеало едвај 13 часа.
Следат уште детали, кои е тешко да се споредат дури и со филм - уште бракови, бродови, пирати, едвај одбегната сексуална работа. Сето ова ја довело до обид за самоубиство и психијатриска болница.
Наскоро ја пронашла својата мисија во еколошка одбрана на Тасманија, каде се обидела заедно со пријатели да ја запрат изградбата на браната Френклин, а потоа како застапник на жени жртви на трговија со луѓе.
„Мојот живот беше тотално луд“, изјавила во интервју за новозеландска телевизија во 2020. Нејзината приказна привлекла толку внимание што почнала да ја става на хартија, а наскоро ѝ бил понуден и договор од австралиски издавач. Вели дека сите овие искуства ја направиле подобар продавач на книги: одлучна, фокусирана, длабоко емотивна, лојална и со талент за проценка на луѓе и за тоа која книга би им одговарала.